Оргија за Македонија

15.11.2017 04:41
Оргија за Македонија

Требало да се сними некој сериски филм насловен „Што е Македонија?“. Направиле и трејлер, актери и деца на актери се напикале, оргија за Македонија.

Денеска, директорот на Агенцијата за филм, на прес конференција кажал дека има очигледни прекршувања на договорот од страна на продукцијата, а пак договорот, леба ти, да ти тежел 4,6 милиони евра.

Јас, како мрчатор со диплома и со многу тенок вкус, сметам дека во Македонија, ниту има, ниту ќе има капацитет на режисери коишто ќе заслужат да добијат повеќе од 100-200 илјади евра за снимање на филм. Особено не за постарата „гарда“ која се изнасними филмови, а, како што јас гледам, не вредат ни колку еден фрагмент од филмовите коишто во нашето соседство некогаш и сега се снимале.

Сметам дека парите треба да ги доделуваат на млади, перспективни и неперспективни режисери и луѓе со идеи, кои неконтаминирани од игрите на моќ кои се случуваат во рамки на филмските фондови и министерствата, ќе можат да раскажат некоја приказна поврзана со нив и со општеството во коешто живеат.

Ремитологизирањата на тоа „Што е Македонија“, која е Македонија, каде е Македонија, Колку е Македонија, Зошто е Македонија, треба да завршат исто како што заврши (се надевам), една епоха на колективна идентитетска фатаморгана.

Нам ни требаат луѓе кои живеат во ова општество, кои го следат ова општество и кои ја знаат историјата на ова општество; и луѓе кои го слушаат духот на времето, луѓе кои имаат осет за оние за кои никој нема и немал осет досега во современата историја на Македонија.

Извор: Фејсбук профилот на авторот