1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Се слушнаа сè погласни повици дека Твитер, Фејсбук и другите корпорации од Силициумската долина почнуваат поагресивно да контролираат што смеат да видат и да прочитаат нивните корисници. На пример, минатиот месец, во Вашингтон Пост, водителот на MSNBC, Ронан Фаору бараше социјалните медиуми да ги затворат налозите на „терористите“ кои објавуваат „директни повици“ на насилство.
Оваа недела, најавата на директорот на Твитер, Дик Костол, дека таа компанија ќе го забрани објавувањето снимки и фотографии од обезглавувањето на Џејмс Фоли (и ќе им ги затвори налозите на сите кои ќе постават линк до снимката), наиде на мнозинско одобрување. Ова е важно затоа што, како што истакна Џејмс Бол во Гардијан, „Твитер агресивно ја промовираше слободата на говорот уште од првите денови на своето постоење“. Од друга страна, Фејсбук одамна активно регулира што смеат да кажат и да прочитаат неговите корисници: кон крајот на 2013 година, оваа компанија ја промени својата претходна одлука и одлучи дека снимките со отсекување глави ќе бидат дозволени, но само ако корисникот не изрази поддршка за тој чин.
Со оглед на дивјаштвото на снимката со Фоли, лесно е надвор од контекст да се аплаудира на забраната на Твитер. Но, цензурата секогаш функционира на тој начин: задолжително почнува со гушење на ставови кои се толку омразени што емоционалната реакција на нив го потиснува секое разгледување на принципот што се усвојува.
Примамливо е да се поддржи криминализацијата на, да речеме, расистичките ставови доколку, човек се фокусира на презирот кон таквите ставови и ја игнорира сериозната опасност од препуштање на таквото овластување на државата, таа да составува списоци со забранети идеи. Затоа бранителите на слободата на говорот, како што е ACLU, толку често ги застапуваат и ги бранат расистичките и останатите одвратни ставови во постапките кои се однесуваат на слободата на говорот: затоа што кога ќе се согласиме со ерозија на слободата на говорот, таа прва се легитимира на тој начин.
Прашањето кое го отвора најавата на Твитер не е дали вие мислите дека е добро луѓето да ја гледаат снимката со Фоли. Напротив, релевантно е прашањето дали сакате директорите на Твитер, Фејсбук и Гугл да имаат огромни овластувања да одлучуваат што може да се види и да се прочита.
Секако е точно, како што бранителите на Твитер веќе истакнаа, дека во правна смисла приватните актери – за разлика од државата – секогаш имаат и често го користат правото да одлучат какви мислења можат да се изнесуваат преку нивната сопственост. Генерално гледано, дихотомијата јавно/приватно е клучна за секоја дискусија за легалноста или уставноста на „цензурата“.
Според законот, постои суштинска разлика помеѓу тоа приватниот поединец да одлучи да не пушта расисти дома и државата да ги затвора луѓето затоа што изнесуваат расистички ставови; првото е легитимно, додека второто не е. Човек може доследно да биде против секаков вид државна цензура, а од друга страна да го брани правото на приватните весници да не објавуваат одреден вид статии или правото на приватните блогови да забранат одреден вид коментари или правото на приватните лица да не комуницираат со некој што има одредени ставови.
Првиот амандман забранува ограничување на слободата на говорот од страна на државата, а не од страна на приватните актери. Очигледно е дека нема ништо незаконско во тоа Твитер, Фејсбук и сличните компании да гушат какви било идеи за кои ќе одлучат да ги цензурираат.
Но, како здраворазумско прашање, приватно/јавната дихотомија не е толку јасна кога се работи за технолошки гиганти кои сега контролираат претходно незамислив обем од глобалните комуникации. Во моментов, во светот има речиси 300 милиони активни корисници на Твитер – што е приближно еднакво на целокупната популација на Америка – и тој број рапидно и драматично расте. Кон крајот на 2013 година, Фејсбук се фалеше со 1.23 милијарди активни корисници: со други зборови, секоја седма личност на планетата. ЈуТјуб, чијшто главен сопственик е Гугл, неодамна издаде соопштение дека „бројот на единствени корисници кои секој месец го посетуваат овој сајт достигнал милијарда“ и дека „речиси секоја втора личност на интернет го посетува ЈуТјуб“.
Ова не се обични приватни компании од чии услуги лесно можете да се откажете ако не ви се допаѓа нивната политика. Заради нивната сеприсутност тешко е да се избегнат, ако не и невозможно, особено во некои области од работењето. Тие влијаат на она што го знаеме, читаме и гледаме многу повеќе отколку што некогаш било можно – или замисливо – за обичните компании. Како што истакна Бол во Гардијан изразувајќи загриженост заради најавата за цензура на Твитер:
Твитер, Фејсбук и Гугл имаат вчудоневидувачки, алармантен степен на контрола над тоа какви информации можеме да видиме или да споделиме, без оглед дали сме медиумска куќа или обичен корисник. Им дадовме огромна доверба, која мораат да ја заслужат од ден на ден, секогаш одново.
Споредбата не е совршена, но имајќи ја предвид неверојатната контрола над средствата за глобална комуникација, гигантите од Силициумската долина сега повеќе наликуваат на јавни служби, како телефонски компании, отколку на обични приватни фирми кога станува збор за опасност од гушење идеи, групи и мислења. Не е тешко да се сфати ризикот за да им се дозволи на компании како AT&T или Веризон да одлучат дека нивните телефонски линии не смеат да ги користат одредени групи или дека тие не смеат да се користат за пренесување одредени идеи, а опасностите од таквото дозволување технолошките компании да го прават истото се слични.
Во дигиталната ера, се приближуваме до моментот кога идеите што ќе ги забранат Твитер, Фејсбук и Гугл, практично целосно исчезнуваат од јавниот дискурс, а тоа само ќе станува сè поточно како што понатаму ќе растат овие компании. Импликациите од тоа што ваквите компании прават списоци или дозволуваат и забрануваат идеи се многу посериозни отколку кога тоа го прават обичните приватни компании.
Уште една клучна разлика е онаа помеѓу платформите и издавачите. Како што објасни Бол, компаниите како Твитер веќе долго тврдат дека се првото, а не второто, што значи дека не се одговорни за нешто што го објавуваат другите на нивната платформа (како што AT&T не е одговорен за тоа како луѓето ги користат неговите телефони). Барањата Твитер активно да интервенира во тоа каков говор е, а каков не е дозволен, ја замаглува оваа граница, а можеби дури и директно го претвора Твитер во издавач. Ова нужно ќе ѝ даде на оваа компанија многу поголема одговорност за утврдување какви идеи смеат или не смеат да се објавуваат.
Но, ако вие сте некој, наспроти сите овие опасности, што сака Дик Костол, Марк Цукерберг, Ерик Шмит и сличните на нив, да составуваат списоци со забранети идеи и групи, тогаш морате да артикулирате кои принципи ќе треба да се применуваат. Ако, на пример, барате забрана за „терористички групи“, како тогаш се донесува таквата одлука? Во целиот свет се води интензивна дебата за тоа што е „тероризам“ и кој може да се карактеризира како терорист. Дали треба да се користат официјални списоци од американската влада и на тој начин да се овластат американски официјални лица да одлучуваат кој смее, а кој не смее да ги користи социјалните медиуми? Или компаниите ќе користат списоци од некој друг или самите ќе ја вршат проценката?
Ако сакате овие компании да ги гушат повиците за насилство, како што бараше Ронан Фароу, дали тоа се однесува на сите повици или само на одреден вид? Дали водителите на MSNBC смеат да го користат Твитер за заговарање американско беспилотно бомбардирање на Јемен и Сомалија и за оправдување убиства на недолжни тинејџери или да го користат Фејсбук и да ја повикуваат својата влада да започне агресивни војни? Што е со Израелците кои на Фејсбук бараат „одмазда“ за убиството на тројца израелски тинејџери, ширејќи антиарапска омраза: дали и тоа би требало да се забрани според овој стандард за „забрана за повикување на насилство“?
Водителката на Фокс Њуз оваа недела изјави дека сите муслимани се како ИСИС и дека може да им се стави крај само со „куршум во главата“: дали и на неа, или секој што ќе постави линк до нејзиниот повик за насилство (можеби и на геноцид) би требало да ѝ се забрани пристап до Твитер и Фејсбук? Што е со повикот на Боб Бекел на Фокс да се „ликвидира“ Џулијан Асанж: дали тоа ќе биде дозволено според стандардите на Ронан за забрана за повикување на насилство?
Ништо од ова не е теоретски. Тоа е неизбежен ѕид на кој наидуваат луѓето кога навиваат за гушење на слободата на говорот кој го сметаат за „штетен“. И покрај тоа, иако му аплаудираа, Твитер одби да го доведе својот указ до логичен заклучок, објавувајќи дека нема да го затвори налогот на Њујорк Пост, иако овој таблоид на насловната страница објави нецензурирана слика од обезглавувањето на Фоли, која ја рекламираше на Твитер. Единственото објаснување зошто не го направиле тоа е затоа што доколку затворањето на налогот на овој весник е резултат на тоа што на директорите на Твитер не им се допаѓа насловната страна, би било јасен показател колку таа нивна нова мерка е опасна.
Има убедливи причини зошто некој би бил против ширење на снимката од обезглавувањето на Фоли, но има и разни валидни причини зошто би сакале другите да ја видат, вклучувајќи го и истакнувањето на бруталноста на оваа група. Тоа е многу слично со дебатата околу тоа дали весниците треба да прикажуваат фотографии со тела од војни и други напади: дали тоа е непотребно и претставува невкусно непочитување на жртвите или заслужува да се објави затоа што е важно на луѓето да им се покажат грубите стравови од војната?
Што и да мислите за овие прашања, дали навистина би сакале некои раководители од Силициумската долина – водени од мотивот за профит, кои потекнуваат од тесно социоекономско и национално окружување, обликувани со хомогени идеолошки ставови, посветени на националистички агенди и на разни начини зависни од американската влада и во спрега со неа – да донесуваат вакви одлуки? Можеби не сакате снимката на ИСИС да кружи, па ве наведува да ја поддржите вчерашната одлука на Твитер. Но, можеби нема да се сложите со наредната одлука за тоа што треба да се забрани, или онаа по неа, и затоа многу порелевантно е прашањето дали сакате овие раководители да донесуваат толку значајни одлуки за тоа што милиони луѓе во светот смеат – и не смеат – да видат, да слушнат, да видат и да дознаат.
Извор: The Intercept, 21.08.2014.