1021 hPa
87 %
7 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 03:59
Дали Едвард Сноуден, 29-годишниот поранешен службеник на ЦИА кој минатата недела ги објави во јавноста информациите за тоа дека Државната безбедносна служба на САД ги шпионира граѓаните користејќи ги серверите на американските интернет компании и за кого сега се вели дека се крие некаде во Хонг Конг, чекајќи ја својата судбина, е херој или предавник? Тој е херој. Многумина не би се согласиле со мене. Откривајќи ја шокантната вистина за тоа дека владата на САД ги прислушкувала Американците и другите луѓе низ секој дел од светот, тој ни направи голема услуга на сите нас, при што во голема мера ги надмина сите прекршоци кои можеби ги направил. Како и Даниел Елсберг, поранешниот вработен во Министерството за одбрана кој ги објави документите на Пентагон за Виетнамската војна и Мордехај Вануну, израелскиот нуклеарен техничар кој ги откри деталите за нуклеарната програма на Израел, и Сноуден ги изнесе во јавноста овие значајни информации кои треба да им бидат познати на сите, а при тоа не ѝ нанесе долготрајна штета на националната безбедност на својата држава.
Но сепак не постои сомневање дека голем број луѓе во рамките на владините системи во САД, меѓу кои и претседателот Обама, како и некои од водечите медиуми, нема да ги толкуваат нештата на овој начин. Кога Сноуден изјави за британски Гардијан дека отсега па натаму не треба да се надева на „ништо добро“, сигурно беше во право. Кога замина за Хонг Конг тој како да заборави на постоењето на договорот за екстрадиција помеѓу владите на САД и Кина, кој владата на САД секако ќе се потруди да го имплементира во овој случај. Државната безбедносна служба веќе му го префрли случајот на Министерството за правда, и Џејмс Клапер, директорот на разузнувачката служба во рамки на администрацијата на Обама изјави дека податоците откриени од страна на Сноунден „предизвикаа огромна и сериозна штета“ во однос на „нашите разузнувачки способности“.
Пред да започнеме да ги прифаќаме ваквите изјави здраво за готово, би можеле да се потсетиме и што сè не ни беше кажано, иако Сноуден ги објави овие информации. Тие не ни откриваат ништо за алгоритмите кои NSA ги користи, за групите или за поединците кои се на нејзините листи, ниту пак ги откриваат идентитетите на владините агенти. Тие не содржат никакви информации за воените планови на САД, ниту пак за какви било скандали во редовите на владата на САД или помеѓу странските службеници. Како што кажа и Глен Гринвалд, еден од новинарите кои ја објавија приказната, ова не беше објавување на класифицирани информации во стилот на Викиликс. „Сноуден детално го проучувал секој од документите со месеци“, вели Гринвалд. „Тука не станува збор за тоа дека тој едноставно ги поставил на интернет.“
Па тогаш што ни кажуваат овие информации? Најпрво тие ни потврдуваат дека владата на САД, без постоење на законски судски налози има секојдневен пристап до податоците на десетици милиони, па можеби и стотици милиони Американци кои не се на ниеден начин поврзани со терористичките акции. Ако мислењето на јавноста го принудува Конгресот да ги спречи големите телефонски компании да ја извршуваат функцијата на извори на информации за службите за шпионирање, тоа сигурно нема никакво влијание во однос на ваквите наводно легитимни операции за надгледување на домашната сцена, посебно кога NSA може секогаш да оди на суд и да добие налог за претрес – што секако би било многу добро за државата.
Второто нешто кое го дознавме од Сноуден ни откри дека додека NSA ги надгледува граѓаните кои ѝ се чинат сомнителни, на располагање ѝ стојат огромни бази податоци од американските интернет компании како Фејсбук, Гугл, Јаху, Мајкрософт и Скајп. Како ова точно се одвива останува мистерија за нас. Но јасно е дека додека ги нагледува комуникациите на прекуокеанските милитанти и службеници, како и на луѓето кои комуницираат со нив, NSA прибира огромен број податоци и за Американците кои ги чува складирани, како што се чини, засекогаш.
Фактот дека Вујко Сем ги надгледува активностите на Гугл и Фејсбук може да ги изненади само локалните, „надежни“ терористи и да ги предизвика да започнат да комуницираат на начини кои NSA можеби нема да може толку лесно да ги следи. Но навистина се сомневам дека ќе ги изненади организираните терористички групи, кои и така се трудат да ги избегнат шпионирањата и надзорот. Не беше само случајаност тоа што во засолништето на Осама бин Ладен во Аботабад немаше никакви телефони, ниту пак интернет.
Уште една од информациите на Сноуден, објавена од Гринвалд и Гардијан во текот на минатиот викенд се однесуваше на една група документи за уште една тајна програма за надгледување на NSA со име кое како да е преземено од некој роман на Орвел: „Безграничен Информатор“. Очигледно дизајнирана со цел да ги информира поранешните шефови на Сноуден за различните видови податоци собирани од сите делови на светот, програмата ги открива огромните димензии на активностите на NSA. Гардијан пишува дека само во текот на март 2013 година, NSA собрала деведесет и седум милијарди податоци од компјутерските мрежи низ целиот свет, а три милијарди од нив доаѓаат од американските мрежи.
Не изненадува многу дека на листата на главни цели на NSA највисоко котираат Иран (со четиринаесет милијарди податоци за тој период) и Пакистан (со малку повеќе од тринаесет милјарди), но земјите како Јордан, Индија и Египет – сите од нив сојузнички на САД – би можеле и да се изненадат што заземаат толку високо место на листата. „Ги хакираме сите, насекаде“, изјави Сноуден за Гардијан. „Ние сакаме да направиме разлика помеѓу нас и другите. Се наоѓаме во речиси секоја земја на светот. Но, ние не војуваме со ниедна од овие земји.“
Најголемиот дел од Американците сепак се загрижени за домашното шпионирање. По нападите на 11 септември на службите за шпионирање во голема мера им беше дозволено да ги прошират своите активности, додека судот за контрола на разузнувањето и надгледувањето, до кој се проследуваат законските барања од службите за шпионирање и конгресните разузнувачките комитети кои се задолжени за надзор на сите нивни активности, во најголемиот дел од времето не ги извршуваат најсоодветно своите фукнкции, туку го олеснуваат спроведувањето на ваквите нелегитимни дејства.
Во одредена мера ова се должи и на нивната незаинтересираност за суштинските нешта, како и на желбата да се остави силен впечаток за борба против тероризмот. Но и на нивната недоволна информираност. Пред неколку месеци, на една седница на Сенатот, демократот Рон Вајден од Орегон, еден од неколкуте политичари кои се реално заинтересирани за контрола на работата на разузнавачките служби, го праша Клапер: „Дали NSA има каков било пристап до податоците на стотиците милиони Американци?“ На тоа Клапер му одговори: „Не, господине.“ (А потоа додаде: „Не намерно.“) На една друга седница, генералот Кит Александар, директорот на NSA дури четиринаесет пати одрече дека Државната безбедносна служба го има потребниот технички капацитет за да ја надгледува електронската пошта и сите други начини преку кои се воспоставува интернет комуникацијата во САД.
Благодарение на Сноуден и на тоа што тој го изјави за Гардијан и за Вашингтон Пост, сега имаме причина да се сомневаме во нивните сведоштва. Како што вели и самиот Сноунден: „NSA има изградено таква инфраструктура која ѝ овозможува да надгледува речиси сè што постои. Во рамките на нејзините можности, огромната област на севкупната меѓучовечка комуникација е автоматски апсорбирана, без и да постојат специфични цели. Кога јас би сакал ги прочитам вашите мејлови, или пак до пораките на вашата сопруга, сè што треба да направам е да ги користам нивните алгоритми. Можам да имам пристап до вашите мејлови, лозинки, телефонски повици, кредитни картички.“
Дали Клапер и Александар намерно лажеа? Ако е така, можеби Сноуден треба да биде екстрадиран во САД и одвлечкан на суд, но само како сведок во процесот при кој овие двајца мајстори на шпионажата би се соочиле со обвиненијата на пристрасниот Конгрес. Претпоставувам дека би можело да се каже дека тој е еден наивен млад човек кој не успеал целосно да ја разбере опасната природа на светот во кој денес живееме. Можете да се сомневате во неговите мотиви, да го наречете човек кој е желен за слава, или пак идиот. (Бегството во Хонг Конг не беше најпаметната работа на светот.) Но тој не изгледа глупаво, туку како најреткиот примерок од човечкиот род кој лесно се разбеснува – како човек со совест. „Јас не сакам да живеам во општество во кое се прават овие нешта“, изјави за Гардијан. „Не сакам да живеам во свет каде што сè што ќе направам или ќе кажам е забележано. Тоа не е нешто кое сум подготовен да го поддржам или пак, под чии правила би сакал да живеам.“
Па, кое е вистинсокото злосторство на Сноуден? Како и Елсберг, Вануну и Бредли Менинг пред него, и тој ги разоткри сомнителните активности на моќниците кои тие сакаа да останат тајна. Во тоа се состои вредната улога која ја играат луѓето како него во слободните општества, и која во рамките на секој посебен случај треба да се разгледува во однос на прекршоците кои тие ги прават со ваквите свои дејства и во однос на потенцијалната штета која нивните откритија можат да ја предизвикаат. Се разбира дека во некои случаи треба да преовладаат интересите на државата. Но тука можеме да пресудиме во корист на Сноуден.
Ќе завршам со зборовите на Елсберг, кој откако му откри на светот дека Пентагон уште веднаш бил свесен дека САД нема да може да ја добие војната во Виетнам, во многу кругови беше прогласен за комунист и предавник: „Сноуден го направи тоа што го направи бидејќи сфати дека програмите за надгледување на NSA се една опасна и неуставна активност. Со севкупната инвазија на приватноста на Американците и на странските граѓани, ние не се грижиме за нашата безбедност, туку ги загрозуваме сите слободи кои се обидуваме да ги заштитиме.“
Извор: The New Yorker