Како функционира цензурата

30.05.2017 09:29
Како функционира цензурата

Цензурирањето на говорот ја укинува нашата слобода да бираме што да прифатиме од другите и што да изразиме пред другите, и неминовно води кон депресија. Кога стравот преовладува, вистинската среќа исчезнува, а индивидуалната сила на волјата пресушува. Расудувањето станува искривено, а рационалноста ни се измолкнува од раце. Групното однесување станува диво, абнормално и насилно.

Кога државата го контролира или блокира протокот на информации, таа не само што ја потврдува својата апсолутна моќ, туку истовремено предизвикува и доброволно потчинување и признавање на својата доминација од страна на луѓето со кои владее. Тоа го поддржува аксиомот на понижените: прифати ја зависноста заради практична корист.

Најелегантен начин да се прилагодите на цензурата е да се подложите на автоцензура. Тоа е совршен метод да ги смирите моќниците и да го подготвите теренот за обострано корисна размена. Послушничките чинови кои донесуваат мали задоволства може да изгледаат неважно; но без нив, бруталниот систем на цензурата не би бил можен.

За луѓето кои прифаќаат пасивна позиција во односот кон властите, „снаоѓањето“ станува највисока вредност. Тие се смеат, се поклонуваат и кимаат со главата, и таквото однесување обично води кон живот кој е удобен и лишен од неволји. Тој став во основа е дефанзивен. Јасно е дека во секоја расправа во која едната страна е замолчена, тврдењата на другата страна нема да бидат изложени на сомнеж.

Тоа е ситуацијата која денес ја имаме во Кина: самозамолченото мнозинство, додворувачите на моќниот режим, огорчените на луѓето како мене кои се осмелуваат да му се спротивстават на режимот, се всушност двојно огорчени, зашто знаат дека за нивната пониженост се виновни и самите. Така самоодбраната станува и утеха.

Бидејќи на системот на цензура му е неопходна соработка и премолчена согласност од цензурираниот, не се согласувам со вообичаеното гледиште дека цензурираните се просто жртви. Доброволната автоцензура ѝ носи корист на личноста која ѝ се подложува и системот не би функционирал без аспектот на доброволност.

Луѓето кои се спремни да се цензурираат, се подложни на разновидни морални предизвици. Тие никогаш не биле жртви, ниту некогаш ќе бидат, и покрај повременото леење крокодилски солзи. Секој пат кога ќе покажат сервилност, тие ги греат срцата на авторитарците и им нанесуваат штета на луѓето кои протестираат. Нивниот кукавичлук се шири и придонесува за моралниот колапс на нашето општество. Ако тие луѓе веруваат дека колаборацијата е единствениот начин да ја избегнат опасноста и самите да станат жртви, тогаш тоа е лазење во мрак кое нема добро да заврши.

Системот автоматски ја наградува соработката на обичните луѓе; нема потреба тие меѓусебно да се натпреваруваат за оваа награда. Но, менаџерите на уметничките и културните проекти мораат да направат повеќе од тоа: мораат проактивно да покажат дека „разбираат“ и дека ќе се прилагодат кон авторитарците и заштитата на нивната слика во јавноста. Тие знаат дека на проектот, а можеби и на целата организација, им се заканува укинување ако што било предизвика незадоволство на врвот.

Во таков систем, каде уметничките дела успеваат или пропаѓаат не во слободен натпревар, туку во склад со корумпирани критериуми, секој создавач кој поседува каква било автентична виталност мора да се прави глупав и да се согласи на премолчен договор.

Добро е познато дека мене не ми е дозволено да зборувам на кој било јавен форум. Моето име е избришано од јавните медиуми. Не ми е дозволено да патувам во Кина и забранет ми е пристап до државните медиуми, на кои инаку сум редовно напаѓан. Коментаторите од државните медиуми се преправаат дека се непристрасни, но тоа е невозможно затоа што се наоѓаат зад заштитната завеса на државата. Тие не се занимаваат со теми како што е слободата на говорот или квалитетот на животот на огромното мнозинство Кинези. Специјалност им се бескрупулозните напади на гласовите кои се веќе маргинализирани.

Мојата виртуелна егзистенција, ако можеме да ја наречеме така, постои само меѓу оние луѓе кои избрале да ми обрнат внимание, но тие се делат во две категории: оние кои го гледаат моето однесување како поткрепувачко за смислата на сопствените животи, и оние кои ме гледаат како некој кој им пречи на нивниот пат кон користа, и кои не можат да ми го простат тоа.

Дури кога Кина ќе понуди правична платформа за изразување на јавното мислење, ќе биде можно да најдеме заеднички јазик. Го поддржувам основањето на такви платформи. Тоа би требало да биде првиот принццип за овозможување на општествена правда. Но таму каде сè е лажно, секој што ќе застане во одбрана на вистината изгледа наивен, па дури и детинест. Заклучив дека патот на „наивноста“ е единствениот кој ми остана отворен. Имам обврска да бидам еднакво тесноумен како и „тесноумните“ Ујгури и Тибетанци за кои слушаме.

Уметникот е подвижник, тој учествува во политиката. Особено во време на историски промени, естетските вредности се секогаш во предност. Општеството кое ги прогонува луѓето кои истрајуваат во индивидуалните вредности е нецивилизирано и лишено од иднина.

Кога некоја личност ќе ги изнесе своите вредности во јавноста, стандардите и етиката на таа личност, но и на целото општество, можат да бидат изложени на сомнеж. Индивидуалната слобода на изразувањето поттикнува појасна размена на мислења и аргументи. Тоа е принцип кој се наоѓа во основата на мојата филозофија на уметноста.

Цензурата во Кина ги ограничува сознанијата и вредностите, а тоа е клуч за наметнување на идеолошко ропство. Правам сè што е во моја моќ да ја разоткријам суровоста, онаа суптилната, како и помалку суптилната. Како што стојат работите денес, рационалниот отпор може да биде заснован само на мали чинови на поединецот. Кога ќе потфрлам, одговорноста е само моја, но правата кои ги барам им припаѓаат на сите.

И идеолошите робови можат да се побунат. На крајот, тие секогаш и го прават тоа.

Извор: The New York Times, 06.05.2017.

ОкоБоли главаВицФото