Несреќните млади

16.11.2017 02:42
Несреќните млади

(Лутеранските писма, Рим, 1991, с. 5-12)


Една од помистериозните теми на грчкиот трагичен театар е предодреденоста на синовите да плаќаат за грешките на нивните татковци.
Не е важно дали синовите се добри, невини, понизни: ако нивните татковци грешеле, синовите се тие кои треба да бидат казнети.
Токму хорот – тоа е еден демократичен хор – е самопрогласен чувар на ваквата вистина: вистина која ја најавува без да ја претстави и без да ја илустрира, како да е негов составен дел.
Признавам дека секогаш ја прифаќав оваа тема на грчкиот театар како нешто што е туѓо за моето знаење, како нешто што се случило на друго место и во друго време. Не толку во отсуство на јасна научна наивност, секогаш мислев дека оваа тема е апсурдна, напати наивна, антрополошки наивна.

Но подоцна во мојот живот дојде мигот, во кој морав да признаам дека неминовно припаѓам на генерацијата на татковците. Неминовно, бидејќи синовите не само што се родени, не само што се созреани, туку се стигнати до фазата на разумност, па оттука нивната судбина почнува неизбежно да биде тоа што треба да биде и да ги направи возрасни.

Последниве години долго ги набљудував овие синови. На крајот, моето мислење, колку дури и мене да ми изгледа неправедно и безмилосно, е осудувачко. Се обидов да ја разберам, па и да се преправам дека не ја разбирам нивната реалност, да сметам на исклучоците, да се надевам на некаква промена, историски да ја разгледувам нивната реалност вон субјективните судови за тоа што е добро а што лошо. Попусто. Моето доминантно чувство е осуда. А чувствата не можат да се променат. Токму тие се историски. Вистинско е токму она што може да се искуси (и покрај сите неискрености што можеби ги носиме во себе). На крајот, односно денес – на почетокот на 1975, моето чувство, повторувам, е осуда. Сепак, веројатно „осуда“ е погрешен збор (произлезен од почетното реферирање на грчкиот театар и таквото јазично контекстуализирање), кој треба да го дообјаснам: повеќе од осуда, моето чувство претставува некакво „престанување на сакање“: престанување кое не отстапува место на омразата, туку на осудата.

Мојот прекор кон синовите е општ, неизмерен и нејасен. Како нешто што останува отаде вербалното, покажувајќи се ирационално во постоењето, во „покажувањето чувства“. Сега кога јас-идеалниот татко-историскиот татко, ги осудувам синовите, природно е како последица да ја прифатам, на некој начин, идејата за нивното казнување.

За прв пат во мојот живот, преку еден интимен и личен механизам успевам да ја ослободам во мојата совест таа страшна, апстрактна фаталност на атинскиот хор кој го утврдува „казнувањето на синовите“ како нешто сосема природно.
Само што овој хор, обдарен со толку заборав и длабока мудрост, додава дека синовите се казнети заради вината на нивните татковци.

Но добро, во ниту еден миг не се колебам да признаам дека таа вина е и моја, лична. Ако јас ги осудам синовите (како последица на извесно отсуство на љубов кон нив) а со тоа претпоставувам нивно казнување, немам ни трошка сомнеж дека сето тоа се случува заради моја вина. Како татко. Како еден од татковците. Како еден од татковците кои станаа одговорни, прво за фашизмот, потоа за еден навидум демократски, клеро-фашистички режим, и кои конечно ја прифатија новата форма на моќта, моќта на конзумеризмот, последната рушевина, рушевината над рушевините.

Дали тоа значи дека вината на татковците која треба да ја искупат синовите е „фашизмот“, како во неговите архаични форми така и во неговите апсолутно нови форми, и тоа нови без можни еквиваленти кои може да се забележат во минатото?
Тешко ми е да признаам дека вината е оваа. Веројатно заради интимни и лични причини. Јас, лично, отсекогаш сум бил антифашист, и никогаш не ја прифатив новата моќ за која, всушност, пророчки зборуваше Маркс во „Манифестот“, верувајќи дека зборува за капитализмот на неговото време. Ми се чини дека има нешто конформистичко и претерано логично – односно неисториско – во тоа вината да се бара токму тука.
Веќе слушам околу мене како „педантериите“ се скандализираат – проследено од нивната уцена – од тоа што сега ќе го кажам. Веќе ги слушам нивните аргументи: оној кој не може да ги разбере драматичните елементи на новото, од кои се сочинети нивните синови, кој не може да разбере дека токму тие се животот, е назаден, реакционер и народен непријател.

Па, меѓу другото, мислам дека и јас имам право на живот, затоа што иако сум татко, тоа не значи дека престанувам да бидам и син. Дотолку повеќе што за мене животот може да биде волшебен, на пример, кога ја имам храброста да им откријам на новите синови што навистина чувствувам за нив. Животот пред сè се состои во непречено користење на разумот: оти сигурно не се состои во зададените концепции, посебно не во зададените концепции за самиот живот кои секогаш покажуваат чиста апатија.

Речиси сите синови кои нè опкружуваат, особено помладите и адолесцентите, се грди. Нивната физичка појавност е безмалку тероризирачка, а доколку не е тероризирачка, секогаш е измачувачки несреќна. Одвратни капути, идиотски фризури, бледолики, згаснати очи. Тие се како маски за некаква варварска иницијација. Или пак, тие се маските на едно неодговорно, забрзано и безмилосно обединување.

Со тоа што поставија бариери со намера да ги издвојат татковците во гето, самите се најдоа затворени во спротивното гето. Во најдобрите случаи, висат врз бодликавите жици што го обрабуваат гетото, гледаат кон нас, кои сè уште сме луѓе, како очајни питачи кои бараат нешто со својот поглед, бидејќи немаат храброст, ниту пак капацитет да прозборат.

Во случаите кои не се ништо подобри ниту полоши (такви се милиони), немаат никаква експресија: како олицетворение на неодреденоста. Нивните очи забегуваат, нивните мисли се постојано некаде другаде, истовремено имаат и голема почит и голем презир, преголемо трпение или премногу нетрпение. Научиле нешто малку повеќе од тоа што го знаеле нивните врсници пред 10 или 20 години, но недоволно. Втолпувањето не е морален проблем, а револтот е кодифициран. Во најлошите случаи, тие се вистински криминалци.

Колкумина се таквите криминалци? Навистина, би можеле сите да бидат такви. Не постои група момци, кои може да ги сретнете на улица, а кои не би можеле да бидат група криминалци. Тие немаат никаква светлина во нивните очи: нивните основни црти се произведени како црти на машини, без ништо што може да им даде лични карактеристики. Стереотипите ги прават дополнително недоверливи. Нивното молчење можеби претходи на очајничкиот крик за помош (каква помош?) или пак на напад со нож. Тие повеќе не господарат со сопствените дела, што се гледа по нивните мускули. Не им е јасно растојанието од причината до последицата. Под надворешната фасада на општата школска наобразба и подобрени услови за живот, сведени се на примитивна обичност. Ако од една страна зборуваат подобро, односно го усвоиле понижувачкиот, просечен италијански, од друга страна речиси пелтечат: зборуваат на некакви стари и неразбирливи дијалекти или пак сосема молчат, и тогаш се разбираат со испуштање на грлати извици заокружувајќи ја неразбирливата природа на нивната размена.

Не знаат да се смеат ни да се насмевнат. Сè што знаат е да се подбиваат и да прават гримаси. Во оваа огромна маса (типична, пред сè за немоќната централно-јужна Италија), ги има и таквите од благородните елити, каде што се вбројуваат, секако, синовите на моите читатели. Но, овие мои читатели не ќе сакаат да прифатат дека токму нивните деца се среќните деца (без окови или независни, како што веруваат и повторуваат некои идиотски новинари кои се однесуваат како фашисти во логор). Во таа маса на момчиња, лажната толеранција ги направи важни и девојките. Тие се генерално, според мене, подобри: живеат момент на тензија, на ослободување, на освојување (иако сето тоа е илузија). Но големата слика открива дека нивните дејства, повторно, завршуваат во споменатото назадување. „Подарената“ слобода, всушност, не може да ги победи во нив вековните навики на претопување.
Јасно е: групите култивирани млади (меѓу другото, многу побројни од претходно) се многу драги оти се пустите измачени. Тие, благодарение на околностите кои за пошироките маси имаа само негативно, дури и злотворно значење, се понапредни, повитки и подобро информирани од нивните врсници пред 10 или 20 години. Но што би можеле да прават со својата префинетост и култура?

Сепак, синовите што ги гледаме околу нас се казнети синови: казнети пред сè од нивната несреќа, а понатаму во иднина којзнае од какви сè катастрофи (такво е нашето чувство, неизбежно).
Тие се синови казнети заради вината на нивните татковци. Дали тоа е праведно? Ова, всушност, е вистинското прашање без одговор за современиот читател, од главниот мотив во грчкиот театар.

Па да, праведно е. Современиот читател веќе имаше проживеано искуство кое му овозможува со одобрување да ги прифати конечноста и трагичноста на демократскиот хор од античка Атина, заедно со нивниот став, прозаичен во својата неразумност и суровост: дека синовите треба да ја искупат вината на нивните татковци. Синовите кои не се ослободуваат од вината на нивните татковци се несреќни: не постои поодлучувачки и понепростлив знак за вина од несреќата. Би било премногу лесно, во историска, политичка и аморална смисла, да им се прости на синовите затоа што и во нив има грубост, одвратност и нечовечност – за грешките на нивните татковци. Грешното наследство на татковците сочинува една половина од нив, додека за другата се одговорни самите. Не постојат невини синови. Тиест е виновен, но виновни се и неговите синови. И праведно е да се казнат и за онаа половина туѓа вина, од која не можеле да се ослободат.
И понатаму останува тешко да се одреди во што поточно се состои вината на татковците. На крај, токму тоа е суштествено важно овде. Дотолку повеќе важно кога веќе се предизвика страшната состојба на синовите, со последиците од нивното казнување, тогаш мора да станува збор за некаква голема вина. Веројатно тоа е најголемата вина во поредокот на татковците, во целата човечка историја. И овие татковци сме ние, колку тоа и да ни се чини неверојатно.

Како што веќе нагласив, навистина мораме да се ослободиме од помислата дека таа вина се идентификува со стариот и новиот фашизам, односно со ефектите на капиталистичката моќ. Синовите кои се сурово казнети со својот начин на битисување (а во иднина, секако, тоа ќе биде нешто многу поопширно и пострашно), се синови на антифашисти и комунисти.

Значи, фашисти и антифашисти, газди и револуционери, сите делиме заедничка вина. И денес, кога сите ние со познатиот расизам зборуваме за татковците и синовите, се подразбира дека секогаш зборуваме за буржујските татковци и синови.

Историјата била нивната историја.

Според нас, народот имал своја посебна, архаична историја, во која синовите, според антропологијата на старите култури, ги реинкарнираат и повторуваат татковците.

Денес, сè е променето: кога зборуваме за татковци и синови, доколку под татковци сè уште подразбираме татковци-буржуи, тогаш за синови ги подразбираме синовите на буржуите и синовите на пролетерите. Апокалиптичната сцена која ја насликав погоре за синовите се однесува и на народот и на буржоазијата.

И двете истории, оттука, се обединети: и ова е прв пат да се случи такво нешто во човечката историја.

Таа обединетост се случува под знакот и според волјата на цивилизацијата на конзумирање: цивилизацијата на развојот. Не може да се каже дека антифашистите воопшто, поконкретно комунистите, биле вистински против вакво слично обединување, чиј карактер е тоталитарен – и тоа за прв пат навистина тоталитарен – иако репресивноста што ја носи во себе ваквото обединување не е првобитно полициска (и никогаш не се потпира на лажна попустливост).
Оттаму, вината на татковците не се однесува само на насилството што може да произлезе од моќта, од фашизмот. Туку таа се содржи: прво, во отстранување на свеста од страна на фашистите за стариот фашизам, и со толку лагодно однесување се ослободивме од нашата клучна интимност со него (со тоа што за фашистите почнавме да мислиме како за наши „браќа-кретени“ – како што гласи една фраза на која се сеќава Фортини); второ и поважно, во – толку повеќе погрешното, колку несвесно – прифаќање на разорното насилството, како и на новите, безгранични геноциди на новиот фашизам.

Од каде таа сложена врска со стариот фашизам, и зошто такво прифаќање на новиот фашизам?

Бидејќи стасавме до клучната поента, постои една носечка идеја која на сите нам, свесно или не, ни е заедничка: идејата дека најстрашната опасност во светот е сиромаштијата и затоа културата на сиромашните класи треба да биде заменета со културата на доминирачките класи.

Со други зборови, нашата вина, вината на нас, татковците, се состои во следното: во верувањето дека историјата не е и не може да биде друга освен историјата на буржоазијата.


Превод од италијански: Вики Младенова
Слики: RicHard MendTorr

Слични содржини

Активизам / Култура / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Стрип / Култура / Теорија
Наука / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото