Училиштата претворени во установи за дискриминација

30.03.2017 12:36
Училиштата претворени во установи за дискриминација

Нашите училишта се претворија во установи за дискриминација, по најразлични основи. Што од незнаење, неинформираност, лоши учебници, несоодветни обуки или неумешност и неснаодливост на кадарот. Што од страв од санкции ако не се испочитуваат правилата и квази законите, кои служат за сè друго освен да го штитат интересот на детето и човекот, смета специјалистoт за психологија на траума и криза, Лина Ќостарова-Унковска.

Ќостарова-Унковска свое излагање имаше на конференцијата „Заштита од насилство и дискриминација во образованието“, каде се споделуваа резултати од истражувања во врска со насилството, малтретирањето и вознемирувањето во училиште. Беше нагласена и потребата од поефикасни програми и политики за заштита на младите со родова и сексуална различност.

Притоа, Ќостарова-Унковска презентираше и загрижувачки податоци од меѓународна студија, спроведувана низ 44 земји од Европа, меѓу кои и Македонија. Податоците се однесуваат на групи од 15-годишни момчиња и девојчиња од Македонија, поточно нивните хетеро, хомо и бисексуални вљубувања.

„За разлика од хетеросексуално вљубените млади, оваа група е многу поризична и дискриминирана. ЛГБТ младите во нашите училишта се повеќекратни жртви на насилство, не само во училиштето, туку и во семејството. Насилството е физичко и вербално, а се жртви и на полови напади, многу почесто од хетеросексуалните врсници. ЛГБТ младите од 15 години се со трипати повисока стапка за обид за размислување за самоубиство. Имаат помала поддршка од семејството, врсниците и другарите и многу поретко излегуваат и се дружат во училиштето. Откако долго време минуваат низ најразлично насилство, многу поверојатно е да се определат за повлекување и самоизолација. Самите го прават тој избор. Често многу од нив никогаш нема да изградат позитивна слика за себе и да се изборат за своето место и статус во заедницата“, рече Ќостарова-Унковска.

Според неа, образованието е клучот, тоа мора да биде основа меѓу човекот, културата и политиките. Образованието мора да ја има моќта и авторитетот да застане на вистинската страна на човекот и детето, а, сепак, вели таа, сите знаеме колку сме заглавени и е обратна нашата положба.

Претставничката од институцијата Народен правобранител, Ива Михајловска, потенцираше дека поимот „насилство“ од наставен кадар, или „насилство“ меѓу децата, сè уште не може да биде препознаен.

„Нашите посети и истражувања покажаа дека децата од основните и средните училишта не можат да го идентификуваат, препознаат насилството што се случува помеѓу нив, или врз нив. Најчесто не ги пријавуваат случаите или само го информираат класниот раководител“, вели Михајловска.

Препорака на Народниот правобранител е да се почитува она што е уредено и ратификувано во меѓународните договори, но и во нашите закони – забрана за секакво физичко и психичко вознемирување и насилство. Дополнително, законските норми во нашата легислатива предвидуваат и превентивни мерки во училиштата – преку советувања, опоменувања на родителите, класните раководители… Сепак, во пракса, вели таа, имплементацијата на овие норми сè уште е попречена.

„Надлежните инспекторски служби во Министерството за образование го уживаат моментално најголемиот легислативен авторитет, да постапуваат по донесените решенија. Она што е важно, сите оние кои се занимаваме и сме дел од оваа област е да се обратиме до нив и да бараме спроведување на законските и подзаконските акти, а посебно кога станува збор за насилство. Особено што праксата покажува дека насилството сè уште се користи како педагошка мерка во образованието. Клоца, шамар, таков вид насилство, за жал, е ’воспитна мерка’. Тоа треба да нè загрижи, но истовремено и да нè мотивира да бараме промена на таквите пракси и почитување, пред сè, на достоинството, интегритетот и физичкото присуство на детето. Проблем е што просветните работници не го препознаваат детето како носител на права и обврски“, нагласи Михајловска.

Таа потсети и на последните случувања што беа актуелни во медиумите (повиците за учество во протести н.з.), Народниот правобранител апелираше, постапува и веќе во тек се истраги за повреда на права на децата во училиштата на начин на кој, вели таа, „беа мотивирани да го напуштат образовниот процес и бидат дел од иницијативите кои се случуваат во земјата“.

„Ние сметаме дека за секое прекинување на образованиот процес, за кој не се известени нивните старатели, родителите, е повреда на правата на децата. Така што, треба да бидеме многу внимателни сите оние кои работиме со образование – на кој начин се пренесуваат пораките и на кој начин се користат децата, односно нивниот интегритет за какви било други активности, а сепак станува збор за деца кои според нашите легислативи се малолетници“, констатираше Михајловска од Народен правобранител.

На конференцијата како проблем беше нагласено отсуството на Сеопфатно сексуално образование во земјава. Исто така, и материјалите од книгите кои треба да служат како почетна станица од образовниот стадиум на еден ученик. Учебниците со години наидуваат на јавни критики поради апсурдни толкувања, предрасуди и спорни дефиниции за човековите права и слободи. Заедно со несоодветни наставни програми, плус целиот заострен општествен и политички контекст – сето ова создава опасна и небалансирана подлога за младите луѓе да се оформат како личности. Да созреат како индивидуалци со сопствено расудување, со јасно артикулирани ставови, без стереотипи и нетрпеливост кон неистомисленици.

Според Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, организатор на настанот, со хомофобични содржини и содржини кои промовираат говор на омраза, со нерелеватни информации за ХИВ, каде ЛГБТ заедницата се промовира како „ненормална“, сето тоа потсетува на едно одминато време.

„Учениците и студентите како идни професионалци не добиваат релеватни информации. Имаме поднесувано претставки и до Народниот правобранител и до Комисијата за дискриминација. Дел од дискриминаторската содржина е отстранет, меѓутоа потребна е систематска ревизија на сите учебници, учебни помагала, програми, со цел да добиеме поквалитетно образование кое наместо да ги крши, ќе ги заштитува човековите права на одредени групи“, нагласи Дрндаревска пред новинарите, пред да почне конференцијата.

Дополнително, кривичниот закон не е усогласен со препораките на Светската здравствена организација и го криминализира преносот на заразни болести. Тоа, според Дрндаревска, не е нешто што во 2016 треба да го имаме, а истовремено на учениците не им се нуди можност критички да размислуваат на оваа тема.

Сања Божовиќ од Младински образовен форум се осврна на дискриминацијата и насилството во високото образование. Презентираше истражување што покажува дека 84,9 отсто од испитаните студенти добиваат легла во студентските домови, а предуслов за тоа е партиската припадност. Кај 83,8 % партиската припадност претставува и предуслов за добивање професорско или асистентско место.

83,6% од професорите или асистентите користат стереотипи или предрасуди кон одредена религиозна група во текот на предавањето, а 75,6% му се потсмеваат на некој студент затоа што е хомосексуалец.

„Најголем број студенти знаат лице кое било жртва на дискриминација поради политичко уверување (39,5%) и дискриминација врз основа на сексуална определба (36,9%). Дури 31,7% од испитаниците слушнале дека му се случило на некого да биде дискриминиран врз основа на етничка припадност и јазик, 34,4% да биде дискриминиран врз основа на етничка припадност и 31,1% врз основа на пол. Нема ниту еден пријавен случај на дискриминација до УКИМ“, забележа Божовиќ при презентација на документот „Анализа и документи и на политики на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје за степенот на вклученост на принципот на еднакви можности и недискриминација“.

Поразително е тоа што само 13,9% од студентите се информирани за правните регулативи што го даваат правото на заштита од дискриминација. 85,9% од студентите одговориле дека не се информирани за ниту еден правен документ за оваа област.

Дополнително, според ново истражување за дискриминација од 2016 година, како надлежни институции во УКИМ, Комисијата за студентски жалби постапува само тогаш кога се прекршени правата на студентите со правен акт. Студентскиот правобранител, пак, нема сериозни ингеренции кога треба да се имплементира негова препорака.

„Препораки на МОФ се следење на состојбата на универзитетот од самата високообразовна институција и дискриминацијата во академската заедница. Потоа, дополнување на правните акти, едукација на целата академска заедница, унапредување на функцијата Студентски правобранител, но и формирање посебно тело за заштита од дискриминација во рамките на Универзитетот“, констатираше Божовиќ од МОФ.

Извор: Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото