1033 hPa
93 %
-3 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 03:59
Во поновата историја Скопје доживеа две катастрофи. Првата се случи на 26 јули 1963 година кога Скопје, поточно неговото централно градско подрачје, беше речиси целосно разрушено од земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала. Втората се случи со реализацијата на таканаречениот проект Скопје 2014. Ако за првата катастрофа секоја година се потсетуваме на 26 јули, втората ја живееме на интезивен начин веќе неколку години без реални изгледи нејзините последици да се расчистат или да се надминат. Ако првата катастрофа зад себе остави урнатини над кои требаше повторно да се гради, втората остави монструозни градби кои ја уништија не само физичката, туку и духовната пропорција и комуникација на градот. Ако првата предизвика светско внимание кое резултираше со искрено сочувство и солидарност, изразена на повеќе нивоa и преку различни форми, втората предизвика потсмев и шокираност од размерите на градителско-уништувачкиот капацитет на еднa партиско-политичка одлука коренито да се потресе идентитетот на државата и на градот.
Со промената на власта си дозволивме потајно да се надеваме дека штетите настанати од катастрофата Скопје 2014 полека ќе почнат да се санираат. Се разбира, никој не очекуваше главен приоритет на владата да биде токму овој „проект“, но , ако ништо друго очекувавме/се надевавме дека ќе биде меѓу приоритетите. Очекувавме /се надевавме дека барем ќе се покрене постапка за отстранување (или разместување!?) ако не на сите, барем на неколку споменици од мноштвото начичкани во градот. Или барем на еден. Барем споменикот на Ќосето, оној со засукан ракав и со нож во раката поставен пред институциите на правдата. Реформата на судството е врвен приоритет на оваа влада. Но прашање е како тоа ќе го изведе, односно како ќе нè убеди дека реформските процеси се одвиваат во насока на воспоставување на професионално, ефикасно и независно судство, ако пред судската палата сè уште не дочекува фигура која демонстрира голо насилство, делење правда по кратка постапка, симболизирајќи ја на тој начин суспензијата на законот и правото?
Ако приоритет на новата влада не е рефасадирање и разместување на Скопје 2014, за што потврди и министерот за култура, туку за ова прашање допрва ќе се разговара и ќе се гради стратегија (меѓународен конкурс, ревизија на цената и квалитетот на градбите, увид во одржливоста на проектот), а сè со цел да се дојде до долгорочни и оправдани решенија, тогаш со право можеме да си го поставиме прашањето: дали внимателноста, одмереноста со која се приоѓа на овој проблем всушност не значи дека новата влада не е спремна да ризикува со едно вакво скокотливо прашање? Или пак во прашање е и некој друг, скриен, подлабок мотив?
И додека владата одолговлекува, Скопје 2014 и понатаму ја исполнува својата функција на симболички катализатор на моќта поврзана со идентитетското прашање, обликувајќи го притоа нашето искуство на стварноста (Иако Скопје 2014 за нашите очи и за нашиот вкус претставува вистинска тортура, иако без двоумење ја отфрламе неговата фикција на „империјална грандиозност“ која наводно треба историјата на овој народ да ја поврзе со „идеалите“ на античкиот Македонец, иако ние немаме сомнежи во врска со квалитетот и намерите на овој проект, сепак ова не значи дека со тоа потполно сме ја онеспособиле и сме ја довеле во прашање неговата симболичка делотворност, односно начинот на којшто таа фикција влијае на обликувањето на нашето секојдневно искуство.
Имено, секогаш ќе постои минимум идеализација и фетишистичко порекнување на што укажува Славој Жижек зборувајќи за апсурдната логика според која функционира симболичкиот поредок. Во случајот на Скопје 2014 тоа би значело дека и покрај тоа што знаеме дека тоа е една голема криминална и параноична измама, сепак, бидејќи се работи за „проект“ во кој на еден симболички начин, преку споменичnите обележја на важни ликови од минатото е претставена историјата на Македонија, ние не можеме а да не покажеме, ако ништо друго, барем минимум почитување.). А тоа значи дека и понатаму овој „проект“ ќе игра на картата на нашиот идентитет, ставајќи ги во залог неговото значење и смисла, а сè со цел Другиот (Европа и соседните земји) да стекне знаење и да го потврди неговото „милениумско“ постоење. А Другиот постојано одбива да знае и со тоа го доведува нашиот идентитет во константна состојба на параноја. Како во вицот за лудакот кој умислил дека е зрно пченка поради што бил испратен во лудница на лекување. Откако е излечен и пуштен дома тој по извесно време се враќа кај докторот и во паника му кажува дека на улицата видел кокошка и се уплашил да не го изеде. Запрашан во што е сега проблемот, сега кога тој знае дека не е зрно пченка туку човек, лудакот му одговорил: „Да, јас знам дека повеќе не сум зрно пченка, но дали тоа го знае и кокошката.“ Според Жижек, „оваа прикаска, бесмислена на нивото на фактичката стварност, на која или сте или не сте зрно, апсолутно е смислена ако ’зрното’ се надомести со некое обележје кое го одредува мојот симболички идентитет.“( Slavoj Žižek, Škakljivi subjekt, 2006, str.287) На овој начин функционира и идентитетската фикција на Скопје 2014: сè додека не знаеме дали Другиот знае, ние ќе бидеме сосема немоќни и нефункционални, лесен плен на разни партиско-коруптивни, етнички и идеолошки манипулации.
Слики: Свирачиња