Што бара NSA во Бразил?

29.07.2013 13:42
Што бара NSA во Бразил?

Едно од најинтересните сознанија од ковчегот со тајни документи на Сноуден за NSA е и неодамнешното откритие дека американските шпионски служби прибирале податоци за комуникациите во Бразил. Глен Гринвалд, кој живее и работи во Бразил, ја објави оваа приказна на 6 јули во еден од најголемите бразилски дневни весници „O Globo“. Во еден подоцнежен прилог за Гардијан, Гринвалд наведе дел од својот првобитен извештај од 6 јули:

„Во последната деценија, луѓето кои живеат или престојуваат во Бразил, како и компаниите кои делуваат во оваа земја, се мета на шпионите на Државната безбедносна служба на САД (или скратено – NSA). Нема прецизни податоци, но во текот на јануари Бразил се наоѓаше на листата веднаш зад САД, каде што беа пресретнати 2,3 милијарди телефонски разговори и пораки... Во широката област од јавни и приватни мрежи на странските телекомуникациски компании, Бразил се истакнува на графиконите на оваа американска служба, покрај државите како Кина, Русија, Иран и Пакистан. Нема податоци за тоа колку луѓе и компании се надгледувани во Бразил. Но има докази дека количината на податоци фатени во филтрирачкиот систем на локалните телефонски и интернет-мрежи е константна и обемна.“

Во извесна мера, фактот дека NSA се концентрира на Бразил е изненадувачки. Зошто САД би биле толку заинтересирани за протокот на комуникациите во некоја пријателска јужноамериканска
држава? Но, минатата недела на Безбедносната конференција во Аспен, генералот Кит Александар, директорот на NSA, изнесе еден незабележан коментар кој делумно ја објаснува заинтересираноста на неговата служба за Бразил. Во текот на разговорот со публиката, еден германски репортер стана и му го постави на Александар следното прашање: „Зошто толку многу се фокусирате на прибирање податоци од Бразил кога, барем колку што знаеме, во Бразил и нема многу терористички активности?“

Одговорот на Александар беше малку елиптичен (курзивот е мој): „Знаете, факт е дека ние не ги проверуваме електронските пораки на луѓето во Бразил, ниту пак ги прислушкуваме нивните разговори. Зошто би го правеле тоа? Некој се фатил за една програма која ги прегледува сите метаподатоци ширум светот кои се користат за пронаоѓање терористички активности кои би можеле тука да поминат и потоа брзоплето заклучил, аха, метаподатоци – тоа значи дека ги прислушкуваат телефоните, тоа значи дека им ја читаат поштата на сите. Ние сме задолжени за странските разузнувачки податоци. Вистината е дека во 99,9% од случаите, и не знам уште колку деветки на тоа, без разлика дали е во Германија или Бразил, тие податоци не се интересни за безбедносната служба. Интересен е терористот кој може да се провлече тука или нешто слично.“

(На снимката со обраќањето на генералот Александар, овој разговор може да се чуе околу 52-та минута.)

Одговорот на Александар не е особено сензационален. Но, во него е содржано едно крупно признание на кое се алудира во деловите: „метаподатоци ширум светот кои се користат за пронаоѓање терористички активности кои би можеле тука да поминат“ и „терорист кој може да се провлече тука“.

Го прашав генералот Мајкл Хејден, поранешниот директор на CIA и NSA, што му беше најинтересно во обраќањето на Александар. „Направи два чина на декласификација“, ми рече Хејден, употребувајќи го еуфемизмот за ситуација при која високи службеници откриваат некоја тајна во јавно обраќање. Првото откритие кое Хејден го забележа и не е особено изненадувачко: во претходниот дел од своето обраќање, Александар спомна дека NSA точно знае со кои документи Едвард Сноуден ѝ пристапи на јавноста.

Но, втората декласификација на Александар е многу поинтересна. Хејден укажа на коментарот на Александар за Бразил и на неговата забелешка дека не е заинтересиран за комуникацијата на Бразилците. Ми препорача да размислам за географијата на Бразил, со издадените делови источно над Атлантскиот океан. Ни тогаш не разбрав. „На тоа место трансатлантските кабли излегуваат на брегот“, конечно ми објасни.

И навистина е така. Според мапите на мрежите на подморските кабли кои ги пренесуваат нашите гласови и нашите интернет-податоци ширум светот, Бразил е еден од најважните телекомуникациски центри на светот.

(Ова е подетална, интерактивна верзија на мапата погоре)

Телеко, кој ги прибира податоците за телекомуникациите во Бразил има дополнителни детали за главните подморски кабли кои поминуваат низ оваа земја. Неговите претставници наведуваат дека еден од каблите, Атлантис-2, кој ја поврзува Јужна Америка со Европа и Африка, претставува дел од мрежата која кога ќе биде довршена „ќе ја претставува инфраструктурата на глобалното информатичко општество“.

Иако замислата на NSA за пресретнување на трансатлантските кабли и не е особено шокантна – за ова неодамна беа објавени одлични репотражи во Вашингтон Пост  и Атлантик  – колку што мене ми е познато, минатонеделните изјави на Александар и Хејден претставуваат потврда на оваа активност од највисокото ниво и делумно ја објаснуваат репортажата на Гринвалд за интересот на NSA за Бразил.

Ова ни помага да го разберема слајдот на NSA (прикажан на сликата) кој неодамна беше објавен во Гардијан, и кој се чини открива дека матичната програма за овој вид „низводно“ прибирање податоци се вика „Fairview“ и/или „Blarney“.

Мапата на овој слајд не е толку детална како онаа погоре, но прикажува многу подморски кабли кои водат до Бразил и од него, и објаснува дека NSA ги користи овие програми за „надзор на комуникациите од оптичките кабли и инфраструктурата, додека податоците поминуваат тука“.

Конечно, Гринвалд пишува дека Сноунден ги снимил документите на NSA кои се опишуваат како „кралски драгоцености“ на оваа служба. Многу се шпекулираше околу тоа што точно би можеле да бидат овие посебни документи. Поранешните државни службеници рекоа дека тие најверојатно ги содржат деталите за американските односи со странските разузнувачки служби, и доколку тоа е точно, ова би можело да биде експлозивно откритие за мерките на надзор кои се спроведуваат од страна на западните сојзуници на САД, кои ги прекршуваат законите за приватноста и другите одредби во тие земји.

Портпаролката на NSA, Вани М. Вајс, рече: „Нема да ги елаборираме изјавите кои генералот Александер ги даде во Аспен“ и додаде дека Националната безбедносна служба не сака да коментира во однос на шпекулациите за другите документи кои ги поседува Сноуден.

Извор: The New Yorker

Слични содржини

Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото