Застрашувачки податоци: Од Македонија емигрирале 24,8 проценти од населението!

03.02.2017 02:14
Застрашувачки податоци: Од Македонија емигрирале 24.,8 проценти од населението!

Нова мапа на Европа создадена од чешкиот картограф, лингвист и математичар Јакуб Мариан открива во кои европски земји голем број луѓе одлучиле да се преселат и да живеат во странство, пишува Јутарњи, а пренесува Дневни Аваз.

На врвот на листата е Босна и Херцеговина, а веднаш по неа се Албанија, Македонија, Португалија, Црна Гора и Молдавија, па Хрватска.

Од овие земји, според податоците од 2015 година, емигрирало речиси една петтина од населението родено таму.

Најголем број жители од Балканот се иселиле од Босна и Херцеговина. Околу 1,6 милиони луѓе родени во земјата живеат во странство, што е околу 43,3 отсто - пет проценти повеќе од следната земја на листата - Албанија.

10 земји со најголем број луѓе кои се отселиле од родниот крај и сега живеат во странство се:

Босна и Херцеговина - 43,3 отсто
Албанија - 38,8 отсто
Македонија - 24,8 отсто
Португалија - 22,3 отсто
Црна Гора - 22,1 отсто
Молдавија - 21,8 отсто
Хрватска - 20,4 отсто
Литванија - 18,9 отсто
Ирска - 18,8 отсто
Романија - 17,5 отсто

Во Германија четири милиони луѓе или 5 отсто ја напуштиле својата татковина и најмногу се отселиле во САД, додека од Италија отишле 2,9 милиони луѓе (4,9 отсто) и тоа најмногу во Германија, исто како Полјаците. Таа земја ја напуштиле 4,4 милиони или 11,5 отсто.

Алп Мехмет, потпретседател на независна организација Migration Watch од Велика Британија, тврди дека преселбата е последица на големите разлики во нивоата на приходите и разликата во животниот стандард помеѓу богатите и помалку богатите земји-членки на ЕУ и другите посиромашни земји.

Јакуб Мариан напоменува дека податоците се земени од базата на ОН и се базирани врз местото на раѓање, а не државјанството или националноста, што значи дека германски граѓани родени во германско семејство во Полска, кои подоцна се преселиле во Германија се сметаат за полски емигранти, иако никогаш „активно“ не живееле во Полска.

Мариан направил уште една мапа, што ги покажува најчестите дестинации на мигрантите, односно во која земја тие заминуваат.

Мапата, така, покажува дека од Македонија најмногу население е преселено во Турција, исто како и од Бугарија, додека Србите најмногу заминувале во Австрија, а Грците во Германија.

Во Хрватска од сите земји најмногу се доселиле Срби, а во Босна и Херцеговина главно Хрвати.

Според податоците на мапата повеќе Австралијци емигрирале во Англија отколку каде било на друго место во Европа, а дека Американците најмногу од сите европски земји ја преферираат Германија како земја во која сакаат да го продолжат животот.

Извор: Плусинфо