Шпанска треска

28.10.2017 00:38
Шпанска треска

Каталонија прогласи независност, а владата во Мадрид го активира Членот 155 од уставот, таканаречената „нуклеарна опција“. Време е ЕУ да понуди повеќе од топли зборови.

 

Два воза во Шпанија итаат еден кон друг и никој како да не може да ги запре. Оваа слика за тврдоглавоста и непопустливоста, како на Мадрид така и на Барселона, медиумите изминатите недели ја ширеа до изнемоштеност. Сега возовите се судрија со полна брзина. Каталонија прогласи независност, а шпанскиот Сенат го одобри озлогласениот параграф 155, кој предвидува развластување на каталонската влада и укинување на автономијата.

Без сомнеж тоа е историски ден во историјата на Шпанија. Или да го формулираме тоа понеутрално, ден кој означува еден длабок рез. Во историјата на овој регион четири пати беше прогласувано нешто како „Каталонска република“ или „Каталонска држава“. Првпат во 17 век за време на востанието на žetelaca, па потоа за време на првата шпанска република во 1873 година, и потоа двапати во времето на втората шпанска република, непосредно пред граѓанската војна во 1931 и 1934 година. Во сите случаи не стануваше збор за прогласување на целосна независност, туку за прогласување на самостојна каталонска држава во рамки на федерално замислената Шпанија. Повеќето од каталонските „независности“ не траеја подолго од неколку денови.

 

Рахој придонесе за заострување на кризата

Дотолку повеќе зачудува ова актуелно, прво вистинско прогласување независност на Каталонците. Човек се прашува како е тоа можно. Зошто баш сега, во 2017 година, во рамките на една демократска, правна држава, која гарантира широки автономни права и која на Каталонците им обезбедува - во рамките на Европската Унија - мир и благосостојба?

За да се одговори на ова прашање, потребно e најпрво да се фрли поглед кон Шпанија, но не само кон Шпанија. Начинот на кој владејачката конзервативна партија во Мадрид, која ја предводи Маријано Рахој, без ниту мала смисла за емпатија и чувство за дипломатија, исклучиво со параграфи се обидува да ја спречи оваа единствена криза во Шпанија, сведочи за застрашувачки недостиг на имагинација. Рахој не е дораснат на својата функција. Најдоцна од 2010 година, кога шпанскиот Уставен суд по негов наговор го урна актуелизираниот статус на каталонската автономија од 2006 година, во голема мера придонесе за заострување на кризата.

 

Медитеранска Северна Ирска?

Кога се бараат причините за проблемот и одговорните, секако дека мора да се погледне и Барселона. Каталонскиот политичар Луис Рабел неодамна, осврнувајќи се на референдумот во Шкотска, предупреди: „Да не заспиеме со сонот за Шкотска, а потоа да се разбудиме во Северна Ирска“. Наредните денови ќе се види дали популистичките пропагандисти на едностраната и илегална независност, ќе ја претворат Каталонија во медитеранска Северна Ирска. Никој не го очекува тоа, но би требало да се плашиме од такво нешто.

Најпосле, на заспаните политичари од ЕУ би требало да им стане јасно дека овде повеќе не станува збор исклучиво за шпански проблем. Новиот вид „шпанска грозница“ во форма на еднострано прогласена независност би можел да влијае и на други земји од ЕУ. ЕУ не може постојано да ја врти главата, како во случајот со Шкотска и сега Каталонија. Конечно, би морала да ја отвори „кутијата за прва помош“ и конструктивно да придонесе за решавање на проблемот, кога, како во случајот со Шпанија, централната власт е целосно преоптоварена.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото