Кинеските власти го угнетуваат уметникот Аи Веивеи

11.11.2010 13:56
Кинеските власти го угнетуваат уметникот Аи Веивеи

Уметничкиот свет го обожава кинескиот уметник Аи Веивеи: во Тејт галеријата во Лондон тој изложи поетско-политичка инсталација од 100 милиони сончогледови семки од порцелан. Секоја рачно е насликана од самиот уметник, кој на инсталацијата работеше две години. Семките го претставуваат животот на поединецот, а говорат за погрешната перцепција на униформираноста во Кина која доаѓа од Западот.

Веивеи заедно со Херцог и де Меурон е автор и на фалената инсталација од бамбус, изложена на минатото Венециско биенале за архитектура. Заедно го создадоа и стадионот „Птичје гнездо“ за Олимписките игри во Пекинг, кој требаше да биде симбол на новата Кина. Бидејќи не излезе така, сега Аи овој проект го нарекува „лажна насмевка“. А по затворањето на Олимписките игри, тој проживеа сè и сешто.

Аи е политички активист кој не се срами (читај: плаши) да го каже она што го мисли за кинеските власти, па поради тоа минатото лето заврши во затвор. Но тој не престанува ни по излегувањето од затвор. Кога неодамна Нобеловата награда за мир ја доби противникот на кинескиот режим Лиу Ксиаобо, Веивеи ја пофали шведската академија поради тоа.

Досега јазикот без влакна го чинеше слободата, а набрзо ќе го чини и куќата. Имено, во Шангај пред две години Веивеи изгради ателје за кое сега месните власти наредија да му се урне. Аи тоа го толкува како лична пресметка. Градоначалникот пред две години лично замина во Пекинг да го покани Веивеи во Шангај, каде што планираше да создаде нова уметничка четврт. Две години подоцна од истиот градоначалник му дојде допис дека ќе му го урнат ателјето по затворањето на шангајското ЕКСПО. Според градоначалникот, наредбата за уривање дошла „од врвот“ и не може да се повлече, па Аи, за да го одбележи уништувањето на своето студио, преку Твитер испрати отворена покана до сите за голема забава по повод затворањето.

Овој кинески уметник, син на двајца поети кои се жртви на режимот на Мао Це Тунг, смета дека наредбата за уривање на ателјето е поради двата најнови случаи: првиот е Јанг Џи, кој беше уапсен и претепан поради возење нелинценциран велосипед, откако тешко рани шест полицајци. Вториот е документарецот кој го сними за активистот и правник Фенг Женг, кој помина 100 дена заробен на аеродромот во Токио, откако осум пати му беше одбиен влезот во Кина.

И самиот Аи беше претепан од полицијата, по што мораше да изврши операција; полицијата го претепа поради неговата поддршка за активистот Тан Зурен.

Извор: pogledaj.to