Дигитална студена војна

18.01.2010 14:25
google-china.jpg

Тоа беше шлаканицата со која најсилната интернет империја и’ објави војна на најголемата индустриска сила во светот, конечно покажувајќи дека не е никакво џуџе кога станува збор за нивниот простор. Со ова кинескиот режим беше понижен на неколку нивоа од страна на Google.

Беше уште зима во раната 2006 г. кога Сергеј Михајлович Брин, еден од двајцата основачи на Google, на патувањето од Силиконската долина во Кина реши да застане во замрзнатата Москва на еден ден, град во кој – нетипично за еден од најуспешните американски претприемачи на дигиталната ера – се родил и израснал. Со студена глава, во подеднакво студена околина, мораше да донесе одлука, кога ќе стигне во Пекинг, дали да го потпише ултиматумот кој на Google ќе му овозможи да влезе на најголемиот и потенцијално најперспективниот пазар на светот.

Комунистички режим

За да може да и’ ја понуди својата алатка за пребарување на интернет на најбројната земја во светот, мораше да голтне една грутка која му стоеше во грлото – во договорот со кинеските власти, најистакната беше ставката според која Google се согласува на цензурирање на сите интернет содржини кои комунистичкиот режим ги смета за неподобни. Соосновачот на Google, Лери Пејџ, и главниот оперативен директор, Ерик Шмит, имаа убедливи аргументи со кои го убедија да ги потпише спорните документи – битно е да се биде присутен на кинескиот пазар по секоја цена, а филтрирањето на неподобните интернет страници е мала жртва во однос на огромните приходи кои можат да се остварат.

Сите светски коорпорации се стремат кон кинескиот пазар – најголемите ривали како Microsoft, Yahoo и Apple веќе со години се таму, па доаѓањето на Google на овој пазар попрво беше прашање на нужност отколку на избор.

Пазарен лидер е Baidu

Неколку дена подоцна беше регистриран интернет доменот Google.cn, а многу брзо потоа проработи и интернет пребарувачот на Google на кинески јазик, без можноста на прикажување на линкови до оние страници кои локалната интернет полиција ги прогласи за антирежимски.

Компанијата чие мото уште од основањето беше „не прави зло“ во цел на остварување заработка се согласи на исклучително ограничувачка цензура, една од најефикасните и најбезобѕирните методи на кршење на човековите права кои бесрамно ги спроведува кинеската тоталитарна власт.

Меѓутоа, за Google нештата не се одвиваа според очекувањата и по пет години присуство на кинескиот пазар. Додека бројот на корисници на интернет растеше во вообичаеното темпо, достигнувајќи денес до 330 милиони, процентот на оние кои го користеа Google за пребарување се зголемуваше неизмерно побавно. Во сите земји во светот, освен Кина, Google е водечка алатка за пребарување и се смета дека четири од пет пребарувања се вршат токму преку овој интернет гигант.

Во Кина Google држи само една третина од пазарот, а пазарен лидер е локалната компанија Baidu, исто така цензурирана, но присутна на пазарот од 2000 г. Google во однос на Baidu не ја нуди компаративната предност која ја има вон границите на Кина – пребарување на сите интернет содржини – па никогаш не ја освои водечката позиција во оваа земја. Пазарниот удел од 35% не е мал, но кога се работи за рекламирањето на интернет, само лидерот Baidu може да оствари заработка и одржлив развој, додека Google во Кина едвај заработува 300 милиони долари годишно.

Во однос на 21 милијарди долари кои ги заработи во остатокот од светот, односот е повеќе од очигледен... Кинеската подружница на Google вработува околу 700 лица, главно инженери, но тоа се трошки за величините на кои се навикнати Сергеј Брин и Лери Пејџ. Покрај тоа, значително побезболно на кинескиот пазар делуваат Microsoft, кој таму има и производство и развојни оддели, како и државни институции како клиенти, потоа Apple, кој таму ги произведува своите iPhone и iPode, IBM кој целото производство на преносни сметачи им го продаде на кинески Lenovо, како и низа други информатички мегакорпорации кои со Кинезите немаат апсолутно никакви проблеми.

Во врска со овие имиња Google не се навикнати да бидат минорна фигура и никако не уживаат во положбата која им е наметната, најмногу поради делот со цензурата која според договорот мораат да ја спроведуваат. Додека на останатите пазари Google претставува метафора за моќта, недостижноста и величината, во Кина оваа компанија е обично џуџе.

Не правете зло

Дека нештата ќе тргнат на лошо и дека нема да бидат во можност да ја покажат својата моќ токму поради филтрирањето на резултатите од пребарувањата, беше јасно веќе по една година од почетокот на работењето на кинескиот Google. Интернет активистите веќе во 2007 г. на своите блогови почнаа да објавуваат јавни писма кон челниците на Google во кои ги молат „да не прават зло“ угодувајќи му на нехуманото Политбиро и да го вратат работењето на компанијата на вистинскиот пат, а бидејќи тоа го правеа на серверите вон Кина, овие повици многу брзо станаа достапни додека се пребаруваше низ нецензурираниот Google, односно, од секој компјутер вон дигиталната железна завеса на оваа земја.

Така се случи првиот отворен судир меѓу кинеските власти и Google. Интернет полицајците побараа од компанијата несаканите содржини – притоа мислејќи на блоговите на антирежимските активисти од сопствената земја – да се исфрлат од резултатите на пребарување на глобално ниво, а не само додека се пребарува низ интернет доменот Google.cn, на што, се разбира, Google не се согласи.

Понижување и шлаканица

Кинезите сепак се зафатија со работа – активистите почнаа да бидувааат апсени и затворани, прогласувани за „интернет дисиденти“, израз кој во кривичниот закон беше воведен како нова категорија криминалци, а нивниот идентитет, бидејќи на блоговите настапуваа анонимно и со псевдоними, беше откриван со шпионирање на е-поштата, хакерски упади во нивните компјутери и сл. Бидејќи кинескиот антирежимски активизам од очигледни причини се спроведува од серверите во странство, и тоа најмногу од оние кои се во сопственост на американски компании, а меѓу нив и на Google, со оглед на тоа дека Google услугите како Gmail, Gtalk, Google Earth и други ги нуди бесплатно и на сите во светот, хакерската шпионажа од кинеските редови беше насочена главно кон мрежите во западните земји, посебно кон корисничките сметки на серверите на Google во САД.

Нападот на хакерските орди врз Google и САД, колку и да беше дискретен и во голема мера залуден, беше исклучителна прилика челниците на Google да се извлечат од пат-позицијата во која се затекнаа на единствениот пазар каде не успеаја да се наметнат како водачи. Со хакирањето и шпионирањето на корисниците, макар биле и од Кина, тајните служби на кинеската влада го прекршија договорот со Google. На тој начин, луѓето од Google набрзина ја искористија ситуацијата и за возврат ја прекршија својата договорена обврска за цензурата – и така, минатата недела, за првпат, жителите на Кина можеа непречено да ги најдат страшните фотографии од масакрот на плоштадот Тјенанмен, а од американското средиште беше порачано дека повеќе нема да се цензурираат ни останатите содржини.

Всушност, Google го впрегнаа и самиот државен врв во судирот со Кина, па така државната секретарка Хилари Клинтон остро ги осуди кинеските хакерски напади и побара дипломатско објаснување за инцидентот, а сето ова кулминираше со најнеочекуваниот потег – заканата на Google дека ќе се повлече од кинескиот пазар.

Тоа беше шлаканицата со која најсилната интернет империја и’ објави војна на најголемата индустриска сила во светот, конечно покажувајќи дека не е никакво џуџе кога станува збор за нивниот простор. Со ова кинескиот режим беше понижен на неколку нивоа од страна на Google.

Моќ и почит

Како прво, Google се покажа како единствената компанија во светот која е подготвена да се откаже од кинескиот пазар. Опстанокот на дури и средно големите компании кои делуваат на национално ниво денес е тешко да се замисли без да бидат некако поврзани со Кина, додека за сите меѓународни корпорации таа претставува нужност. Ако Google е единствената компанија која е спремна да се откаже од Кина, и тоа од принципиелни причини, тогаш навистина ужива исклучителна моќ, влијание и почит.

Борец за човековите права

Како второ, Google се подготвени да се откажат од филијалата вредна 300 милиони долари во миговите кога американската економија почнува да излегува од економскиот колапс. Вистина е дека овој износ претставува само трошка од севкупните приходи на Google, но сепак поголемиот дел од заработката оваа компанија ја остварува во САД, а приходите од кинеската подружница се исклучиво извозни средства, со голем потенцијал за раст. Да ги напушти може да си дозволи само добростоечка компанија која не е засегната од економската криза.

И конечно, со јавното фрлање на ракавицата во лицето на Кинезите, Google однапред излезе моралниот победник во овој судир, страната која своите начела и’ ги спротивстави на заработката. Google излезе како храбар борец за човековите права иако во Кина самиот ги кршеше пет години.

Но, мора се има предвид дека Google само се закани со повлекување од кинескиот пазар, но дека сè уште не го стори тоа. Условот за останување во Кина е престанување на хакирањето на сите корисници, дури и на кинеските граѓани, сместени на серверите на Google низ целиот свет и откажување од цензорското филтрирање на резултатите од пребарувањата. Со ова топката е префрлена на кинески терен, па сега се очекува нивниот потег.

Ризикуваат изолација

Ако само одмавнат со раката и дозволат Google да го напушти нивниот пазар, кинеските власти de facto ќе ги признаат сите обвиненија на нивна сметка, прифаќајќи ја и потврдувајќи ја етикетата за водечки светски режим во сузбивање на човековите права. Со тоа можат да предизивкаат осуда меѓу цивилизираниот свет и дипломатски инцидент, а би ризикувале и изолација во процесите на технолошката глобализација и интернетизација на светот, што би им наштетило на локалните индустриски моќници. Од друга страна, со игнорирање на Google, Кина би ја демонстрирала својата моќ, покажувајќи како технолошки може да напредува и без светскиот интернет водач.

Цивилизациски напредок

Ако, пак, попушти и му ги вети на Google бараните услови за работа, макар само начелно ама не и во пракса, Кина ќе стекне поени, покажувајќи дека цивилизациски напредувала и се претворила во разумна индустриска империја со флексибилна власт која е подготвена на секој облик на меѓународна соработка. Но исто така би дозволила една американска компанија да биде перцепирана како посилен и помоќен играч од цел еден владејачки режим кој морал да попушти пред притисоците.

Она што е најверојатно е нешто помеѓу – спогодба која ќе овозможи понатамошно надмудрување и борба за тронот на овие два светски владетели, едниот интернетски, а другиот индустриски. Ќе војуваат студено, со војски составени од шпиони кои се вооружени со најсовремените технолошки достигнувања, со истата цел на обете страни – да покажат која е најмоќната сила во светот.

Извор: nedeljni jutarnji

Цензура

Значи дека гугл има (информатички) механизам да прави филтрирање на содржина. Како овој механизам ќе го уптреби во Кина, т.е. која содржина таму ќе ја цензурира или промовира, отприлика можеме да претпоставиме, ама како да знаеме на нас останатите што точно ни промовираат односно цензурираат? Дури и да нема цензура сега, не влева доверба помислата дека можат туку-така да воведат, без да го дознаеме тоа.