Научните гафови во книжевните дела (1)

20.11.2017 02:57
Научните гафови во книжевните дела (1)

За жал, постојат луѓе кои се занимаваат со уметност и хуманистика – можеби дури и некои кои се занимаваат со општествени науки – кои се гордеат со тоа што поседуваат оскудно знаење од областа на природните науки и технологиите или математиката. Спротивната појава е мошне ретка. Повремено може да сретнете научник кој не слушнал за Шекспир, но никогаш нема да сретнете научник кој се гордее со тоа што никогаш не слушнал за Шекспир.

Мареј Гел-Ман, наведено според Џон Брокман,
Третата култура: чекор понатаму од научната револуција (1995)


Ч.П. Сноу, во книгата со не толку голем обем со наслов „Двете култури“, тврди дека научниците главно знаат повеќе за разните гранки во уметноста отколку што водечките личности од хуманистиката знаат за природните науки. Би можело да се исполни цела страница со имиња на големи научници и математичари – меѓу кои најпознат е Ајнштајн – кои сакале класична музика додека многумина од нив знаеле и да ја изведуваат. Некои други научници, еминентни и помалку еминентни, необично добро ги познавале поезијата, книжевноста, сликарството и филозофијата.

Наспроти тоа, не е нималку лесно да се пронајдат музичари, сликари, романописци, поети, а особено глумци кои за природните науки знаат малку повеќе од она што го учеле во основно училиште. Секако дека има исклучоци. И самиот Сноу бил физичар кој станал романописец и така ги споил двете култури. Х. Џ. Велс тоа го направил пред него. Милтон и Данте добро ги познавале природните науки од своето време. Токму како и Шели. Истото може да се каже и за модерните писатели како Набоков, Борхес, Одн, Пинчон, Вонегат и Апдајк. Меѓутоа, генерално може да се каже дека личностите кои се занимаваат со некоја гранка од уметноста навистина не располагаат дури ни со основно знаење од областите на природните науки. Се сеќавам колку се збунив за време на еден разговор со студент по англиска книжевност сè додека не сфатив дека тој, за разлика од Шекспир, не знае дека Месечината, како што вели бардот, „краде“ „блед оган“ од Сонцето.

За неколку децении составив список од бисери кои заради непознавање на природните науки се нашле во книжевните дела. Бидејќи ни приближно не е конечен, ќе ми биде мило ако ми укажете на гафовите што ми се провлекле. Се разбира дека научната грешка во едно книжевно дело е занемарлив недостаток и дека на ниеден начин не ја нарушува вредноста на книжевното дело.

Да почнеме со грешката која многумина не ја забележале во ремек делото на Ф. Скот Фицџералд, „Големиот Гетсби“. Во второто поглавје, Фицџералд ја опишува огромната реклама пред оптиката во њујоршкиот округ Квинс: „Очите на докторот Т. Џ. Еклберг се сини и огромни – секоја мрежница по еден метар. Тие не гледаат од ниедно лице, туку се наоѓаат зад гигантските жолти очила кои се потпираат на некој непостоечки нос.“1  Огромните очи во романот ги симболизираат божјите очи. Дали ја откривте грешката? Мрежниците не се гледаат. Фицџералд мислел на зеница или ирис.

Во првото издание на најпознатиот роман на Вила Катер, „Смртта доаѓа по надбискупот“, се наоѓа следниот неверојатен пасус:

...Бездна длабока повеќе од двесте стапки... ги проголта полињата и пасиштата над кои се спушти поплава од високите планини. Изворот ѝ беше толку високо што на Мексиканците им беше доволно да исправат отворено дрвено корито на спротивниот крај од речното корито и така да ја донесат водата до висорамнината на врвот. Оваа брана се исправаше цик-цак низ карпата.

Водата може да тече низводно исклучиво со помош на затворени сифони или некои други структури, но не во отворените корита. Грешката е направена во следните изданија. Во истото издание Катер ги опишува ридовите со рамен врв и стрмни падини во областа Акома во Ново Мексико како „големи гранитни маси“. Впрочем, ридовите се песочни. Во вториот пасус се зборува за човек чие десно око „зараснало во катаракта“. Спротивно од верувањето, катарактата не е израсток на надворешноста од очната леќа или рожницата. Таа претставува заматување на очната леќа.

Во романот „Господарот на мувите“ на Вилијам Голдинг се наоѓаат два истакнати бисери. Еве како Ралф во второто поглавје пали оган со помош на очилата на кратковидото свинче:

Започна туркање, влечење и непотребна врева. Ралф ја поместуваше леќата напред-назад, лево-десно, сè додека прекрасната бела слика на сонцето што заоѓаше не легна на парче гнило дрво. Речиси веднаш се крена тенок столб чад и го натера да кашла. Џек клекна покрај него и лесно дуваше, па чадот, сега погуст, се разретчи, а се појави мало пламенче. Најпрвин, пламенчето речиси невидливо на силната светлина од сонцето, опфати едно гранче, порасна, доби побогата боја и се лизна кон поголемата гранка која пукна со гласен тресок. Пламенот потскокна нагоре и момчињата се насмеаја.2

Кратковидите луѓе носат конкавни леќи. Единствено конвексните леќи можат да ја фокусираат сончевата светлина во една точка.

Џејмс Хју, во текстот „Може да бидете кратковиди, а сепак да преживеете на пуст остров“ објавен во списанието „Учител по физика“ (декември 1991), истакнува дека леќата со која се исправува кратковидоста, впрочем е конвексна од надворешната страна, но изразено конкавна од внатрешната страна. Кога таквата леќа се држи во хоризонтална положба, длабината може да се исполни со вода и така да се добие конвексна леќа со која може да се запали оган.

Голдинг прави уште поголема грешка во петтото поглавје.3  Сонцето штотуку излезе, се појавија ѕвезди, а „полумесечината“ се издигнува над хоризонтот. Голдинг, кој студирал природни науки на Оксфорд пред да се префрли на книжевноста, требало да знае дека по заоѓањето на сонцето може да се појави само полна месечина, а не полумесечина.

Грешките во врска со Месечината се чести и во прозата и во поезијата. Очигледно дека повеќето луѓе не се свесни дека Месечината, како Сонцето и ѕвездите, излегуваат на исток, а заоѓаат на запад. Изгледа дека мислат дека Месечината случајно лута по небото додека доволно не се затемни за да стане видлива.

Колриџ ја прави истата грешка во „Стариот морнар“. Во третиот дел „Сонцето згасна во тој час, ноќта темна пружи крак.“ Потоа на истокот „месецот-елен скокна млад“. Не само што се работи за полумесечина туку „за миг до него застана сјајната месечина“4. Во првобитната верзија било „скоро меѓу два крака“, што наведува на помислата дека Колриџ можеби знаел дека е невозможно ѕвездата да се појави помеѓу двата крака на месечината и дека неговата намера била да укаже на натприродна појава.

Во романот „Воденицата на реката Флос“ на писателката Џорџ Елиот, Меги Таливер и нејзиниот брат се дават во реката Флос кога нивниот трошен чамец ќе го стигне и преврти маса отпад која поплавата ја носи побрзо од нивниот чамец. Впрочем, и чамецот и отпадот би морале, освен во случај на силни вирови и противструи, да се движат низводно со истата брзина.

И покрај сензационалистичките псевдонаучни книги и текстови чии неупатени автори го тврдат спротивното, хемичарите тврдат дека ниедно човечко битие никогаш не се запалило само од себе. Тоа се случува само во книжевните дела, каде како најпознат пример се издвојува случајот на пијаниот господин Крок од романот на Дикенс „Мрачната куќа“ кој ненадејно почнува да гори сам од себе. Примери со слична смрт можат да се најдат во романот „Виленд“ на Чарлс Брокден Браун, „Мртвите души“ на Николај Гогољ, „Јаков верниот“ на Фредерик Мериет, „Редберн“ на Херман Мелвил и „Докторот Паскал“ на Емил Зола.

Во првото издание (1885) на најчитаниот роман на Х. Рајдер Хагард, „Рудниците на кралот Соломон“ во единаесеттото поглавје, „Даваме знак“, на полна месечина се случува целосно помрачување на сонцето заради што час и половина ќе завладее тотален мрак. Целосно помрачување на сонцето се случува исклучиво кога Месечината се наоѓа помеѓу земјата и Сонцето, што значи дека е скриено од погледот, при што целосното помрачување трае вкупно неколку минути. Хагард дури во изданието од 1886 година го променил настанот во помрачување на месечината.

Лесно може да се заборави дека Месечината, како ѕвездите, се наоѓа на небото и во текот на денот, но дека е речиси невозможно да се види. Ако месечината е полна или во последната четвртина, тогаш нејзиниот сјај е воочлив во полутемнината која владее при изгревањето или заоѓањето на сонцето. Т. С. Елиот изгледа дека го заборавил тоа кога се жалел дека не му е јасна петтата строфа од песната на Шели, „Шеви“:

...остар ко стрели
Од сребрени метеори
Кои се губат бели
Штом светнат бели зори,
Та не ги гледа човек, но со чувства се бори.
5


Зарем значењето не е очигледно? Шели опишува сребренеста полна месечина во мугрите6. Како што небото станува посветло, глетката полека бледнее сè до моментот кога човек едвај ја гледа, но може да „почувствува“ дека сè уште е тука. Месечината особено брзо исчезнува во маглата и загадениот воздух на небото над Лондон. Слично на тоа, тивко исчезнува и пеењето на ластовичката која се губи во висините.

Неверојатно, но еве што имал да каже Елиот за оваа строфа во „Белешки за Ричард Крешов“ во книгата „За Ланселот Ендруз“:

Ова можеби е првпат во стихови со ненадминлива убавина да постои убавина на звукот без значење... Би бил благодарен на какво било објаснување на оваа строфа; зашто до денешен ден не открив на каква сфера мисли Шели и зошто таа би имала сребрени стрели и што побогу сака да каже со тоа дека се губат штом светне бела зора; иако ми е јасно дека светлината од сребрената сфера едвај се гледала во белата зора (зошто зора? непосредно пред тоа споменува румена вечер). Можеби некој попаметен од мене ќе го пронајде клучот на оваа загатка; но, Шели требало да понуди решение.

Сигурно се нашол некој да му ја објасни оваа строфа на Елиот зашто забелешката ја исфрлил од текстот кога го објавил во една од следните книги.

Во криминалистичкиот роман „Крв и месо“ (1989) на Томас Кук, на стр. 44 во обдукцискиот наод пишува: „Во моментот на смртта срцето ѝ тежеше четири грама; а, мозокот седум.“ Сигурно мислел килограми.

Едгар Рајс Бароуз, кој никогаш не стапнал на тлото на Африка, во своите приказни за Тарзан направил толку киксови во врска со африканскиот растителен и животински свет што помислувам дека жителите на црниот континент ги читале книгите за Тарзан делумно и затоа што ги засмевале.

Секако, на писателите на научна фантастика им е дозволено да ја пуштат фантазијата на пасење и да патуваат побрзо од светлината, да се движат низ скратени патеки преку искривени простори или да патуваат во минатото и покрај логичките парадокси кои настануваат притоа, како на пример прашањето како е можно да постоите вие ако сте го убиле сопствениот татко кога бил дете. Научно-фантастичните дела изобилуваат со низа парапсихолошки појави (екстра-сензорна перцепција, психокинеза, видовитост и слично), вонземјани кои со НЛО-а се спуштаат на Земјата, потоа со префрлање на луѓе од едно место на друго со разградување и повторно соединување на молекулите на телото („Транспортирај ме, Скоти“)7, како и илјадници други невозможности.

Секако, на писателите на научна фантастика ќе им простиме што ни ги претставиле каналите на Марс пред да се докаже дека тие не постојат, како и што ја опишале „зоната на самракот“ на Меркур. Х. Џ. Велс во својот пред сè пророчки роман, „Ослободениот свет“, точно го предвидел фрлањето „атомски бомби“ во Втората светска војна, но неговите авиони биле толку примитивни што бомбите морало рачно да се исфрлаат низ дупката на подот од авионот. Иако компјутерите на струја се појавуваат уште во раните дела на научната фантастика, речиси ниеден автор не ја предвидел компјутерската револуција. Некои приказни се случуваат во далечната иднина, а научниците и натаму ги вршат пресметките на логаритамски компјутери! Артур Кларк во својот роман „Господарот на вселената“ е единствениот кој го предвидел телевизискиот пренос од првото слетување на Месечината.

Меѓутоа, понекогаш и на најдобрите писатели на научна фантастика им се случува да кикснат и ненамерно да погрешат. Класичен пример е делото „Од Земјата до Месечината“ на Жил Верн. Силите на инерцијата кои се создаваат кога вселенскиот брод ќе се лансира од топ во правец на Месечината би ги усмртиле астронаутите. Верн претпоставува дека за време на патувањето Земјината сила на гравитацијата постепено би се намалувала додека силата на гравитацијата на Месечината постепено би се засилувала до моментот кога бродот ќе ја достигне точката на рамнотежа каде двете сили дејствуваат подеднакво. Дури тогаш астронаутите ледбат во бродот. Верн требало да знае дека неговиот брод би бил во слободен пад на целиот пат до Месечината и дека астронаутите во секој момент би биле во безтежинска состојба. Уште еден гаф се случува кога патниците ќе исфрлат мртво куче и телото лебди покрај бродот наместо со голема брзина хоризонтално да се оддалечува.

Х. Џ. Велс со прекор гледал на овие гафови на Верн, но во неговиот роман „Првите луѓе на месечината“ тој прави подеднакво апсурдна грешка. Не можеме да му замериме што користи каворит, материја која го штити бродот од силата на гравитацијата, зашто Ајнштајн дотогаш уште не објаснил дека е невозможно да се направи каков било гравитациски штит.

Кај Велс сите незацврстени предмети се концентрираат во средината на сферичниот брод зашто нивните маси се привлекуваат. Секако, заради занемарливоста на нивната гравитација, тоа е невомозжно.

Познато е дека во сферичниот објект, без оглед на неговата големина, силата на гравитацијата заради обликот на објектот секогаш и на секое место е еднаква на нула. Во приказната на Рос Роклин „Во центарот на гравитацијата“ луѓето заради гравитацијата се заробени во центарот на празната сфера со големина на Земјата.

Исто толку грешки за патувањата во вселената се појавуваат и во научно-фантастичните филмови. Една од најчестите грешки е глетката на брод кој се движи во однос на ѕвездите. Ѕвездите се премногу оддалечени и од бродот и меѓусебно за да може да се види таквото движење.

Разговорите со посредство на електронски уреди помеѓу соговорници на големи растојанија во научно-фантастичните приказни и филмови често се одвиваат без доцнење во преносот. Ласерските зраци обично се светли додека се простираат во вселената кога, впрочем, би требало да се невидливи заради непостоењето на молекули.

Во раните научно-фантастични дела често погрешно се претпоставува дека судирите со метеорите и метеоритите претставуваат постојана опасност за вселенските бродови. Впрочем, вистина е дека средбите со метеорите, па дури и со астероидите при поминувањето во астероидниот појас, биле ретки заради огромната меѓусебна оддалеченост. Шупливата земјина топка се појавува во делата на Жил Верн, Едгар Рајс Бароуз, Едгар Алан По и други. Инерцискиот погон кој ги движи вселенските бродови го крши Третиот њутнов закон за движење (законот за акција и реакција), а сепак се среќава во научно-фантастичните приказни. Дури и Атрур Кларк, од кого тоа не би се очекувало, го користи инерцискиот погон во делото „Средба со Рама“. Џон Кембел, уредникот на списанието „Аналогна научна-фантастика“, кој се занимавал со неколку псевдонаучни дисциплини (меѓу другото и скиентологија), во своето списание неколку години трубел за потполно невозможниот вселенски погон.

Чарлс Ерик Мејн во делото „Висок вакуум“ зборува за астронаути во вселенски костими кои на безвоздушна планета не можат да го чујат звукот на сопствените чекори. Требало да се досети дека звукот на чекорите ќе се пренесе преку чевлите, стапалата, нозете и во воздухот во костимот. Џудит Мерил во книгата „Луѓето на утрешнината“ опишува како хеликоптер кружи околу Месечината, каде заради отсуството на атмосфера, како што забележал Кант, не би можеле да летаат ниту птиците. Во романот „Стаклената градина“ на Брајан Олдис џиновски пајаци плетат мрежи кои ги поврзуваат Земјата и Месечината, при што писателот заборава дека Земјината ротација во однос на Месечината би ги скинала таквите мрежи.

Не е невозможно човеколиките суштества од другите планети да го сметале човечкиот вид за сексуално привлечен, но во најраните дела на научната фантастика наидуваме на ококорени мажјаци кои јуришаат на Земјанките, што би било приближно исто кога човекот сексуално би го привлекувал октоподот.

Лорд Бајрон во „Шилонскиот затвореник“ вели?

Косите ми белеат, но деновите не ги бројам,
ниту седите мои само една ноќ ги преде
како од ненадеен страв луѓето стаписано кога стојат.

Косата не може одеднаш да стане седа, иако тоа се случува во многу романи од деветнаесеттиот век.

Колкупати во романите и филмовите сте виделе како луѓето настојуваат да го изменат својот глас преку телефон така што ставаат шамивче на слушалката или како прислушуваат разговор во друга просторија така што ќе го стават увото на дно од чаша која ја притиснале на ѕидот? Ткаенината не влијае на квалитетот на гласот. Кога прислушкувате што се случува во соседната просторија подобро ќе слушнете ако го залепите увото на ѕидот. Се сеќавам дека кога бев дете ме збуни една комедија на Харолд Лојд во која некој со креда напишал на ѕидот: „ШУТНИ МЕ“. Кога Харолд се залепува до ѕидот зборовите се пресликуваат на јакната, но не наопаку.

Еднаш и јас напишав расказ; се викаше „Остров во пет бои“ и настана така што помешав две теореми: за мапата во четири бои (недокажана во тоа време) и потполно различната теорема, лесно докажлива со помош на теоријата на графови, која вели дека во една рамнина не може да се нацртаат пет региони така што еден секогаш се граничи со останатите четири. Многумина погрешно мислеа дека тоа е една иста теорема, а јас ја сфатив грешката дури откако се посрамотив кога приказната беше објавена во една антологија.

Во моите папки се наоѓа и исечок од Њујорк Тајмс од 4 декември 1957 година со прекрасната песничка на авторката Мери Винтер:

ПОЧУДНАТА ВИСТИНА

Баш како некогаш, околу моето уво
Кога ќе се свитка двокрилната школка
Се слуша ехото на оддалечените бранови.

Простодушното дете не се ни прашуваше
Но веруваше цврсто во ваквата измислица.
И јасно, кристално јасно, ги слушаше
фиуците на ветрот и морето што плакне лица.

Волшебството исто се враќа, иако разумот
мојот придушен немир кон подобро го влече;
Тоа е солената плима и осека на крвта моја
Што каденците на морето слатко ја појат.
Во чудо верата оживува, иако вистината воочува
Дека увото мое школката ја подучува.

Песната зборува за тоа дека шумот што го слушате од школките не е ехото на брановите туку нешто уште почудно – одек на крвта која протекува низ вените во вашата глава. Вистинската вистина не е толку чудна. Шумот едноставно се создава како одек на звуците во воздухот околу вас кога нивните бранови се одбиваат од ѕидовите во шупливата внатрешност на школките.

 

(продолжува)

 

Извор: Polja
Слики: Hildebrand

________________________________________________

[1] Наведено според: Ф. Скот Фицџералд, Големиот Гетсби, прев. Александар Саша Петровиќ, Белград: Лагуна 2011, стр. 32

[2] Наведено според: Вилијам Голдинг, Господарот на мувите, прев. Ненад Дропулиќ, Белград: Лагуна, 2007, стр. 42

[3] Тука греши и Гарднер, зашто споменатиот опис се наоѓа на почетокот од шестото поглавје.

[4] Наведено според: Семјуел Тејлор Колриџ, „Песна за стариот морнар“, прев. Ранка Куиќ, во: Поезијата на европскиот романтизам, составил Миодраг Павловиќ, Белград: Гутенбергова галаксија, 2003, стр. 105

[5] Наведено според: П. Б. Шели, „Шеви“, прев. Ранка Куиќ, во: Поезијата на европскиот романтизам, составил Миодраг Павловиќ, Белград: Гутенбергова галаксија, 2003, стр. 177

[6] Тоа не се гледа во српскиот превод, зашто преведувачката користи множина таму каде во оригиналот е еднина, а зборот „sphere“ го преведува како „метеори“. Во оригиналот пишува „that silver sphere“, односно „сребрената сфера“.

[7] Интересно е што почитувачите и познавачите на серијалот Ѕвездени патеки тврдат дека таа реченица никогаш не е изговорена во ниедна епизода.

ОкоБоли главаВицФото