1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
На дваесетина високи функционери од претходната власт, обвинети за тешки кривични дела, Кривичниот суд реши да им ги одземе пасошите и им забрани да извадат нови. Државните органи треба да ги спречат (алармирани се граничните премини) и „алтернативните“ можности некој од припадниците на злосторничкото здружение да ја напушти земјава. Разочарани се сите кои дури и од ова судство очекуваа поголеми, позначајни и посигурни мерки на претпазливост за обвинетите: притвор, како што бараше Специјалното јавно обвинителство. Но, и тие може да бидат релативно сигурни дека и пасошите ќе завршат работа.
Целата оваа ситуација е парадоксална во една поинаква смисла. Државата не дозволува да ја напуштат тие кои се обвинети дека ја ограбиле! Тие кои со своите политики, мерки и програми принудија да заминат десетици илјади чесни, способни, млади луѓе. Иако сите од секаде алармираа за овој егзодус, државата не презеде ниедна мерка на претпазливост за да ги задржи. Сите планови и сите патишта – и регуларни и алтернативни – водеа кон странство. Се вадеа пасоши на странски држави, се земаа дипломи, па и кредити за што побрзо да се замине од земјата што сопствениците на овие дваесетина пасоши ја претворија во своја приватна прчија. За време на нивното десетгодишно владеење со сè и со сите, државата беше претворена во една огромна патничка чекална. Не само што никој не правеше ништо за да останат, туку нивното заминување придонесуваше во успесите на власта – паѓаше невработеноста, на пример.
Ќе биде голем успех ако одземените патни исправи на властодршците бидат причина некој од илјадниците заминати се сети дека македонскиот пасош служи и за враќање во земјата.
Извор: Слободен печат
Слика: Александар Дојранлиев