Како функционирало преведувањето во Отоманската Империја

10.11.2017 12:58
Како функционирало преведувањето во Отоманската Империја

Сте се прашале ли како функционирало преведувањето во Отоманската Империја?

Во Отоманската Империја се говореле различни јазици. Официјалниот јазик на Портата бил османлискиот, мешавина меѓу турскиот, персискиот и арапскиот јазик, со користење на арапското писмо. Но освен администрацијата и луѓето околу султанот, малкумина го владееле овој јазик. Како тогаш функционирала комуникацијата со населението? За преведувачи со локалното население се користеле јаничарите. Тоа биле насилно регрутирани христијански деца кои го владееле мајчниот јазик и биле воспитани да му служат на султанот. Најталентираните од нив биле праќани назад во своите родни места во функција на службеници и локални моќници (дахии).

Надворешната, дипломатска, комуникација со Западна Европа се одвивала преку Млетачката Република. Венецијанците одржувале свое претставништво во Цариград и секои две години испраќале свои учители по италијански јазик. Ученици биле деца на католички Грци кои живееле во Пера. Овие деца, на италијански „giovani di lingua“, на турски „dil oğlan“, зборувале турски, грчки и италијански и се користеле како официјални преведувачи. Тие биле многу ценети затоа што биле во постојан контакт со Големата Порта и со моќниците на Отоманската Империја. Тие се познати под името „драгомани“ а народот ги викал и „фанариоти“. Овие преведувачи биле под заштита на Млетачката република и добивале млетачко државјанство. Постоела и титулата „Голем драгоман“. Драгоманите биле високи функционери, а познат е и случајот на големиот драгоман Александар Маврокордато кој станал и принц на Романија. Драгоман доаѓа од турски „tercüman“ а коренот на зборот е стар повеќе од 5000 години. На персиски се нарекувале „motarjem“ а на хебрејски „metagem“ а во древна Месопотамија на акадски „targumannu“. Зборот драгоман преку Венецијанците навлегол и во сите западни јазици. Го има и во македонскиот јазик, но се користи не само во смисла на преведувач/толкувач, туку и како предводник. (Nathalie Rothman, „Interpreting Dragomans“)

 

Извор: Фејсбук профилот на авторот

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Стрип / Култура / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото