Обраќањето на Иванов – куп манипулации натрупани една преку друга

04.03.2017 13:22
Обраќањето на Иванов – куп манипулации натрупани една преку друга

Со оглед на тоа што овде се соочуваме со прилично неовообичаен говор, во кој елементите кои содржат манипулации и невистини се толку многу натрупани, што изискуваат анализа пасус по пасус, а во некои случаи и реченица по реченица со цел густите манипулации да можат да разглобат на основните елементи и да можат да се анализираат детално и сеопфатно за да не ни изгбегаат значајни поединечни ставови или збирни тврдења кои даваат поширока, во најголем дел погрешна слика.

По изборите бевме непријатно изненадени од една постизборна политичка платформа од туѓа држава. Платформата е постизборен документ изработен и потпишан во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Содржината на платформата е надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор.

Не е точно дека платформата е „изработена“ во туѓа држава, ниту, пак, во кабинет на странски државник. Платформата е изработена од страна на ДУИ. Како што е многу добро познато и како што е објавено и во медиумите, ДУИ, како автор на овој документ почна да ги повикува и другите етнички парламентарни албански партии да го поддржат. А, посредувањето и потпишувањето во кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама не беше зашто тој или некој друг во Албанија е авторот. Напротив, посредувањето и потпишувањето на платформата се случи во неговиот кабинет зашто БЕСА не сакаше ни да слушне да ја потпише, токму заради тоа што целата идеја за неа потекна од ДУИ, кон која БЕСА се поставува крајно конфронтативно и има изнесено редица обвинувања во повеќе наврати поврзани со учеството на најбројната етничка албанска партија во власта во изминатите 10 години. Токму затоа ДУИ побара посредување од Еди Рама, а БЕСА се најде во ситуација да остане единствена партија која немаше да има свој потпис врз платформата и затоа мораше да попушти. Но, овде се наредени редица моменти околу патот на платформата, и тоа заедно со „изработувањето“, за да се добие впечаток на некаква „туѓост“ на документот и за него да се добие впечаток дека е комплетно странски, а следствено на тоа и непријателски. И тоа, ова се прави и покрај тоа што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, јасно истакна дека средбата во Тирана е резултат на претходните одделни средби на лидерите од албанскиот блок со албанскиот премиер и оти Рама е олеснувач, но не и иницијатор и креатор на платформата. Лидерот на ДУИ потенцира дека поддршка за унапредувањето на албанското прашање во Македонија имаат и од Kосово.

Ни Албанија ни Kосово не ја изготвуваат политиката за Албанците во Македонија. Ние имаме свои цели, своја програма, но секоја помош со истомислениците од Албанија и Kосово е добредојдена, како и од меѓународната заедницарече Ахмети.

Тој, исто така, точно ја наведе и локацијата каде што е создадена платформата – хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Сето ова покажува дека главната цел на претседателот Иванов беше да се обележи документот како „платформа на туѓа држава“, иако сите нејзини потписници се македонски државјани, лидери на партии регистрирани во Македонија и според македонските закони. Крајно проблематично е како е можно документ потпишан од државјани на Македонија, сите лидери на парламентарни партии регистрирани во Македонија, да биде наречен „платформа на туѓа држава“? Тука вреди да се спомне дека, на пример, Охридскиот рамковен договор е правен во соработка со политичари од „туѓи држави“, потпишан е, исто така, со посредство на политичари од „туѓи држави“ и многу добро е познато дека последниот ден, крајните измени на документот се направени токму од медијатори од таквите „туѓи држави“ и тоа во текот на хотелскиот појадок последниот ден и на македонските и албанските преговарачи таквиот документ им е „тутнат“ в раце да го потпишат таков каков што е, при што им е речено дека тој претставува последен компромис и не се дозволени понатамошни измени. Гаранти на овој договор се, исто така, „туѓи држави“, но тоа на Иванов не му пречи, туку во обраќањето дури и се повикува на Охридскиот рамковен договор. Да не говориме за фактот, пак, што

Платформата за основање на ВМРО-ДПМНЕ е направена во Берлин во кафана. „Старо Скопје“ мислам се викаше – како што потсети портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Но, и покрај бесмисленоста на реторичките гимнастики со географска позадина, претседателот Иванов продолжува со манипулативната и пропагандистичка квази аргументација во текот на целото обраќање, при што неточната синтагма „платформа на туѓа држава“ ја повторува повеќе пати, а сè со цел овие зборови да се врежат во сеќавањето на граѓаните.

Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Со оваа платформа, Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени.

Со платформата никако не се загрозува сувереноста и независноста на државата. Сувереноста им припаѓа на граѓаните и тие ја практикуваат преку избори. Никаде платформата не вели дека изборите ќе бидат укинати. Независноста на државата се гарантира со Уставот, а платформата не предвидува промена на Уставот. Како што не се загрозени сувереноста и независноста, исто така, не е загрозена ни унитарноста на државата. Аргументацијата за ова е многу едноставна: унитарноста е втемелена во Уставот, а тој останува непроменет. Кога, пак, Иванов зборува за уцена, комплетно е нејасно на што мисли. За Република Македонија да биде уценета, неопходно е да има уценувач, односно некој да ја уценува и да има за што да ја уценува. Таков уценувач нема, ниту, пак, Иванов го спомнува. Како што не спомна и во што се состои уцената. Зошто би се криел уценувачот на целата држава и во што се состои уцената не е јасно. Особено што должност на претседателот е да ги информира граѓаните за овие важни прашања, освен ако не станува збор за измислици. Кој е тој страшен грев кој го направила нашата земја или некоја од највлијателните институции или поединци, па за да постои можност за уцена? И зошто сите овие поединости би се криеле?

Процесот на пост-изборно коалицирање и формирање на нова Влада стана заложник на оваа пост-изборна платформа од туѓа држава. Наместо конечно да излеземе од политичката криза, поради оваа платформа ние за жал заглавуваме во уште подлабока криза во која се доведоа во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани.

Процесот на постизборното коалицирање и формирање на нова Влада не може да стане заложник на оваа платформа. Како прво и основно, оваа платформа, во ваква форма, нема да стане дел од македонскиот законодавно-правен и легислативен систем. Некои аналитичари, како Петар Арсовски, на пример, ја нарекуваат „non-paper“ (значи документ за дискусија, кој не е и нема да биде дел од формалната политика, формалните договори). Таа нема да биде гласана во Парламентот, за неа Иванов нема да треба да потпише указ, таа нема да биде објавена во „Службениот весник на РМ“. Единствено е можно извесни делови од неа (и тоа не сите) да бидат инкорпорирани во неколку закони, но кои сè уште не постојат ниту во форма на официјален нацрт документ, значи потекнат од надлежна државна институција. Како и да е, за евентуални вакви идни чекори и постапки допрва ќе се дебатира во македонскиот Парламент во стандардна процедура, со јавна расправа, со амандмани и никој однапред не може да знае како целата таа постапка ќе заврши.

Да не говориме, пак, за фактот што претседателот Иванов нема право, при доделувањето на премиерскиот мандат, да ги анализира и оценува партиските документи, туку за тоа има посебна надлежна институција, како што објаснува уставниот експерт, професор Светомир Шкариќ:

За оценка на уставноста на партиски документи – статути и програми е надлежен Уставниот суд, а не претседателот, истакнува тој и додава дека Иванов излегол надвор од своите уставни надлежности и грубо го прекрши Уставот на РМ.

Платформата во никој случај не ги доведува во прашање темелните државни интереси на Република Македонија. Таа не се занимава со ограничување на ничии права, туку само на проширување на извесни, пред сè, јазични права, таа не врши измени на основниот документ на државата, Уставот, во ниедна насока, не го нарушува стремежот на македонскиот народ за своја држава и не се спротивставува на темелните државни интереси во однос зачувување на целовитоста на територијата на земјата, на одржувањето и развојот на политичкиот систем, на зајакнувањето на демократските институции, интересите на граѓаните за мир и благосостојба, како ни стремежите на најголем дел од граѓаните за членство во ЕУ и НАТО.

Долго време очекував дека одредени политички партии ќе покажат државотворност и зрелост и јавно ќе одбијат воопшто да зборуваат за таквата туѓа пост-изборна платформа.

За жал, видовме дека наместо веднаш и без дискусија да ја отфрлат, некои почнаа со неа да лицитираат, не сфаќајќи дека всушност лицитираат со унитарниот карактер на државата, со идентитетот на граѓаните и државните интереси. За карактерот и иднината на државата не може да се преговара, ниту да се водат разговори на нетранспарентен начин. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината за содржината од разговорите.

Иванов овде говори за пост-изборниот карактер на платформата, односно го проблематизира фактот што таа е донесена по изборите. Со ова, тој сака да каже дека граѓаните не гласале за неа и со тоа сака да го оспори нејзиниот легитимитет. Политичките партии на Албанците во Македонија на секои избори, па така и пред овие, пред своите гласачи искажуваат ветувања за проширување на јазичните права и проширување на употребата на албанскиот јазик. Така што, не е точно дека платформата е „пост-изборна.“ Напротив, таа содржи барања од кои некои се постари и од две децении. Потоа, дури и кога платформата навистина би била „пост-изборна“, како што ја нарекува Иванов, носењето предлози за мерки или закони по изборите не е забрането со ниеден закон и не се случува ни првпат. Откако се одржаа изборите на 28 април 2014 година, новата Влада во Собранието на РМ беше избрана на 19 јуни, а само 8 дена подоцна, на 27 јуни, на седница на новата Влада, одржана само неполни 2 месеци по изборите, беше донесена одлука за измена на Уставот, која содржеше 8 точки, меѓу кои и уставна можност за формирање на слободни финансиски зони, измена на името на Народната банка на РМ и друго. Иако не беше до крај објаснето, сепак, се појавија информации според кои во слободните финансиски зони ќе важеа поинакви правила, можеби и закони, а со цел да се создадат поволни предуслови за евентуалните идни инвеститори во нив, што би значело и извесна екстериторијалност на овие зони. Иако само 2 месеци пред таа седница на новата Влада, ВМРО-ДПМНЕ излезе со предизборна програма, во неа ништо немаше за промена на Уставот. Предлозите за измени на Уставот претставуваа нова „пост-изборна платформа“ на ВМРО-ДПМНЕ, кои тогашната владејачка партија ги усвои преку својата нова влада. Во таа прилика Иванов сето ова го премолчи, иако граѓаните само неколку недели пред таа седница на Владата гласаа на избори и немаа поим дека партијата која ја изгласаа има намера да го менува Уставот.

Како што веќе спомнавме, платформата нема врска со нарушувањето на унитарниот карактер на Република Македонија. Уште повеќе, во неа воопшто не се говори за промена на државното уредување на земјата. Поправичната распределба на буџетските средства или, пак, грижата за неразвиените подрачја се последица на начела кои веќе постојат во Уставот на РМ.

Една од најнедоветните изјави во обраќањето на Иванов се однесува на тоа дека за карактерот и иднината на државата не можело да се преговара на нетранспарентен начин? Ваквата изјава е комплетно бесмислена. Секогаш кога политички партии седнуваат да преговараат и разговараат за правење предизборни или постизборни коалиции и за заеднички политички платформи и програми, тие, всушност, преговараат и разговараат за иднината на државата. Од коалициски преговори секогаш произлегува плаформа која по природата на нештата се однесува на иднината. И преговорите на партиите секогаш се вршат подалеку од камерите, зашто, ианку, кога би се правеле пред камери, тие секогаш би биле неуспешни. Еве, на пример, кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договарале за уставните измени во 2014 година тие преговарале и разговарале за карактерот и иднината на државата на нетранспарентен начин, да ги употребиме зборовите на Иванов. Каде беше тогаш претседателот да ги предупреди дека тоа така не може? Конечно, како треба да преговараат политичките партии? На стадион, пред публика, како на фудбалски натпревар? Сите коалициски преговори меѓу политичките партии се вршат подалеку од камерите. Така беше и кога неуспешно преговараа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за евентуална коалиција само до пред неколку недели. Никакви камери немаше во просториите кога и тие преговараа за составување на нова Влада, се разбира. До последен момент македонската јавност немаше поим дали ќе има коалиција меѓу овие две партии, а за состојбата да биде уште полоша, зошто тие преговори пропаднаа не знаеме ниту до ден денешен зашто ДУИ тврди дека причината за тоа била нивната поддршка за Специјалното јавно обвинителство, а ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека имале забелешка на барањата на ДУИ за употребата на албанскиот јазик. Каде беше тогаш Иванов да се спротивстави „зошто се водат разговори на нетранспарентен начин?“

Оттука, втората, суштинска забелешка е дека разговарање за содржината или преговарање за платформа на туѓа држава е спротивно на Уставот на Република Македонија.

И не само тоа, туку преговарањето и прифаќањето на туѓа платформа е казниво дело според кривичниот законик, бидејќи тоа значи доведување на Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава.

Како може „разговарање за содржината или преговарање на платформа“, па дури и „на туѓа држава“ (а, видовме дека не станува збор платформа на „туѓа држава“) да е спротивно на Уставот на РМ? Во кој член на Уставот има такво нешто? Од кога тоа обичен разговор е спротивен на Уставот? Дали можеби е вратен вербалниот деликт во Македонија. Или дали можеби е укинат членот 16 од Уставот кој гарантира слобода на мислење и изразување? И за каква потчинетост или зависност спрема друга држава станува збор? Кон кого тоа Македонија станала или ќе станела потчинета? Кон Албанија? Во што би се состоела таа потчинетост? Како таа би се манифестирала? Или, пак, зависност? Некако Албанија ќе дојде и ќе ни ја украде економијата? Ќе нè нападне? За што станува збор овде? И зошто има потреба од недореченост? Дали можеби претседателот се грижи дека ќе ја вознемири јавноста ако биде искрен и отворен пред граѓаните, што е и негова уставна обврска? Ако постои било каква опасност за Македонија однадвор, односно „потчинетост или зависност спрема друга држава“, Иванов има должност веднаш да ја информира јавноста за што станува збор и кој ја продуцира таквата опасност? А, не да се крие зад реторика составена од нејасни и недоречени реченици кои повеќе прикриваат отколку што разјаснуваат. Работата е, се разбира, во тоа што нема никаква потчинетост, ниту зависност, ниту, пак би имало заради такво нешто слично, што би произлегло од преговорите меѓу СДСМ и ДУИ, како што и немаше во преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, иако и тие разговараа на истата тема (создавање коалиција за нова влада) и за истите прашања. Арно ама, тогаш Иванов не говореше за никаква потчинетост или зависност на РМ, иако според зборовите на повеќе функционери на ДУИ сите барања за зголемени колективни права што партијата ги има поставено пред ВМРО-ДПМНЕ биле прифатени.

Со реториката во истиот стил Иванов продолжува до крајот на обраќањето, во неколку наврати повторувајќи ги истите наводи и тврдења со извесни измени во синтаксата и лексиката, а во еден момент дури се нуди себеси пред судовите, повикувајќи да му се поднеселе кривични пријави на сличен начин како што и Никола Груевски повикуваше да бил уапсен, затворен и слично. Но, она што е најважно, тоа е што во неговите зборови тешко може да се долови вистината која би соодветствувла на објективната и споделена реалност. Напротив, освен конфронтативна и напаѓачка реторика, зачинета со многу невистини, спинови и манипулации, а сè со цел да се оправда изигрувањето на Уставот со недоделувањето на мандатот на една коалиција која има јасно мнозинство, ништо друго не може да се најде.

Се разбира, изигрувањето на Уставот во овој случај е и премногу грубо за да може да се оправда на каков било начин, особено што ова е прв ваков пример од распадот на поранешна Југославија на територијата на целиот Балкан коалиција која има парламентарно мнозинство да не може да добие мандат и со тоа да ја спроведе изборната волја на граѓаните.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Став

ОкоБоли главаВицФото