Гомна во парламентот

11.04.2017 09:38
Гомна во парламентот

Не сакајќи некоја парламентарна група предвреме да се препознае во горниот наслов, веднаш да појаснам дека станува збор за метафора што ја опишува моралната изопаченост на една ситуација, а не за (насловно) именување на поединци и групи. Метафората ја позајмив од статијата на Виктор Иванчиќ „Гомно на гробот“, во која овој голем автор ја коментира монструозната хипокризија на актуелната хрватска власт. Имено, хрватската власт отворено ги слави усташките спомени од Независната држава Хрватска – најзлосторничката фашистичка рожба на Хитлеровата Германија – и воедно, не се откажува од формалното државно чествување на 22 април, денот на жртвите што се убиени во концентрациониот логор во Јасеновац.

Уште повеќе, хрватските власти одбиваат да ја симнат нелегално поставената плоча во самото спомен-подрачје на Јасеновац, веднаш до легендарниот споменик на Богдан Богдановиќ, со која со усташкиот поздрав „За дом спремни“ се слават убијците на илјадниците Срби, Евреи и комунисти во Втората светска војна.

Поради ваквото официјално државно сквернавење на геноцидот на невините жртви, хрватската еврејска заедница, како и претставниците на Србите и на антифашистичките организации, веќе втора година одбиваат да присуствуваат заедно со политичкиот врв на хрватската држава на чествувањето на 22 април. Иванчиќ ја опишува моралната перверзност на власта што не се откажува ниту од проусташките сентименти и дела, ниту од лицемерното чествување на усташките жртви како „нова сеанса на комеморативните опсцености, нешто како на погребната церемонија на која ‘службениот’ свештеник, наместо со наведната глава да ја кажува молитвата и го осветува гробот, да има должност да се посере на него. Да, ‘За дом спремни’ во Јасеновац е гомно на гробот! И сите што ќе се најдат таму, според строгите налози на државниот протокол да земат учество во ритуалот на лажното оплакување, ќе мора добро да си го затнат носот да не ја осетат неговата смрдеа“.

Така што, си помислувам, ние имаме голема историска среќа што Хитлер не му дозволил на нашето ВМРО да направи некоја фашистичка државичка, зашто денес сигурно ќе се соочевме со нивните лицемерни „гомна на гробовите“ на територијата на библиската земја. Шуќур. Но, да не бидеме кусо, ние ги добивме нашите „гомна во парламентот“, што е метафора за лажната парламентарна процедуралност со која пратениците на ВМРО го газат Уставот на Републиката, и ја сквернават и поганат самата суштина на Собранието – да биде институционалниот стожер на претставничката демократија, каде што ќе се остварува волјата на народот низ акти со кои се воспоставува правниот поредок.

И, токму таа чудовишна непропорционалност помеѓу повикувањето на некои деловнички трици (дневен ред, комисии, реплики и дискусии – цел комплет финти на улични силувачи), и резултатот на таа псевдопроцедурална малтретажа: бескрајното оневозможување на формирањето на уставната власт во Републиката, е вистинската мерка за злосторничката хипокризија на режимските апаратчици од ВМРО. Од една страна се повикуваат на „светите парламентарни права на дискусија и реплика“, како и на „светиот дневен ред“, од друга, пак, страна ја држат во заложништво целата земја, оставајќи ја во институциски вакуум – без легален и при здрава свест претседател, без легална влада и без законодавен дом, слабеејќи го така суверенитетот на македонската држава до работ на нејзиното непостоење!

Наместо свечена седница на која ќе се слави демократијата и уставниот поредок, криминалната групација на ВМРО истури куп гомна насред парламентот, оставајќи ги трпеливите пратеници од парламентарното мнозинство и сите нас што гласавме за нив, да си ги затнуваме носовите за да не ја чувствуваме неподносливата смрдеа, и самите да го срамуваме нивното бесрамие! Да, вмровското силување на законодавниот дом е како да се посрале во парламентот! Тие се како „јунаците“ од Иванчиќевата метафора - гомна на гробот!

Но, ако се оддалечиме малку од реата на фекалните метафори, почитувани читатели, и од геополитичка перспектива ги погледнеме актуелните македонски премрежиња, ќе воочиме веднаш дека вмровската партиска мафија, уништувајќи ја однатре државотворната супстанца на Републиката, ја загрозува и меѓународната положба на земјата, доведувајќи го во прашање и самото нејзино постоење.

Делата што она Трткаво Поднадуено Ништо од Долно Водно ги прави против Уставот, правниот поредок, па и суверенитетот на Републиката, се најтешки кривични дела против државата! Во ист кош спаѓаат и сите ѓоа процедурални и псевдопарламентарни опструкции на вмровската Банда: доколку ги гледаме мотивите, умислата и резултатите од нивната гомнарска собраниска претстава, тие исто така вршат велепредавство, го загрозуваат уставниот поредок и го попречуваат функционирањето на највисоките органи на Републиката.

Не смее да нè залажува нивната отворена и бесрамна, лажна и цинична ѓоа деловничка дисциплина, зашто се работи за злосторничко здружување што исто толку бесрамно и бескрупулозно врши криминал со кој се уништува некогаш со крв платената македонска државност и сувереност. Гомнарската претстава белки ќе помине, но злосторничката умисла и дејствија не смееме да им ги заборавиме!

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото