Исцрпената демократија

21.08.2017 14:39
Исцрпената демократија

Во моментот кога текстов оди на печатење сè уште не е јасно дали Доналд Трамп ќе влезе во историјата како шампион на лесните и празни закани или како некој што ги остварил, започнувајќи крајно опасна војна со несогледливи глобални последици. Меѓутоа, нешто друго е јасно. Доналд Трамп, ексцентричен милијардер, деловен човек со неколку фасцинантни падови и подеми, естрадна фигура, со своето влегување во Белата куќа, а потоа и со кампањата на таканаречените либерални кругови коишто во најдобар манир на речиси заборавениот макартизам ја поведоа против него, покажа и докажа дека демократијата од западен тип, особено нејзината американска варијанта, неверојатно дегенерираше. Не треба да се двоумиме ако ги погледнеме фактите.

Трамп беше избран за претседател на Америка, земја што долга низа години важеше, со многу причини, за предводник на демократијата во светот. Беше избран во согласност со правилата воспоставени од американскиот демократски поредок и кои во основа важат од времето на создавањето на Соединетите Држави. Тука се среќаваме со првото „но“. За воопшто да се влезе во трката за номинација за претседателски кандидат треба да се има енормно многу пари. Значи, во демократијата, владеењето на народот, на народот му е одземена можноста да го избира најдобриот и оставена му е само можност меѓу богатите да го избира оној кој му се чини најпособен. Или, а тоа е второто „но“, што евидентно беше случај на последните американски претседателски избори, народот е присилен да избира помеѓу две зла. Па, помеѓу Трамп, тотален политички аматер – тогаш – со мошне кохерентен и за американските прилики изненадувачки нов надворешно-политички концепт и Хилари Клинтон, некогашната прва дама и подоцна министерка за надворешни работи, несомнен политички „јастреб“ со воочлив недостаток на каков било јасен надворешно-политички концепт освен продолжување на рушењето режими и наметнување нови властодршци и продлабочување на обновената студена војна, го избра Трамп како – помало зло. Се разбира, кога го употребуваме зборот „народ“, мислиме на оние кои излегле на избори, а тоа по правило се едвај малку повеќе од половината регистрирани Американци со право на глас. Така доаѓаме до третото „но“ – претседателот го избира малцинството Американци и во основа му го наметнува на мнозинството.

Така функционира американската демократија, барем повеќе од последниве педесет години, а бидејќи ни европските демократски модели не останаа поштедени од сеопштата американизација, нешто слично може да се забележи и во Европа. Со други зборови, системот што го нарекуваме демократија и во кој се колнеме како во „нешто што не е совршено, но нема подобро“ (зборови на Винстон Черчил, легендарниот воен премиер на Велика Британија) не им дава шанса на способните туку на богатите. Тој систем често ги доведува гласачите пред избор помеѓу поголемото или помалото зло, а во не толку мал број земји (барем досега, Франција беше видлив исклучок) гласачите до таа мера се заситени од политиката, политичарите и аферите што ги следат, што во значаен број не го користат своето право да излезат на избори, на тој начин препуштајќи му на малцинството својот избор да му го наметне на мнозинството. И, тоа би требало да биде владеење на народот?

Но, добро, да ги прифатиме нештата какви што се. Трамп беше избран според истите правила со кои досега беа избирани сите негови претходници. Не беше ни прв ни единствен што победи благодарение на гласовите на таканаречените електори дури и покрај тоа што имаше помалку гласови од избирачите на својата противкандидатка. Значи, избран е по демократски пат и неговиот избор беше легитимен. И, тука почнува второто поглавје од сагата за дегенерираната демократија. И покрај тоа што беше избран во склад со правилата на важечката демократија, и покрај тоа што легитимитетот на неговиот избор на ниеден начин не можеше да се оспори, таборот на поразената противкандидатка (во која заблудените европски либерали со леви склоности одеднаш почнуваат да гледаат левичарка, иако без никаква основа) со помош на наклонетите медиуми или медиумите кои ги контролира (толку од слободните медиуми!), започна невидена кампања против Трамп, со главно обвинение дека победил благодарение на руското влијание на претседателските избори (што во исто време е голем комплимент за руската пропаганда и тајните служби, но и уште поголема навреда за американските гласачи). Покрај тоа, според потребите, варираат обвинувањата дека Трамп е психички нестабилен (што е малку попристоен израз за непресметлив), дека не е способен за извршување на претседателската должност, па до најновите – дека се заканува дека ќе го фрли светот во нуклеарна војна. Во програмата на предводникот на антитрамповската кампања, глобалната телевизиска мрежа СиЕнЕн, се дискутира колку претседателот е лабилен, за тоа до која мера е поврзан со Москва (очигледно можноста за нов детант е нешто што најмногу ги ужаснува неговите противници), па до тоа каков ќе биде механизмот за негово разрешување од должноста (импичмент). Посебниот обвинител за испитување на врската Трамп – Кремљ ја свика големата порота, група граѓани кои, следејќи ја традицијата за испитување на антиамериканското дејствување од времето на злогласниот сенатор Џозеф Мекарти, а врз основа на извештаите од разузнавачките агенции кои до ден денешен не објавија ама баш ниеден конкретен доказ за мешањето на Москва во процесот на претседателските избори, мора да се заклучи дали Трамп станал претседател на САД благодарение на волјата и поддршката на американските гласачи, односно електорите, или влијанието на Москва. Тешко е да се предвиди резултатот.

За финансиските нерегуларности во работата на фондацијата Клинтон, за незаштитените мејлови кои, кршејќи го законот, ги испраќала некогашната државна секретарка (па, потоа негираше дека го правела тоа), за нејзината улога во таканаречената несреќна Арапска пролет, особено во либискиот преврат и убиството на полковникот Гадафи, за сето тоа никој веќе не кажува ни збор. Како и да е, Хилари Клинтон ја најавува набрзина составената книга „Што навистина се случи“ која, нема сомнеж, би требало да биде последниот нокт во телото на претседателскиот мандат на Доналд Трамп.

А, Трамп, колку и да е нов во политичката арена, не е толку наивен за да не сфати дека го притиснаа до ѕид. И почнува да се однесува онака како што се однесува ранет ѕвер притиснат до ѕид. Се откажува од сето она што го ветуваше во кампањата (освен ѕидот на границата со Мексико), ги заборава приказните за тоа дека помина времето за наметнување на „американскиот начин на живот“ на другите и води политика (доколку неговото буквално лизгање на меѓународната сцена може да се нарече политика) која како да е продолжение на најлошото од времето на Џорџ В. Буш и Барак Обама (читај: Хилари Клинтон). И, со големо задоволство нагласено се заканува со американската воена моќ, што го доведе и на раб на конфликт со колку привидно непредвидливиот, а впрочем толку и предвидлив режим на Северна Кореја. Додуша, Ким Јонг-Ун е непознаница, но со сите тие бомбастични пораки кои пристигнуваат од неговата метропола, не треба да се заборави дека е образован на Запад и дека знае со кого си има работа. За разлика од Трамп кој влета во потенцијално воен покер не знаејќи ништо за другата страна, освен фразата за диктатурата и последното упориште на комунизмот (и она што му го сервира воено-индустрискиот комплекс на кого секогаш некаде му треба војна, па дури и со себе да го носи ризикот таа да е светска).

Денешниот свет е на раб на конфронтација со навистина несогледливи последици. Но, во крајна линија тоа не е вина на Доналд Трамп, туку на системот кој најпрвин му овозможи влез во Белата куќа, а сега – преку активностите на она што се нарекува подземна држава – настојува да го исфрли од неа. И едното и другото – е демократски. Па, нели е крајно време да се размисли каков е тој систем што го нарекуваме демократски и што тој ни донесува. Значи, не се работи за Доналд Трамп, се работи за демократијата, односно она што го нарекуваме демократија, а тоа има сè помала врска со оригиналниот поим. Најпосле, запаметено е дека Џон Адамс, вториот претседател на САД, рекол: „Демократијата никогаш не трае долго. Таа набрзо ќе се потроши самата себеси, ќе се исцрпи и ќе се убие. Никогаш не постоела демократија која на крајот не извршила самоубиство.“

Слики: Allan Adler

Извор: Novosti

ОкоБоли главаВицФото