По трагите на квир идентитетот во британската уметност

06.04.2017 10:27
По трагите на квир идентитетот во британската уметност

„Сафо и Ерина во градина во Митилена“, Симеон Соломон, 1864

 

Новата изложба што се отвора во британскиот „Тејт“ ја истражува репрезентацијата на родовиот идентитет, различната сексуалност и хомосексуалноста и го поставува прашањето: што е, всушност, британската квир уметност?

Додека акронимот ЛГБТК и идентитетите претставени со него - лезбејки, геј, бисексуалци, транс, квир влезе во современиот лексикон, овие зборови, само до пред една деценија, дури и не беа во општа употреба.

Новата изложба во британскиот музеј „Тејт“, со наслов „Британска квир уметност“, го истакнува овој факт, со кој уметниците, преку своите дела го реинтерпретираат концептот на родот и сексуалноста. Ова е прва изложба посветена на британската квир уметност, а се занимава и со историјата на укинувањето на смртната казна за содомија во 1861 година, со законот за сексуални прекршоци донесен во 1967 година.

Пред педесет години, со овој чин делумно се декриминализираше хомосексуалноста во Англија и Велс. Годишнината од донесувањето на Законот е оценета како „добра можност да размислиме за нашата историја како заедница и да размислуваме што значи идентитетот, денес“, вели Клер Барлоу, помошник куратор во „Тејт“. „Изложбата вклучува објекти кои раскажуваат приказни за различни видови идентитет“, додава таа.

Изложбата поставува прашања за тоа што може, а што не може да се разбере како квир уметност. Дали е тоа е уметничко дело што е создадено од страна на лице кое се идентификува како квир или дали е тоа уметничкото дело кое се занимава со прашањата на идентитетот и сексуалноста? И двете тврдења може да бидат точни.

Со следењето на развојот на настаните кои се случија во текот на еден век, изложбата ја преиспитува позицијата на квир уметниците и културните мислители од цела Велика Британија и провоцира дискусии за сексуалноста. Таа ги презентира и квир уметничките дела кои помогнаа да се обликува начинот на кој јавноста ги гледа хомосексуалноста и родовиот идентитет.

Поделена на осум делови, изложбата во музејот „Тејт“ ги истражува промените во перцепцијата, кои се случија од Предрафаелитите во 1860-тите години преку слободната љубов на Блумсбери кругот од 1930-тите години до страста и похотливоста во лондонскиот кварт Сохо во 60-тите години на минатиот век.

„Критичари“, Хенри Скот Тјукс, 1927.

Историскиот развој во текот на неколку децении

Според кураторите на изложбата, јавното признание на квир идентитетите произлезе од зголемената важност на квир уметничките дела, како и на квир уметниците и промоторите на културата во Велика Британија.
Борејќи се со прашањата на идентитетот што беше против општествените норми, овие квир уметници одеа по тенка линија. Додека се соочуваа со притисок поради незаконитоста на нивната сексуална ориентација, тие напредуваа, како во нивните приватни животи, така и во јавноста, преку создавање филмови и театарски претстави или преку цртежи и списанија што го славеа човечкото тело.

Некои од овие уметници и мислители станаа добро познати и омилени членови на актуелниот канон. Книгите на Оскар Вајлд, вклучувајќи ја и „Сликата на Доријан Греј“ е задолжителна литература за студентите на британска книжевност и покрај неговите две години во затвор, на крајот на векот, под обвинение за „одвратно и неприлично општење со мажи“. Вратата од неговата затворска ќелија е еден од објектите прикажани на изложбата во музејот „Тејт“.

Вајлд почина во голема сиромаштија во Париз, по бегството од репресивноста на Англија, во 1900 година. Ако се спореди неговата судбина со онаа на уметникот Дејвид Хокни, тој иако во своите дела отворено се занимаваше со геј љубовта, сепак остана еден од највлијателните уметници на нашето време. Што се смени во меѓувреме?

Промена на јавното мислење

Во впечатливиот предговор во каталогот на изложбата, Џон Браун или лордот Брауни од Медингли, претседател на одборот на „Тејт“, тргнувајќи од сопственото искуство ја опишува промената на ставовите и мислењата што се случила во текот на неговиот живот.

Во 1966 година, една година пред Актот за сексуални прекршоци да стане закон, Браун наполнил 18 години. Иако, според новиот закон, сексот помеѓу двајца мажи веќе не бил илегален „секоја нормална интеракција која може да доведе до тоа, остана да се смета за кривично дело. Во овој контекст и во комбинација со искуството на мајка ми како преживеана од Аушвиц, прогонувани како малцинство во општеството, јас решив мојата сексуалност да ја држам во тајност. Го криев мојот вистински идентитет до 2007 година“, напиша Браун.

„Глава на грчки морнар“, Џон Крекстон, 1940.

Напредокот во последните 50 години „беше возможен само со лидерството на поединци и организации кои работат заедно за да се создаде општество во кое секој може да биде свој и каде што секој е вклучен“, додава Браун.

Квир уметност: од суптилен до пркосен отпор на мејнстримот

Некои од тие поединци имаа посуптилен пристап кон симболизирањето на квир карактеристиките во својата уметност. Делото на Симеон Соломон „Сафо и Ерина во градина во Митилена“ од 1864 година, на пример, е слика која прикажува две женски љубовници, целосно облечени, како се гледаат во очи.

Исто така, постојат и помалку кодирани дела кои ги слават жените што ѝ пркосат на конвенционалноста, како оние на Вирџинија Вулф. Била член на Блумсбери кругот, влијателна група уметници и интелектуалци што стана позната по својот боемски став кон сексуалноста во 1930-тите. Дел од изложбата во „Тејт“ е посветена токму на групата Блумсбери.

Еден друг дел од изложбата е посветен на театарската сцена и прикажува костими, перики и други ситни предмети и материјали од почетокот на 20 век.

Сепак, кураторот на изложбата предупредува против предрасудите: Иако „театарскиот квир и квир театрите од многу различни видови биле забележливо присутни во сите нивоа на британското општество во тие 100 години“, 50-годишнината од законот „може да биде совршена можност да се отфрли идејата дека ние како квир луѓе имаме вродена предиспозиција кон некоја професија или сме одредени типови личности или навистина нешто друго слично, кое веќе може да замине во ѓубриштето на историјата“, рече Барлоу.

Иако борбата против предрасудите сè уште трае, оваа изложба расчистува една работа: Додека и за најсуптилни алузии на хомосексуалноста, во 19-от век некој уметник можеше лесно да заврши во затвор, денес квир уметноста храбро успеа да го најде својот пат во мејнстримот.

Изложбата „Британската квир уметност 1861-1967“ се одржува од 5 април до 1 октомври, во музејот „Тејт“ во Лондон.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото