Работа без работно време

17.03.2017 02:33
Работа без работно време

Медс Блукер знае како изгледаат зомби. Една ноќ, по работното време, инсталирал сервери во една голема фирма и – бил изненаден колку млади луѓе сè уште биле на своите работни места. „Речиси паѓаа од столиците. Едвај гледаа во екраните. Но, беа таму“.

Тој поглед на корпоративниот свет и неговата култура на прекувремена работа му бил доволен на Медс за да сфати како не сака да работи. Тој сега има своја фирма – мала агенција за преведување со седиште во Копенхаген по име „Translated by us“. Во неа се работи поинаку. Вработените во неговата фирма си одат од работа по шест одработени часови, а платени се како да работат од девет до пет часот. Скратувањето на работното време за два часа, вели Блукер, им овозможува на луѓето да се фокусираат на важните нешта.

Работниот ден во неговата фирма почнува со краток состанок на кој се договараат дневните цели. „Тоа е добро, зашто секој знае што се очекува од него. Го извршува тоа, задоволен е и заминува дома да прави што сака во својот живот.“

Шестчасовно работно време?

Крајот на работното време уште во раните претпладневни часови за многу работници претставува сон. Неодамна спроведеното истражување во Германија покажа дека речиси половина од вработените во таа земја страдаат од стрес на работното место: главоболка, несоница, емоционална исцрпеност, па дури и депресија или таканаречен „синдром на согорување на работа“ (burnout). Луѓето работат, работат, работат – сè додека не им се смачи. А, потоа повторно одат на работа. Дали е време повторно да размислиме како заработуваме пари?

Преведувачкото биро на Блукер од Копенхаген не е пионер кога станува збор за шестчасовното работно време. Мошне голем број фирми во Шведска – пред сè оние помалите, но и некои поголеми – веќе одредено време го спроведуваат тој концепт. Уште пред повеќе од десет години Тојота во градот Гетеборг им го намали работното време на вработените во авто-сервисите – и го задржа тој концепт откако се утврдило дека тоа го зголемува профитот.

Вработените во преведувачкото биро на Медс Блукер

Покрај тоа, неодамна завршениот двегодишен пробен период со скратено работно време во домовите за стари, исто така во Гетеборг, покажа интересни резултати. Во рамки на експериментот, работниот ден на 68 негувателки бил скратен од осум на шест часови, без да им се намали платата. Локалните власти кои раководат со домовите морале да вложат дополнителни 1,26 милиони евра за 17 нови работнички за да се надоместат работните часови што недостасуваат. И, иако имало 17 луѓе помалку во бирото за вработување, па толку помалку бил и платениот надомест за невработените, сепак целиот експеримент од аспект на финансиска гледна точка бил неуспешен.

Но, само од финансиски аспект. Експериментот го покажал она што и се очекувало: вработените биле позадоволни и поздрави, а пациентите добивале подобра нега. Значи, дилемата е следна: да се има позадоволни и попродуктивни работници или да се сочуваат парите? Дали тоа може да претставува револуција во начинот на кој се работи?

Тест во реалниот свет

Не може – така гласи мошне отрезнувачкиот одговор на Вернер Ајхорст од германскиот Институт за работна политика (ИЗА). „Тоа не може да биде универзален лек, ниту генерален принцип кој би можел да се примени секаде. Не можеме да бидеме сигурни дека некоја работа која се работи осум часови, во сите случаи може да биде завршена за три четвртини од тоа време.“

Преминот кон шестчасовното работно време најверојатно би ја уништил економијата на таа земја, смета Ајхорст. Ќе бидат потребни повеќе луѓе за истата работа, а тоа би ги зголемило трошоците на компаниите. А, тоа може да доведе и до недостиг од работна сила, зашто не постојат доволно обучени луѓе кои би можеле да ги пополнат работните часови. „Покрај таквиот модел, јас би ставил голем знак прашалник“, вели Ајхорст.

Тоа и го направиле градските власти на Гетеборг: одлучиле да не продолжат со таквата практика – заради високите трошоци.

Вистинско решение за сите?

Сепак, крајот на тој експеримент не значи и крај на идејата за шестчасовно работно време. Концептот сè уште се спроведува во некои компании – а, некои други се обидуваат да дојдат до други решенија, вели Ајхорст. „Во моментов многу се разговара за тоа што е работа, што е легитимен временски простор во кој не се работи, каде се лимитите кога станува збор за стресот?

Да речеме, во Германија, додава Ајхорст, ригидното работно време од девет до пет часот сè повеќе исчезнува. Многу фирми нудат барем флексибилно работно време, им дозволуваат на вработените да работат од дома или дури им препуштаат самите да одлучат кога и каде ќе ги завршат своите обврски.

Фокус на учинокот

Агенцијата за развој на интернет-проектот „Potato“, основана 2010 година, целосно се откажа од работното време. Вработените во нејзините претставништва во Лондон, Бристол и Сан Франциско можат да одат дома кога сакаат – ако ја завршиле својата работа.

„Некои луѓе се попродуктивни во одредени делови од денот. Не се сите исти“, вели за Дојче Веле еден од шефовите на фирмата Диклејн Кешин. „Ако можете да работите кога сте најпродуктивни, тогаш тоа е и од најдобар интерес за фирмата.“

Вработените во агенцијата „Potato“

Пред да дојде во фирмата „Potato“, 35 годишниот Кејшин работел како новинар. Работното време му било подолго. „Кога работите во медиум, тешко е да се воспостави баланс помеѓу работата и приватниот живот. Тоа е многу полесно во фирма како што е оваа.“

Промени насекаде

Секако, фирмите како што се „Potato“ или „Translated by us“ не нудат атрактивна и флексибилна култура на работа само затоа што имаат добра волја. Тие се надеваат дека на тој начин ќе ги привлечат младите и талентирани луѓе, со чија помош би можеле да ја победат конкуренцијата на пазарот – исто како што Тојота не се откажа од својот експеримент со шестчасовно работно време во Гетеборг, зашто тоа им носи пари. Сè мора да има и деловна смисла. Но, можеби тие примери на долги патеки ќе доведат и до некои коренити промени во културата на работењето.

А, на Медс Блукер во Копенхаген, мило му е што неговата посета во корпоративниот свет била само привремена. „Ми изгледаше нездраво. Тие луѓе не се фокусираа да имаат прекрасен живот, туку пред сè, како да ги наполнат буџетите“. А, Медс сака да докаже дека е можно да се наполни буџетот и да се води прекрасен живот.

Извор: http://www.dw.com