Да се сочува дел од хомоеротската уметност и геј историјата

03.10.2012 14:07
Да се сочува дел од хомоеротската уметност и геј историјата

За оние помалку упатените, Боб Мизер е една од поинтересните фигури на (слободно можеме така да кажеме) ЛГБТ историјата – фотограф и филмаџија што поради своите (тогаш провокативни) дела, често се наоѓа на удар на американските пуританци. Иако креира уште од 1942 година, доживува брз успех дури пет години подоцна, кога е обвинет за незаконска дистрибуција на опсцени материјали по пошта.

Имено, се работи за серија црно-бели фотографии на млади бодибилдери кои не носат ништо освен гаќички што најлесно можат да се опишат како претходници на танга-гаќичките. Поради овие фотографии, Мизер завршува во затвор девет месеци. Иако нам денес пресудата ни се чини смешна – вреди да се спомене дека тогаш, самото навестување на машката голотија во јавно достапните материјали било осудувано, а често и илегално.

И покрај притисокот што трае со децении, Мизер сепак успева да изгради лукративен бизнис врз основа на своите фотографии и филмови што го величаат машкото тело. Влијателното студио Ahtletic Model Guild (AMG) е основано во 1945 година, а меѓу надежните што таму ја почнале својата кариера се нашол и некогашниот гувернер на Калифорнија и ѕвездата на акциските филмови, Арнолд Шварценегер. Со помошта на соработниците, во текот на кариерата Мизер направил илјадници портрети на мажи, додека во наследство оставил повеќе од милион никогаш развиени негативи и филмски ленти.


По смртта во 1922 година, овие архиви се речиси фрлени во канта; а писмата, фотографиите и личните предмети што означуваат речиси две децении на негова предана работа врз воодушевувањето од машкото тело се речиси потполно заборавени. За сочуваниот број сега се грижи Фондацијата Боб Мизер, што сака да ја обнови оваа значителна збирка со помош на донации, а дека се работи за високо вреднувано богатство, сведочи и фактот дека престижното порно студио Bel Ami за оваа кампања донираше (иако симболична) сума од 5000 долари.

И тоа не без причина, зашто според многу еминентни личности од светот на индустријата за возрасни, Мизер е оној што им го трасираше патот за да можат денес слободно да се занимаваат со она што го сакаат. За многу од нив, како на пример, за основачот на Bel Ami – Г. Дурој, да се донира за да се зачува наследството на Мизер претставува должност на честа.


Пионерското влијание на Боб Мизер денес може да се види во речиси сите списанија и реклами. Затоа, следниот пат кога „ќе ви течат лиги“ пред моделите на Ендрју Кристијан или на Аберкромби и Филч, сетете се на Боб, човекот што го овозможи тоа!

Извор: queer.hr

Слични содржини

Квир / Уметност / Историја
Квир / Книжевност / Уметност
Квир / Книжевност / Уметност
Квир / Уметност
Квир / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото