Крај на неутралноста на интернетот

29.12.2017 03:02
Крај на неутралноста на интернетот

Претседателот на американската Сојузна комисија за комуникација (FCC) Ајит Паи на 21 ноември најави дека FCC на 14 декември ќе гласа за укинување на правилото за неутралност на интернетот од 2015 (тоа и се случи: FCC со гласање 3-2 ги укина овие правила). Кога тоа ќе се случи, телекомуникациските компании ќе добијат право да одлучуваат за тоа до што корисниците на интернет ќе можат да пристапат - и колку треба да платат за тоа.

Со правилата од 2015 година извршена е рекатегоризација на давателите на интернет услуги (ISP) како што се Comcast, AT&T i Verizon од категоријата „информациски услуги“ - класификација која се применува на социјалните мрежи, пребарувачите и блоговите - во категоријата „телекомуникациски услуги“. Така Сојузната комисија за комуникации стана надлежна за регулирање на работата на ISP компаниите како „даватели на јавни услуги“, што се традиционално комунални и инфраструктурни компании кои нудат општи јавни услуги, а не специјализиран пакет услуги. Благодарение на таквата класификација, а во согласност со општите одредби на Законот за комуникации од 1934, на ISP компаниите им е забрането да нудат пакети со интернет услуги кои им даваат предност или исклучуваат одредени испорачувачи на содржина - со што е заштитена отвореноста и слободата на интернетот.

Со укинувањето на овие мерки Комисијата излегува во пресрет на барањата на лобистите на индустријата за телекомуникации и компаниите како што се AT&T и Comcast, кои тврдат дека правилата усвоени во 2015 довеле до пад на обемот на инвестициите во развој на мрежата на широкопојасен интернет. Меѓутоа, кога истите компании ги истражуваат своите инвеститори за резултатите од работењето, прикажаните бројки откриваат поинаква слика.

Спротивно на тврдењето дека рекатегоризацијата на ISP компаниите како даватели на јавни услуги довела до пад на инвестициите - што Сојузната комисија за комуникации го наведува како главна причина за укинување на правилата за интернетот - неодамна објавениот извештај на групата за заштита на слободата на интернетот, Free Press, докажува дека „ниедна од котираните американски ISP компании никогаш не ги известила своите инвеститори (или Комисијата за берза и хартии од вредност) дека општите одредби на Законот за комуникации лошо влијаат на обемот на нивните инвестиции“.

 

Претседателот на комисијата Паи го образложи укинувањето на правилата за неутралност како „враќање кон послободната двопартиска регулаторна рамка од времето на администрацијата на Клинтон“ кое е претставено како спротивност на „тешката рака на регулаторните агенции на Обама“. Сепак, прописите кои се укинуваат усвоени се пред сѐ за да се спречат злоупотребите.

Пред појавата на широкопојасни мрежи, корисниците пристапуваа на интернет користејќи модеми и телефонска мрежа, што беше класифицирано како телекомуникациска услуга. Судските битки помеѓу Комисијата и ISP компаниите почнаа со појавата на широкопојасните мрежи во 2000-тите, кога компаниите го искористија тоа што се неисправно класифицирани како даватели на информациски услуги за манипулација и уценување на испорачувачите на содржина, забавување на сервисите кои ги сметаа за непожелни и блокирање на пристапот до конкурентските сајтови. Таквите практики се укинати со усвојувањето на новите правила во 2015 година.

Зошто ISP компаниите инсистираат на укинување на неутралноста на интернетот? Одговорот е едноставен: ако имате можност да контролирате до што пристапуваат корисниците, можете да заработите многу пари - прашајте ги Гугл и Фејсбук.

Невозможно е да се процени колкава ќе биде финансиската корист од оваа промена, но милионите долари кои ISP компаниите ги вложуваат во кампањата покажуваат дека очекуваат голема добивка. Извесно е дека најголемиот дел од сметката на крајот ќе го платат корисниците.

Сепак, прашањето дали пристапот до интернет треба да биде слободен или ограничен има далеку пошироки импликации од последиците по нашиот паричник. Со укинувањето на неутралноста искуството на користење интернет - кој засега е слободен и интерактивен - ќе се претвори во нешто послично на гледање телевизија: затворено, пасивно и бирократско. Водечките веб-сајтови ќе станат еквивалент на големите телевизиски мрежи.

Пред оваа одлука, на ISP компаниите им беше дозволено само да даваат услуги за пристап. Сега ќе им биде дозволено да нудат специјализирани пакети на услуги со однапред утврдени содржини, брзини и начини на користење на податоците.

Тоа можеби звучи безопасно, но не е. Зашто, тоа значи дека ISP компаниите можат да нудат пакети на канали со вести кои ќе исклучуваат некои информативни сајтови (како што е овој). Дури и без воведување пакети, тие можат да одлучат да ги забавуваат или блокираат оние сајтови за кои повеќе би сакале нивните претплатници да не ги посетуваат.

Пред воведувањето на правилата од 2015, ISP компаниите го правеа сето тоа. На пример, Comcast ги забавуваше P2P врските за споделување содржина за која сметаше дека го нарушува авторското право, а Verizon на своите корисници им оневозможи да користат конкурентски апликации за плаќање.

Во битката за неутралност на интернетот на различни страни се најдоа ISP компаниите и потрошувачите на големи количини податоци, како што се Гугл, Нетфликс и Спотифај - компании кои укинувањето на правилата од 2015 го толкуваат како закана за своите деловни резултати.

Гугл зборува за важноста на „отворениот интернет“, но она што неговите шефови навистина ги загрижува се уценувачките надомести кои ISP компаниите сега би можеле да им ги наплаќаат. Затоа Гугл лобираше за правила и затоа оваа компанија брза со изградба на сопствен интернет сервис - Гугл Фибер - што ISP компаниите се обидуваат да го спречат преку своите врски со локалните нивоа на власт.

Секако, сите тие компании мораат пред сѐ да водат сметка за интересите на своите инвеститори, а не за интересот на просечниот корисник на интернет. Со укинувањето на правилата за неутралност услугата ќе биде поскапа и помалку слободна за сите нас.

Интернетот веќе има доволно чувари и ISP компаниите не треба да се додаваат на тој список. Сопствениците на веб серверите имаат право да ги суспендираат проблематичните домејни. Фејсбук и Гугл веќе одлучуваат не само за тоа што корисниците смеат да видат, туку и во каков контекст ќе го видат тоа. На дигиталната економија не ѝ е потребна уште цензура, нееднаквост и надзор. Веќе има премногу од тоа.

Извор: In These Times, 08.12.2017.
Слики: Гундуз Агаев

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото