Заев му понуди на Хорхе достоинствен излез!

11.03.2017 02:52
Заев му понуди на Хорхе достоинствен излез!

Беше тоа обид општеството да се извлече од изнасилената и вулгарна конфронтација околу платформата на албанските партии. Од конфронтацијата како последна линија на одбраната на злосторничкиот режим исцртана низ примитивните хистеризации на фолклорната и патетична, во својата суштина, неразумна, аморфна и бесцелна, надвор од одбраната на мафиотите, националистичка жичка во македонскиот карактер. Обид исполнет со принципиелност, деликатност и стил. Во таа смисла обраќањето на Заев заслужува највисок респект. Тој ја понуди програмата на својата влада како тема за дебата преку која (програма и дебата) не се обесмислува расправата за платформата туку се канализира низ политичкиот и институционален процес на конституирањето на новата власт и низ институционалниот поредок во државата.

Тој пристап, ако има малку разум, не ги става во деликатна или дефанзивна позиција авторите на албанската платформа туку, напротив, им отвора простор за своите идеи да се борат во системот врз добра основа, бидејки добар дел од платформата е имплементиран во програмата на идната влада, документот би требало да задоволи и дел од оние протестирачи кои имаа реални чувства на загриженост во врска со платформата, а не потпаднаа во општата психоза, ги избива, по мое мислење, неоправданите критики за затвореноста и за намерите на СДСМ во преговорите со ДУИ и, конечно, му дава на претседателот Иванов можност за достоинствено извлекување од кашата што самиот ја замеша: еве, значи, баравте програма за уставна и унитарна Македонија - еве ви ја! Ја демонстриравте вашата вонуставна моќ и можете да бидете задоволни, можете да кажете дака направивте сè да го спречите дефинитивното урушување на режимот, но дека од ова повеќе не можете да сторите...

Надвор од овие проблеми програмата на владата во оваа, сепак, воопштувачка форма во која беше изложена, дава основа за сериозни надежи дека Македонија ќе се врати на линијата на пристојните и перспективни земји. Во таа насока говорат идеите за меѓуетничката и социјална хармонизација, за економскиот развој, енергичната ориентација кон ЕУ и НАТО, враќањето кон основните вредности на демократскиот и правен поредок, идејата за обединување на општеството врз принципелни правни и демократски основи...

Имам три или четири забелешки.

Прво, ставот дека ни се доста конфронтации е добар став во заострената атмосфера околу формирањето на новата власт, но мора да се знае дека само низ конфронтација може да се оди напред.

Второ, занемарено е прашањето за чистење на македонскиот политички, институционален и културен простор од страшните затруености што ги рашири режимот на Груевски. Се плашам дека во името на тоа дека нам ни се доста конфронтации, тој аспект ќе се занемари, а тоа може да биде смртно опасно за новата власт и за перспективите на Македонија!

Трето, поголемо внимание мора да се посвети на разградбата на економската моќ на режимот, дотолку повеќе што е стекната преку највулгарни злоупотреби на државните ресурси и на државата како ресурс.

Четврто, приказната за животот за сите не е доволно мобилизирачка односно не е воопшто мобилизирачка. Страста, љубопитството, енергијата и трпението на луѓето мора да се ангажираат со други теми: злосторниците, нивната историска и идеолошка легитимација, нивниот имот, низ реална драма за драмата и катастрофата што им ги приредија на луѓето и земјава!

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото