Како модуларните киосци ја преплавија цела поранешна Југославија

11.03.2017 02:46
Како модуларните киосци ја преплавија цела поранешна Југославија

Кога словенечкиот дизајнер Саша Махтиг пред 50 години го претставил својот модел на киоскот К67, веројатно не можел ни да претпостави колку масовна ќе стане неговата употреба и за што сè тој ќе се користи. Познатиот црвен киоск можел да се види како поединечен елемент или како модуларно склопена структура ширум поранешна Југославија.

Неговата цел била разновидна: почнувајќи од продавница за намирници, преку место за продавање весници и слаткарница, па сè до станица за жицарници на планините, но и куќичка за граничната полиција.

Во теоријата, системот К67 овозможувал неограничен број варијации за склопување модули.

До 1999 година, кога престана производството на киоскот К67, биле произведени 7 500 единици. Додека повеќето останале во Југославија, голем број од овие киосци биле извезени во странство, меѓу другото во Полска, Ирак, Кенија, Нов Зеланд, Јапонија, поранешните земји од Советскиот сојуз, но и САД.

Денес, никој не е сосема сигурен дали киоскот К67 и понатаму е во употреба. Сепак, во сеќавање на успешната ера на неговото постоење, Музејот за архитектура и дизајн во Љубљана го прикажа киоскот К67 во неговиот полн сјај преку приказ на ретроспектива на делото на Махтиг.

Во својот есеј, кустосот на музејот Маја Вардјан, објасни по што се истакнува К67. „Го издвојува неговата позиција помеѓу архитектурата и индустрискиот дизајн, втемеленоста во рамки на модерниот град и општеството, учествувањето во ритуалите на секојдневниот живот на граѓаните и најпосле, но не и најмалку важно, неговата упорност да го најде своето место“.

Како настанал киоскот К67

Саша Махтиг за време на своите студии во љубљанската школа за архитектура во раните шеесетти, ја посетувал и интердисциплинарната програма Course B која влијаела на многу генерации архитекти, но и индустриски и графички дизајнери. Предавачот на курсот Едвард Равникар потенцирал анализа, истражувачка работа, експериментирање и конкретни проекти. Неговиот совет до студентите да „го разгледаат најмалиот потрошен материјал и од него да создадат ново просторно решение“, станал и филозофија на создавањето за Махтиг.

За време на својот прв самостоен проект за дизајнирање кафуле во Љубљана, Махтиг слушнал за идејата на градскиот Урбанизам за осмислување нови киосци. Самоиницијативно, Махтиг на челниците на градот им го претставил својот дизајн на киоск кој подразбирал примена на нови индустриски материјали и логика за масовно производство. Им се допаднала идејата, а останатото е историја.

Првобитниот дизајн на Махтиг се сосстоел од пет главни конструктивни елементи и помошни елементи како што се две варијанти со сводови и елементи на ентериер како полици, расвета и ролетни. Вака дизајнираниот прототип, обоен во светло црвена боја, бил завршен 1969 година.

Во наредните години, откако бил претставен К67 во познатиот Design Magazine, кустосот од престижниот музеј МоМА се распрашувал за можностите за додавање на киоскот К67 во колекцијата на музејот. Оваа идеја била реализирана, но со одредени пропусти. Заради доцнењето во испораката, бил осуетен планот за уфрлување на поголемите единици низ прозорецот на музејот, па кога Махтиг дошол на отворањето на изложбата во декември 1970 година затекнал две единици надвор од музејот. Втората верзија на киоскот, произведена 1971 година, можела да се расклопи, па ако киоскот бил во таква форма 1970, ќе можел да биде внесен низ вратите на музејот МоМА.

Махтиг, кој важи за дизајнер со немирен дух, но и вешт бизнисмен, ја потенцирал идејата дека К67 во својот развој треба да ја следи промената на корисничките навики и напредокот во индустриските процеси, за да остане комерцијално одржлив. Како и да е, неговиот дизајн успеал да го одржи урбанистичкиот парадокс, односно да ја поддржи шемата на организација на системот објекти спрема регулацијата и во рамки на јасните димензии, а воедно да поттикне и овозможи разновидност на истите.

Денес како 76 годишник, Саша Махтиг и натаму работи на нови проекти на дизајн на киосци. Од 2003 година развива нова генерација киосци чие тестирање би требало да започне наскоро.

Фотографии: Музеј на архитектура и дизајн, Љубљана

Извор: http://www.gradnja.rs

ОкоБоли главаВицФото