Диктаторите завршуваат криејќи се во дупка

27.02.2017 02:13
Диктаторите завршуваат криејќи се во дупка

Според книгата „Штазиленд“ од Ана Фандер, со месеци пред да падне источногерманскиот режим членовите на Штази заговарале граѓанска војна, оделе на боево гаѓање и се занимавале со слични гачки.

Како што се приближувал крајот, така поголем дел од времето почнале да посветуваат на уништување документација, палење досиеја и слични подготовки за вклопување во новата реалност. За целото тоа време источните Германци демонстрирале мирно и ненасилно.

На крај членовите на Штази си отишле по дома и го гледале на ТВ падот на Берлинскиот ѕид.

***

Според книгата „Сто и еден ден“ од Осне Сејерштад, норвешка новинарка која била во Багдад при падот на Садам Хусеин, партијата БААТ организирала паради на кои му се колнеле на верност на водачот „маченик“, ги вооружувала членовите, складирала оружје по училишта и спортски сали за да го користат против Американците што доаѓале.

Кога Американците дошле, народот си останал по дома.

Новинарката отишла да ја посети претседателската палата. Американските војници ја прошетале - комплексот опфаќал неколку квадратни километри, како мал град. Главната зграда имала 258 соби.

„Влегуваме во една сала. Изгледа како вавилонска верзија на Версај на Луј XIV: сала по сала, подови од мермер и ѕидови од брокат. Нашите чекори одекнуваат. Најголемиот дел од мебелот е тргнат, а тоа што е останато може да се опише како имитација на барокот. Спалните соби имаат различни видови кревети - од махагони, бело обоени, со дрворези.

Во палатата на Удај (синот на Садам), американските војници пронашле порнографски филмови, кутии со шампањ, виски и рум, облека од познати дизајнери, маси за билијард, џакузи бањи, куп приватни фотографии и оружје. Плакарот на Садам е празен. Многу од неговите работи се тргнати многу пред војната.“

Садам го најдоа после некое време како се крие во некоја дупка. Буквално.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња