1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 10:59
Записи од 57-ца
Кучето на слепиот ја протна главата надвор од автобускиот прозорец и ги душкаше случувањата во градот за пред легнување да му ги прераскаже на својот стопан. Една млада металка (со два бас тапани на глава кои глумеа слушалки) го нишаше своето тело во ритамот на утрински дед-метал, додека патниците очекуваа од ранецот да извади јаре и да го жртвува тука, пред нив. Автобусот е полн со пензионери кои решиле да се ослободат од сите свои приказни пред смртта да им ги украде и да му ги продаде на црно на Севишниот. Тротоарите назаинтересирано ги следат движењата на возилата и си свиркаат импровизирани молерски песни.
Скопје не е град на духови.
Скопје е град-дух.
Групен портрет
Бевме дваесетмина и не се познававме меѓу себе. Бевме неми и голи. Нѐ полеваа со сок од лимон и бензин, а ние само стоевме потпрени со главите на облаци во форма на гилотина. Надвор не престануваше да врне и сите кучиња решија да станат риби. Тишиништата нешто ни зборуваа, но ние немавме уши. Од прстите ни растеа кактуси кои довикуваа расипани часовници. Самовилите доаѓаа и си заминуваа откако ќе си ги протриеја градите од нашите зашиени носови. Едно колибри си помисли дека сме цвет и нѐ изеде за доручек. Сега шетаме низ светот и сите гробови се исти, а за нас нема гробно место. Шетаме со години да ги пронајдеме за на крајот тие нас да нѐ пронајдат.
Слика: Владимир Лукаш