1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 14:59
Јавниот простор е клучно место на кое денес се гледаат социјалните односи и сите контрадикции на неолибеларизмот – секојдневно жариште на различни борби и судири, невралгична точка во која се пресекуваат интересите на државата и останатите општествени актери. Туризмот и услужниот сектор стануваат, за жал, главна економска гранка во Хрватска, и тоа благодарение на Јадранскиот брег. Тамошната апартманизација, градењето на луксузни хотели недостапни за домашниот човек, победата на приватните над јавните интереси... се само некои од промените видливи со голо око. Тоа е повод за разговорот со Дафне Берц, повеќепати наградувана архитектка и предавач на неколку универзитети, која наскоро ќе докторира на Каталонскиот политехничи универзитет во Барселона на тема модалитети на пејзажот на масовниот туризам на Медитеранот.
Масовниот туризам на почетокот на деведесеттите стана глaвна економска дејност во Хрватска: освен апартманизација на брегот, кои други негативни последици ги остави врз пејзажот?
Еден од дистинктивните модалитети на туризмот со кој се занимавам е основан на дисперзираната просторна дистрибуција на давање услуги на домаќинствата на локалното население. Во воведот на монокултурниот развој на туризмот, тој модалитет е поврзан со феноменот на апартманизација, која има штетно влијание на физичката околина - како што е паразитирање на порано воспоставената, главно јавна инфраструктура, која нема капацитет за оптоварување со дополнителна непланирана супраструктура, изостанок во производството на јавниот простор, и обликувана артикулација на околината и визуелно загадување на пејзажот. Меѓутоа, првиватното сместување треба да се согледа од повеќе страни, како придружна тенденција која од почетокот на развојот на масовниот туризам на брегот на денешна Хрватска ги компензира зголемените потреби и како автохтон туристички производ кој на многу гости им пружа чувство на блискост со домаќините и не го форсира контактот со голема група туристи. Исто така, станува збор за модел кој го стимулира локалниот економски раст и балансираната распределба на приходите меѓу локалното население. Апартманизацијата во Хрватска започнува во деведесеттите, со престанокот на функционирањето на хотелите. Осудувано заради неефикасното трошење на територијалните ресурси и негирано како туристички производ, но наспроти тоа и постојано присутно како стихиски одговор на реалните потреби, приватното сместување во добар дел функционира во подрачјето на сивата економија. Дури неодамна официјално беа препознаени неговите квалитети, што отвора пат кон структуирање и организација нужни за негово унапредување, на пример, на развојот на „дифузните хотели“ или поефикасно користење на просторните ресурси.
Значително посериозни негативни последици се поврзани со плановите за иднина на тој простор, како што се воведувањето на нови, изолирани генерички елементи и интеррелациски воспоставен систем на просторните односи на брегот, кои априори би требало да се избегнуваат. „Ексклузивните“ производи на туристичката индустрија на уметничките атракции и лајфстајлот, како што е голф-ресортот или марината од тој тип, тематските или забавни паркови, мегакрузерите и другите хетеротрописки облици нa туризмот, може да се планираат само краткорочно, на база на шпекулативниот капитал, со долгорочно негативни последици, во облик на формирање на „некрозни“ подрачја кои ги блокираат и локалните текови на животот и нивното проникнување.
На едно предавање изјавивте дека никој од нас, да живеевме во некогашна Австроунгарија, не би отишол на море бидејќи одморалиштата во тоа време биле наменети исклучиво за високата класа, таканаречената елита. Нели се елиминираат денес сè поголем број луѓе од елитните хотели, од плажите и локациите кои сакаат да ја привлечат високата класа? Сè помал процент од хрватските граѓани можат да си дозволат да одат на море... Дали туризмот на работниците беше достапен единствено во социјализмот?
Неодамнешната историзација на развојот на туризмот на брегот на денешна Хрватска, во служба на идентитетската (ре)конструкција на националниот туристички бренд, има тенденција да го прескокне времето на СФРЈ, а се вклучува и дискусијата од времето на Австроунгарија. На пример, изложбата „Фрагменти на прекинатото време - неизведени проекти на туристичката архитектура до 1918“ ѝ прикажува на пошироката јавност досега непознати проекти на големите туристички ресорти наменети за „богатите слоеви на граѓани на соседните земји“, од времето кога подемот на туризмот предизвикал интерес на приватните инвеститори за комерцијална градба на „хотели, болници, бањи и сезонски викендички“ и на тој брег. Иако се презентира толкувањето дека „освен задоволувањето на приватните интереси, посебна грижа се води за јавниот простор, кој бил надополонување на приватниот“, станува збор за замена на тези при што за јавен простор се прогласуваат заедничките простори на елитниот ресорт со контролиран пристап.
Југословенскиот туризам тежнееше да се исполнат очекувањата на интернационалните гости од двете страни на железната заввеса, како место на директни средби на домашното население, на Исток и на Запад, од своите почетоци го вклучуваше и луксузот и скромноста и сè помеѓу, резултирајќи со широк распон на типолошки решенија - од хотели и ресорти до кампови, викендици, приватно сместување и работнички одморалишта. По таквата разновидност на туристичката понуда југословенскиот туризам се разликува од примерите на масовен туризам во Шпанија, Грција или постсоцијалистичка Бугарија и денешна Турција. Со тоа, еден од актуелните афирмативни имиџи на Хрватска е нејзината сè уште не претерана „туристификација“. Таквата дистинктивна состојба е генерирана со постојано унапредените методи на просторно планирање, архитектонско проектирање и уредување на ентериери и пејзажи. На ниво на детално планирање и архитектура, артикулиран е посебен „кодекс“ на туристичка околина. Практично сите проекти креирале градации од јавни до полујавни, приватни и интимни простори. Благодарејќи на своите незаградени периметри, тие околини станаа дел од колективната перцепција на јавниот простор и често ја надополонуваа мрежата на постоечките сообраќајници, патишта, содржини и сервиси, поврзувајќи го секојдневниот со привремениот хабитат.
Со рапидниот пораст на сиромаштијата од 2008 година до денес логично е дека од година во година радикално помал број хрватски граѓани одат на море. Во периодот на благосостојба на државата, со воспоставувањето на рамноправна прераспределба на богатството во општеството, прв и единствен пат се воведува концептот на социјален туризам, со право на платен одмор. Таквите политики биле кондиционирани со радикално поинаква констелација на политичко- економските односи во светот - во денешната ситуација стратегиите на управување со јавниот простор и фузијата на развој на туризмот со концептот на „отворен град“ без социјално-економска ексклузија најверојатно се единствените останати инструменти кои даваат надеж во осигурувањето на релативната достапност на одморот на плажа за широката јавност. Иако е можно толкувањето на законот да биде амбивалентно во различни домени - од концесионирање на јавните плажи, преку дизајн на инфраструктурата на плажата, до финансиските политики.
По што сме ние како периферија на големите капиталистички економии специфични и на кој начин тоа се одразува? Можеме ли да очекуваме уште поголеми удари на јавниот простор, односно негова продажба или приватизација?
Прашањето е дали вклучувањето во стратегиите на европското просторно планирање - било со усвојување на концептите на територијална кохезија или заедничко дијагностичко инструментирање, било со приклучување на регионални или прекугранични иницијативи - дава надеж за продолжување на одржливиот развој на територијата на денешна Хрватска. Рецентната криза на еврозоната појасно ги осветли актуелните политика на Европската унија на релација центар-периферија, отворајќи многу дилеми при примената на мерки во земјите - членки, како што е дефицит на демократското одлучување, како и тешкотии при воспоставувањето на „заеднички јазик“ во разбирање на основните проблеми, дефиниција на начините и средствата за нивно решавање, вклучувајќи го разбирањето на нови улоги на планирањето. Додека, од една страна, преговарачката позиција на самостојна Хрватска и останатите земји кои произлегоа од СФРЈ во поширок контекст е изразито слаба, од друга страна долгорочната незаинтересираност на домашните управувачки структури од самото осамостојување, оневозможува смислена автономна артикулација на земјите при ускладувањето со институционалните рамки на Унијата. Понатаму, процесот на интеграција во ЕУ освен прилагодувањата вклучуваше управувачко- административниот систем и имплементација на конкретни цели во Унијата, како што е деиндустријализација на земјата и пренасочување на услужната економија предоминантно втемелена на увозот. Од таа причина, актуелните стратегии и просторните планови на хрватските градови и жупании ретко содржат барем трошка развојна компонента, занимавајќи се исклучиво со алокација на неповрзани намени во просторот, според нетраспарентните и често просторно нелогични критериуми, без разгледување на неизбежните причинско- последични врски и ефекти помеѓу разните намени.
Понатаму, неинвестирањето во урбаната дијагностика се рефлектира во нескладот на потребите т.е. односот на побарувачката и понудата во сите сегменти на градскиот метаболизам, резултирајќи со појава на неискористени и недостапни подрачја на градот и намалениот животен стандард на жителите. Загреб и другите големи градови во Хрватска се најочигледни примери на стеснување и осиромашување на „градскоста“ во програмска и просторна смисла. Фаталните последици по нивните културно - општествени идентитети, кои се единствена гаранција за глобалната конкурентност, го затвораат полниот круг на бесмисла, па и кога во најпозитивната смисла на зборот ќе го сфатиме потенцијалот на т.н. креативни и културни економии за развој на градовите, што последните години се промовира како можно решение за нивна одржливост. Но, и кај тие економии главната проблематика воспоставува баланс на услужните и производите дејности, неизбежно поврзани со преговарачката позиција на одредени локалитети во широкиот систем на градовите како економски субјекти.
Колку архитектурата и просторот ја отсликуваат состојбата во некое општество?
Општеството го произведува просторот, а за возврат просторот го произведува општеството. Предоминацијата на концептот на приватна сопственост и одумирањето на идејата на заедништвото, најјасно се огледуваат во пропаѓањето на (кај нас најмногу модернистичката) урбана околина и станбениот фонд префрлен на приватните сопственици, кои се спремни на бенефициите, но не од должноста која произлегува од таквата сопственост.Притоа, засега се чини дека помалите средини стихијно функционираат подобро од големите градови, односно дека прашањето за големината на заедницата е одлучувачко за самоорганизација на општествената кохезија, што со себе ја повлекува нужноста за реконцептуализација на структурите на административно - управувачкиот систем.
Прашањето за одговорноста на архитектите не е ново, и секој самосвесен и етичен архитект го знае одговорот на него. Но, како да се помират своите специфични вредности со желбите на инвеститорот, кога тие се најчесто спротивни на јавниот интерес и најчесто поттикнати од профитот?
Суштината не е во партикуларните реакции на автономните стручњаци или стручните тела кои одлучуваат дали ќе прифатат одредена задача или не, односно работата како извор на приходите - станува збор за системско прашање. Волонтерското давање услуги, кои се исклучени од пазарниот процес или од финансиски причини се недостапни за одредени слоеви на населението, е само партикуларно гасење на пожарот и е далеку од одговор на проблематиката, а со себе ја повлекува и опасноста од понатамошна девалоризација на стручната работа и ангажман. Во јавниот дискурс, често се поставува прашањето за „автономија на струката“, што можеби и не е најпрецизниот термин бидејќи планирањето и производството на просторот е секогаш нужно политичко прашање - само општеството кое заедно со своите управувачки структури го препознава нивното значење и константно вложува во нивниот развој и унапредување, може да има автономна стручна експертиза.
Сметате дека социјалистичка Хрватска беше добар пример за просторно планирање и долгорочен, интегриран развој на туризмот и индустријата. Зошто тогаш просторното планирање е укинато на почетокот на деведесеттите, ако постоел добар, независен и стручен систем на планирањето, кој тргнувал од една поширока слика и одел сè до најмали детали?
Наспроти сите специфичности, системот на општетсвено управување во СФРЈ во многу аспекти претставуваше еквивалент на системот на социјална држава во Европа после Втората светска војна, кога просторното планирање било еден од главните инструменти на политиката на планирање на општествениот развој воопшто. Методологијата на изработка на плановите на големо кореспондирала со напредните практики на просторното планирање во развиените европски земји, а брегот на социјалистичка Хрватска во тој поглед, со брегот на регионот Лангедок-Русилјон во Франција на Де Гол, претставува многу успешен пример за интегрално планирање. Тој просторен сегмент се издвојувал како посебна територијално-економска целина во системот на југословенското самоуправување. Како функционален аспект на стопанскиот систем на СР Хрватска и СФРЈ, брегот бил третиран како стратешки ресурс на целокупниот општествен и економски развој. Просторното планирање на територијата на брегот подразбира унисон развој на сообраќајна, комуникациска и енергетска инфраструктура, надградба на постоечките економски активности низ функционална интерполација на различни туристички содржини и индустријализација на претежно руралните подрачја, на кои со тоа им е подобрена локалната социоурбана динамика и е генериран локален економски раст. Кога зборуваме за широка инстутиционална рамка на планирање во Хрватска, во тогашната технологија на планирање биле вградени методологии на стручна партиципација и принцип на интердисциплинарност кој латентно тежнеел да прерасне во мултидисциплинарност, а во конципирањето и спроведувањето на плановите на развојот на брегот учествувале и меѓународни стручњаци и УНДП.
Од почетокот на деведесеттите ЕУ постепено воведува таканаречено ново европско просторно планирање, бидејќи ефектите на разградувањето на интервенционистичката држава welfare state систем и препуштањето на сите одлуки на „невидливата рака на пазарот“ во меѓувреме се покажа како преризично за процесот на консолидација на капиталистичката акумулација. Општествената улога во планирањето во Хрватска по осамостојувањето значително повеќе беше одредена со војната за наследство на СФРЈ, отколку со глобалните процеси на трансформација на производните односи на современиот капитализам, кои беа поширокиот контекст на таа војна. Инсистирањето на политички дисконтинуитет на СФРЈ на средина на деведесеттите, предизвика, освен влијанието на останати сегменти од општествениот живот, и институционален interregnum во сферата на просторното планирање. Планирањето се идентификува како реликт на самоуправувачкиот социјализам и доаѓа до општа девалвација на оствареното ниво на општествено - економскиот и просторниот развој, заради што се губи претходното општествено-економско значење, научната автономија и оперативната самостојност. Така со структурните промени на генералниот економско-политички амбиент на глобално и локално ниво е редуцирана општествената улога на планирањето, а во исто време концептите и практиките на новиот европски модел не се функционално инкорпорирани во плановите на општествено-економскиот и просторниот развој на земјата.
Извор: Novosti
Слики: Жељко Бадурина