Што се чека(ше)?

02.02.2017 00:39
Што се чека(ше)?

1.

По некаква коинциденција, или пак стварно има Некој горе, штом мафиозото не успеа да состави влада, времето попушти. Снегот се (с)топи, деновите се стоплија. Ама што фајда. Овде долу просто како да нема кој сериозно да ги земе работите во свои раце и да го направи тоа што сите го очекуваат. И што е логично, и нормално. А многумина, богами, потрошија и значително време во активен придонес за збогување со криминалнава багра.

И сега, кога треба сиот тој напор да вроди со плод, нештата пак стојат закочени? Некој не знае што треба да направи, не умее тоа да го направи или… во што е проблемот? Сега пак ќе го чекаме оној идиот од Водно да смислува начини како да ја изигра опозицијата? Прво чекаше Собранието да го информира дека мафијата не успеала да состави влада. А Собранието, нормално, известувањето ќе му го даде на некој курир дојден овде од Кратово, па таа јада не знае каде е Хорхе, па дури да го најде поминуваат десет дена. Или го пуштиле известувањето по гулапче, а на Водно – магла? Среќа од вчера почнува забрана за лов инаку некој снајпер ќе го суредеше и пак ќе чекавме! И кога стигна гулапчето, идиотот смисли дека допрва треба де се консултира со „институциите“? Па ние да има(в)ме институции не ќе има(в)ме ваква мафијашка држава! А инаку, што правеше идиотот овие дваесет дена? Гледаше Телетабиси? Сега допрва ќе оди во Усраниот суд на муабет и кафепиење? Не можеше тоа да го направи пред десет, петнаесет дена, кога веќе беше јасно дека од неговите пулени ништо не бидува? Утре да не тргне на консултации и по судовите во соседните земји? Па нели е некаков професор, по некакво право? По кое, какво и чие право? Писмен ли е, впрочем, сам да земе да чита?

Или по којзнае кој пат се повторува приказната дека ние упорно чекаме некој нешто да ни даде, иако тоа „нешто“ природно – а во случајов и по сила на Устав и демократски процедури – ни припаѓа?

2.

Не можам да разберам како оваа опозиција ништо не научи во овие десет години. Или барем во последниве две. Не научи ли со кои и какви бараби си има работа и дека од нив треба да очекува „нешто“, но тоа нешто е само најлошата варијанта за неа и за државава? И уште колку време им треба тоа да го научат?

Може ли, навистина, да испаднат толку наивни и да дозволат памет да ни солат протуви од типот на Климовски, Поповски, Каракамишева…? И тие да го диктираат текот на политичките настани и процедурите? А мафиозите да си го подаваат мандатот како во рагби натпревар – наназад и само на своите? Па кога ќе заврши кругот во нивниот извршен или како им се вика комитет, да продолжат втор круг? И така во недоглед, со поддршката на идиотот и „институциите“?!

И токму таа опозиција, која што од гласачите бараше безрезервна поддршка и нудеше живот, веќе од 12 декември ја (с)нема никаде. Го доби бараното и – се загуби. Како политиката да им е викенд-забава, а не професија, платена. Како зимските одморалишта да ќе се запустеа без нив. Не само што ги оставија членството и симпатизерите на ветрометина и црните пропаганди на бандитите цели месец и половина, туку луѓето почнаа и да си прават и мајтап на нивна сметка. А нив мува не ги лази. И сега приказната како да продолжува. Повторно се губат, не знаат што да прават, никој уста не отвора или пак бараат, безмалу молат некој нешто да им даде, да им се смилува. Зошто, и од кого очекуваат милост? Што и кого чекаат? Впрочем, сосема легитимно е и прашањето: а што правеа овие дваесет дена? Или мислеа дека идиотот ќе ги дочека со слатко и кафе и мандат на сребрен послужавник?

Па доволно беше да ги прочитаат советите од неколкумина – од Села, од Тричковски, ако не повеќе – и да им стане јасно што треба да прават. Или – престанаа и да читаат опиени во радоста што се вратија во Собранието? Иако нема таму да останат долго ако повторно им ја препуштат целосната иницијатива на бандитиве. А натаму е тргната работава. Или мислат дека знаат и умеат повеќе и подобро? Е па, ајде да ги видиме на дело, конечно.

Не може човек да не се согласи и со ставот дека ова не е Бит пазар и дека во политиката не смеат да владеат такви односи. Ама, прво, на нашиов Бит пазар функционираат многу поздрава логика и односи отколку во нашава „елитна“ политика, и второ, ова што ни се случува е циркус Медрано, а не Бит пазар.

3.

Затоа, ако имаа(т) сериозна намера да прават влада и да ја вадат државава и народов од црнава кал, нека ги соберат тие 61 пратеник и – правец Водно. Уште утре, рано сабајле. Не да бараат прием кај идиотот туку да му удрат на маса и, ако треба, да го избркаат од дувлото. Па нека прави консултации на улица! Таму и му е местото, а не да држи говори колку се грижи за нас и за државата.

Ако пак немаат такви намери односно не можат да состават потребен број пратеници, ако навистина не се способни да го земат тоа што им стои под носот и што народот им го испорача, тогаш нека нè олабават, барем да не сметаме на нив. Можеби народов повторно ќе се самоорганизира, можеби пак младите ќе излезат на улица – ене, се стопли времето – па ќе мораат и тие, сакале не сакале, да се размрдаат. И белки тогаш некој ќе им шепне што да прават?!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото