Цензурата во Кина: „Денес“, „Вечерва“ и „Голема жолта патка“

05.06.2013 09:21
Цензурата во Кина: „Денес“, „Вечерва“ и „Голема жолта патка“

Денес. Вечерва. 4 јуни. Голема жолта патка.

Доколку напишете некои од овие навидум невини зборови и фрази на кинески на интернет-страницата Sina Weibo, најпопуларниот микроблог во Кина кој има повеќе од 500 милиони регистрирани корисници, ќе се појави порака која вели: „Во согласност со релевантните закони, прописи и политики резултатите од пребарувањето, не можат да бидат прикажани“.

Денеска се одбележуваат дваесет и четири години од демократските демонстрации во Пекинг кои беа буквално соборени од армијата на 4 јуни. Вечерва се планира голем протест во Хонг Конг посветен на стотиците, а можеби и илјадниците загинати (владата никогаш не објави точна бројка). Ова објаснува зошто се цензурирани некои од зборовите. Но зошто и „Голема жолта патка“?

Оваа фотографија, која очигледно некогаш можела да се најде на Sina Weibo, а која сега можете да ја пронајдете на Твитер (кој е забранет на територијата на Кина) алудира на позната фотографија, сликана на 5 јуни 1989 година.

Патките упатуваат на една огромна гумена жолта патка која е поставена во заливот Викторија во Хонг Конг и која привлекува големо туристичко внимание. Но државата се обидува на секој можен начин да ги контролира сите дискусии, но и активности за одбележувањето на годишнината кое е планирано за денес.

Сепак, постојат многу знаци. Во неделата студентите делеа флаери од еден автобус на пекиншкиот плоштад Тјенанмен. Има и кампања за носење црни маички во знак на протест, иако не се знае во која мера луѓето во Кина се свесни за ваквите кампањи.

Потоа се појави и една фотографија на интернет-страницата buzzfeed.com, на која е прикажано едно лего-човече како ги стопира лего-тенковите, која секако алудира на познатата фотографија од протестите на плоштадот Тјенанмен, одржани на 4 јуни 1989 година.

Од BuzzFeed известуваат дека сликата е преземена од кинеската интернет-страница Netease, каде била прикажана во склоп на повеќе слики по повод одбележувањето на Денот на децата на 1 јуни. Некои од читателите ги напишале овие коментари: „Навистина храбро уредништво“; „Одличен начин преку кој нашите деца би можеле да ја запомнат нашата историја“ и „Тој не беше прегазен од тенкот тој ден. Се вика Ванг Веилин. Никој не знае што се случи со него. Тие се погрижија тој да исчезне.“

До крајот на денот фотографијата беше отстранета од страницата, но не пред да стане вистинска интернет-сензација“, велат од BuzzFeed.

Утрово, една референца на 4 јуни успеа да опстои на Weibo неколку часа. Тоа беше бројот 64 кој во раните утрински часови беше 16-от најпребаруван поим, а пред ненадејно да исчезне во текот на утрото се искачи до 14-то место. Пред тоа беше забележан од GreatFire.org (името алудира на „Great Firewall“ – најголемиот и најсофистицираниот систем задолжен за интернет-цензурата во Кина).

Денес, весникот „Global Times“ кој ѝ припаѓа на радиодифузаната мрежа на Комунистичката Партија објави натпис во кој директно се брани интернет-цензурата. Како доказ за тоа дека „многу држави се обидуваат да ги регулираат новостите достапни на инетрнет“ беше наведена неодамнешната одлука на уставниот суд во Германија против Гугл.

„Некои твдрат дека каква било регулација на интернет-просторот е антидемократска постапка“, пишува „Global Times“. „Ваквите лажни изјави ја добија поддршката на западното јавно мислење, па затоа и регулацијата на интернет-просторот во Кина се одржува на многу посоодветен начин отколку во другите држави.“

Во Кина, „луѓето разбираат дека слободниот говор не смее да му се спротивставува на општествениот ред“, велат од „Global Times“, иако не наведуваат никакви докази за нивните тврдења. „Интернет-регулацијата не претставува само отелотворување на волјата на владата, туку исто така и ги поставува основите на јавниот интерес. Интернет-регулацијата мора да се спроведува за оние што ги шират тие одвратни забелешки да ја сфатат моќта на јавниот интерес.“

Како што вели и овој пост на Твитер:

#Пекинг. Прогноза за денес: облачно, со шанси за цензура. #Кина #4 јуни #Тјенанмен

Извор: rendezvous.blogs.nytimes.com; 04.06.2013.