За бурката и тоа што го открива

25.10.2017 13:27
 За бурката и тоа што го открива

Блерта е млада жена од Македонија. Родена и израсната во Скопје. Наставничка е по англиски јазик, мажена и има две прекрасни деца. Од мала е пливачка, тренирала пливање во Скопје. Како и многу други млади муслиманки, Блерта од пред една година, се покрила со шамија. Можеби никогаш нема да ни стане јасно, зошто една преубава жена, избрала својата убавина да ја покрие од светот и да ја чува за својот сопруг, за своето семејство.

Кога ја прашав колку време ја носи, ми одговори: точно една година и два месеци. Јас така ги броев и месеците и деновите кога растеше моето дете. Толку ми беше важна секоја минута, па така, и Блерта. Знае точно колку време и зошто ја носи. Тоа значење ѝ припаѓа само нејзе.

Неодамна, Блерта сакала со другарките да одат на базен. Тоа подразбира пливање со костим кој покрива поголем дел од телото (буркини). Судрена со разни предрасуди од околината, се јавила да праша дали ќе претставува проблем пливање со таков костим.

„Во 13 часот се јавив во TCC Grand Plaza, прашав за термини и цени. Девојката од рецепција беше љубезна и ми објасни сѐ што требаше. И кажав дека јас и моите другарки ќе пливаме во буркини, па ја прашав дали тоа ќе биде проблем. И тогаш настапи тишина. Потоа девојката ми го побара телефонскиот број, за да го праша шефот и да ми јави. Во 13:24 се јавија со извинување и ми рекоа дека за нив не било проблем, ама другите гости ќе префрлале и ќе се исплашеле. Искрено се потресов, многу ми падна тешко. Зошто некој би се исплашил од неколку жени, само поради тоа што се премногу покриени?!“

И во други базени прашале, во Олимписки им го дале истиот одговор.

„Се прашувам, зошто толку страв, зошто дискриминација и отуѓување, па и јас знам да пливам! Од мала моите ме носеле во пливачки клубови и многу го сакам тој спорт.“

Берта би ги носела и своите деца на базен, сака и тие да го засакаат спортот, но ја замислувам оваа случка пред нив, како пак тие би се почувствувале. Во овој случај и тие се дискриминирани, и тие ја носат „стигмата“ на својата мајка. Страшната шамија, под која „којзнае што крие“.

Тешко е да се лоцира моментот на дискриминација во овој случај. Блерта пријавила во Хелсиншки комитет за човекови права и очекува разрешница. Имено, хотелот не забранува, ама проблемот се „другите гости“. Пред неколку месеци, имаше случај каде на една мајка ѝ беше забранет влез во Олимписки, затоа што нејзиното дете е во инвалидска количка. Не било хигиенски!

Сигурно е убаво да се живее во општество каде сѐ е хигиенски, стерилно, проѕирно и доволно откриено за да ги видиме јасно нашите примитивни сфаќања и стравови. Но, во него да нема бурки, инвалидски колички, шамии и луѓе што се плашат од нив.

 Извор: Цивилмедиа

ОкоБоли главаВицФото