На денот на Скопскиот маратон

08.05.2017 10:08
На денот на Скопскиот маратон

Кога требаше да трчам на Скопскиот маратон, ништо не беше како што треба: двете нозе ми беа во гипс, носот скршен како крајче на жешко лепче, рацете искасани од свежи пролетни комарци, газот пикадосан од инјекции. Нормално, не можев да мрднам од место и организаторите одлучија да ми доделат двајца помошници од оние кои не се квалификувале. Останатите маратонци веќе истрчаа добри 3-4 километри, а моите помошници играа табланет со судиите. Им се развикав дека со ова темпо ќе нè престигне и македонската демократија, а тие ми ја врзаа устата со сè уште неиспотена чорапа. Вриев. Трепкав со очите најбрутално што можев, сè додека не се онесвестив од премор.

Кога се разбудив, сè беше тивко: маратонците одамна го беа истрчале почесниот круг, коските на моите помошници беа на истото место каде што ги видов пред да се онесвестам (едно скелетосано раче држеше пар џандари), насекаде имаше знаменца, вувузели и празни шишенца со вода, но немаше никого. Ниту живо, ниту мртво пиле. Ништо. Станав, нозете ми беа здрави и решив да се прошетам до целта. Кога ја преминав целта, една полумртва хостеса ползејќи ми подаде букет со цвеќе, едвај ми честиташе за победата и умре. „Значи, цар сум...“, си помислив и гордо отшетав во самракот на човештвото.

Слика: Хедер Калдерон

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото