1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
На 18 мај, во Салонот 19:19 во КИЦ-Скопје, во 19:19 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Разнишан свет“ од Ирена Јурчева во издание на издавачката куќа „Темплум“.
Промоторка ќе биде Александра Јуруковска, а фрагменти ќе читаат Светла Јакшиќ и Емануела Ковачевска Китановска.
По разговорот музичка изведба ќе одржат Јасна Трпкова и Дарко Јованов.
Се работи за збирка раскази кои тематски започнуваат со секојдневието на скопскиот плоштад а завршуваат во неименуван град во угнетувачко дистописко општество. Притоа, не се работи за класични дистописки раскази, туку за доминантно психолошки, испреплетени со внатрешни борби на ликовите. Ликовите, на прагот на едно ново време, фрлени во студенилото на постоењето и турнати во неправди, оставени се пред изборот да ги прекршат наметнатите норми. Тие се соочуваат со потребата од откривање и испитување на божјата димензија и на човечкото во себеси. Полни со симболи и со алузии, на работ помеѓу сонот и јавето, расказиве навлегуваат во чудесното и фантастичното.
Ирена Јурчева (1982) дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за преведување и толкување. Работела како наставничка по англиски и француски јазик и превела повеќе од петнаесет книги на македонски. Во 2017 година освоила награда на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри”– Гостивар. Досега ја објавила поетската книга „Таинства” (2017) и збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ (2019) за која ја добила наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите!“ од книгоиздателството „Темплум“. Нејзина поезија е објавена во неколку книжевни списанија.