Да живее слободниот театар!

11.10.2017 02:13
Да живее слободниот театар!

Пред три години не бев примена на конкурсот за режисери во МНТ иако и тогаш, а и сега тврдам дека требаше да се најдам на врвот на листата за работното место на театарски режисер. Се сеќавам на следното утро кога се разбудив со три бели влакна на главата, со огромни подочњаци и со чувство на празнина и болка во желудникот. После тоа повраќав три дена, иако знам дека маката не можеш да ја повратиш.

Омаловажувачко е чувството кога ќе бидеш фрлен на маргините само затоа што гласно зборуваш дека не се согласуваш со нечии политики, со култура која е роб на партија, а од истите причини твојот талент е изнегиран, изгужван како употребено парче хартија и фрлен во корпа за ѓубре.

Ваков случај на неправда не беше направен само кон мене, туку и кон многу други глумци, режисери, драматурзи и.т.н. и сето се разбира на сметка на протекционизмот и/или поддржувачите на тогашниот режим.
За разлика од повеќето, јас одлучив правдата да ја барам на суд и покрај тоа што знаев какви егзистенцијални и професионални последици ќе ми донесе оваа моја одлука.

Престанав да добивам проекти, ми симнуваа претстави од репертоар, ме отфрлаа на секој можен начин и тоа во за мене клучен момент во кариерата. Ама бев убедена дека оваа битка ќе ја терам до крај.
Конечно вчера ја добивме пресудата која е во моја корист и го поништивме конкурсот:

„...Согласно со горенаведеното, а како тужениот не доставил доказ дека одлуката е донесена во согласност со Законот, а од аспект на тоа дека по огласот се избрани кандидати кои ги исполнуваат условите, правилно првостепениот суд го усвоил тужбеното барање на тужителката и ја поништи како незаконита одлуката за избор на кандидати за вработување на режисери бр. 0402 – 5325/1 од 25.12.2014 година донесена од уметничкиот директор (Дејан Пројковски) на НУ Македонски Народен Театар - Скопје“

Се надевам дека оваа три-годишна агонија со позитивен исход е во име на правдата, принципите и општото добро.

Верувам дека придобивката не е само моја туку е чекор напред во градење на нови етички и театарски вредности. Да се надеваме дека полека како општество почнавме да созреваме и дека во иднина похрабро ќе се бориме против секакви обиди за протекционизам и партизирање на културата.

Чекам и барам од Министерство за култура и МНТ да ја поправат оваа неправда која ми е нанесена. Да живее слободата, правдата и принципите. Да живее слободниот театар.

Извор: Фејсбук

 

 

ОкоБоли главаВицФото