Да се избере бурка

25.07.2013 11:18
Да се избере бурка

Кога Франција во 2010, во времето на Никола Саркози, го воведе законот за забрана за носење бурка и никаб, јавноста ширум Европа се подели на поддржувачи и противници забраната и веднаш беше јасно дека новите прописи тешко ќе се применуваат. Бидејќи, што може да направи францускиот полицаец доколку жената не сака да ја соблече својата верска облека? Токму ваков случај доведе до протести минатиот викенд во Париз. Демонстрантите се залагаат за укинување на забраната, со една ограда дека не може да биде применувана во верски објекти кои се наоѓаат на отворено.

Случајот на забрана за носење бурка и никаб е интересен од најмалку две причини. Првата е таа дека на прв поглед сите страни во спорот имаат силни аргументи за својот став - од оние на кои централна тема им е зачувувањето на францускиот и европскиот идентитет и нивните вредности, преку оние кои се грижат за слободата на вероисповедта и недискриминацијата, до оние на кои најважна тема им е интеграцијата на имигрантите или желбата да се избегнат судири. Втората причина е тоа што прашањето за односот на јавно-правние норми и оние кои се последица на верските канони и обичаи веќе со години е жешка тема пред европските судови, кои неретко имаат спротивставени ставови за ова прашање.

И што е всушност спорно? Откако некои земји забранија носење верски обележја во јавните институции, тврдејќи дека тие мораат да бидат секуларни и необоени со приватните верски убедувања на службениците, бидејќи тие им служат на сите граѓани (против ваквите прописи не застана ниту Европскиот суд за човекови права), како дојдовме на теренот на забрана за носење верски обележја и на јавните места и во приватното време на граѓаните? И зошто сè уште би нè интересирало тоа кој како се облекува на јавно место? Зошто оваа забрана не ги погодува и другите верски заедници и дали ваквата мерка ќе ги предизвика очекуваните последици? Можеби последица ќе биде само тоа што Французинките кои носат бурки едноставно повеќе нема да излегуваат од своите куќи, со што дополнително ќе бидат исклучени од општеството?

За споредба, германските судови во неколку случаи дојдоа до спротивни заклучоци - да речеме дека начелото на недискриминација на работа не важи во верските училишта (како ексклузивни места каде важат само верските канони), па така разведените професорки во нив не се добредојдени или, доколку се разведат за време на работниот однос, ќе добијат отказ. Признавам дека сум далеку од ова гледиште, бидејќи ако забраната на дискриминација нè штити парцијално и само таму каде што нема опасност да бидеме изложени, дали таа воопшто постои? Ваквите спротивставени ставови во само две земји, кои притоа се срцето на Европската унија, зборуваат за тоа дека консензусот на ниво на Унијата ќе го почекаме уште некое време.

Иако е јасно дека забраната секогаш е најлошо и последно решение, и иако можеме да ги доведеме во прашање нејзините последици во конкретен случај, и некои други прашања се сосема легитимни. Дали целосното покривање на лицето и телото кај жената од муслиманска вероисповед е поврзано со маргинализација и омаловажување на жената, под превезот (дури и буквално) на верските слободи и слободата на носење верски обележја? Не е ли една од темелните европски вредности, освен слободата на вероисповед, и онаа за рамноправноста на мажот и жената? Дали овде навистина во средиштето на вниманието е слободата на избор или имаме причина да се сомневаме дека всушност се работи за непостоење на каков било друг избор? Дали на овие жени им е потребна поддршка, бидејќи во спротивно, со недејствувањето на едно развиено европско општество, ќе станат имиња без лице и идентитет? Оние на кои во некој следен стадиум на маргинализација нема да им подадеме рака, бидејќи сепак - тоа е нивна вера, живот и избор.

Ми се чини дека е најважно како другите земји ќе ја толкуваат слободата на вероисповед и носењето верски обележја во олку (мора да признаеме) екстремни случаи. И како системот ќе ги рангира основните права на граѓаните - дали слободата на избор, рамноправноста на мажите и жените и начелото на недискриминација на таа скала е над слободата на вероисповед и религиски обичаи?

Би сакала одговорот на ова прашање да биде да. Би сакала да видам конечно разидување помеѓу слободата да веруваме во тоа како сме настанале и каде одие како планета и прецизните упатства како треба да живееме, на кого да се покоруваме и кого да слушаме секој ден кога треба да станеме. Овде пред сè (но не исклучиво) мислам на нас, на кои ни се случило да се родиме како жени.

Ќе видиме дали Франција решила да заземе цврст став и да оди до крај во аргументацијата дека е должна со јавно-правни средства да се бори против недостигот од слобода на избор, како и со забраната за носење бурка да им се отвори тој избор на жените. Од секуларна перспектива не е тешко да се разбере дека оваа забрана отвора пат кон слободата, ако забраната на некое однесување за еден го отвора полето на слободата за друг. Но дали е можно да се постигнат овие две работи истовремено? Има такви кои тврдат дека вистинската намера на оваа мерка не е толку европска, туку дека се сведува на пресметка со имигрантите, како и дека бројот на жени кои носат бурка во Париз е само неколку илјади. Ќе видиме дали Франција всушност се грижи за поединечната судбина на секоја од овие жени или води некоја друга војна, која нема никаква врска со човековите права и слободи.

Можеби треба да се сетиме колку пати нечепкањето во приватната сфера било изговор да замижиме пред несреќата на другите. Она што е сигурно е дека и приватното е политичко, доколку приватното на кој било во нашето општество повредува или спречува да се одбере својот пат во животот. За жал, религиите секогаш подобро осмислувале начини да го постигнат тоа, отколку што општествата биле во состојба да ги спречат во истото.

Извор: pescanik.net

Слични содржини

Општество / Европа

ОкоБоли главаВицФото