Наменски дизајн како средство за правење промени

12.01.2023 15:13
Наменски дизајн како средство за правење промени

Кинеската архитектонска фирма Condition_Lab решава да направи општествено влијание и да зачува дел од традицијата градејќи објект кој го истакнува архитектонското наследство на регионот преку елегантни, современи детали.

Народот Донг е еден од 56-те етнички групи официјално признати од Народна Република Кина кои живеат претежно во источен Гуижоу, западен Хунан и северен Гуангкси, а може да се најдат и во провинцијата Тујен Куанг во Виетнам. Низ историјата, овој народ бил познат по одгледувањето на автохтониот Кам сладок ориз, но и по столарски вештини и уникатна архитектура.

Сепак, со тек на времето, традицијата полека избледува на сметка на модернизирањето на животот, а тоа се чувствува и во селото Пингтан, провинцијата Тонгдао, Хунан каде што живее народот Донг. Кинеската архитектонска фирма Condition_Lab решава да направи општествено влијание и да зачува дел од традицијата градејќи објект кој го истакнува архитектонското наследство на регионот преку елегантни, современи детали.

Станува збор за новата локална библиотека, моделирана според традиционалната дрвена куќа во Донг, дизајнирана од архитектонската фирма Condition_Lab. Куќата на книгите Пингтан е сместена во дворот на основното училиште во кое учат 400 деца. И доколку самото училиште кое е таму околу 20 години е бетонска конструкција, новиот додаток е поемпатичен кон неговото културно и природно опкружување.

Condition_Lab ја смисли идејата за наведнат покрив со ќерамиди и конструкција карактеристилна за локалната народна архитектура, свртувајќи го вниманието на исчезнувањето на историската градба во регионот.

„Цели села, градени со векови од еден одржлив материјал, автохтоната кинеска ела, брзо го губат својот идентитет“, објаснува студиото во соопштението. „Културната ДНК на Донг е предизвикана од современото живеење и потрагата за модернизација“.

Поврзувањето и интеракцијата во просторот претставува важен аспект на етосот на Condition_Lab, а покрај тоа што објектот сакаат да го адаптираат на неговата околина, и да го надоврзат на традицијата која полека изумира, од студиото сакаат овој објект потполно да биде адаптиран на потребите на децата.

„Општественото влијание не бара големи финансиски инвестиции, дизајнот не е ограничен на проекти од висока класа, а архитектурата мора да има цел“, велат од студиото.

За да го направат внатрешниот простор привлечен за децата, да ги натера да истражуваат, да седат и да читаат, дизајнерите смислиле уникатен план: наместо соби и врати, распоредот се состои од две скали кои се обвиткуваат една околу друга во двојна спирала. Просторите помеѓу скалите обезбедуваат ѕиден простор за книги и прозорци кои се протегаат од горе до долу и гледаат во околниот пејзаж. Скалите овозможуваат седење за децата, со поглед нагоре и надолу по трикатната структура низ воздушните гелендри.

Извор: Colossal

ОкоБоли главаВицФото