Научните гафови во книжевните дела (2)

21.11.2017 06:04
Научните гафови во книжевните дела (2)

Додаток

Прегледот на научните гафови во книжевните дела што го составив предизвика лавина од писма. Објавени се само следните осум (мај/јуни 1995):

Уживав читајќи ги „Научните гафови во книжевните дела“ на Мартин Гарднер. Воодушевен сум од острото око со кое Гарднер ги забележува „бисерите“ во книжевноста, грешките кои можеби мене би ми се провлекле ако не читам внимателно.

Но, успеав да уловам грешка во познатиот роман на Ернст Јингер, „Хелиополис“. Јунакот на Јингер патува на Месечината и дава поетичен опис на пејзажот обоен со нијанси жолта, потоа портокалова и најпосле црвена боја додека сонцето заоѓа на хоризонтот од месечината. Секако, во реалноста, планините на Месечината, кратерите и рамнините мора да бидат безбојни зашто Месечината нема атмосфера.

Имав седумнаесет години кога чичко ми, поет кој сакаше да ми ги претстави ремек-делата на светската книжевност, ми препорача да ја прочитам „Хелиополис“. Впрочем, толку беше воодушевен од ова дело што изјави дека „светот се дели на два вида луѓе: оние што го прочитале и не го прочитале 'Хелиополис'.“ Па, ја прочитав книгата, а потоа на чичко ми му ја посочив грешката, на што тој луто ме прекори што посветувам внимание на такви ситници кои на никаков начин не ја намалуваат убавината на ова генијално дело. Се препиравме жестоко, но мислам дека не го убедив.

Дидие де Фонтен, професор по наука за материјали
Универзитет Калифорнија, Беркли, Калифорнија

 

Дозволете ми да го проширам забавниот список „Научни гафови во книжевните дела“ на Мартин Гарднер.

Никос Казанцакис во својот контроверзен роман „Последното Христово искушение“ ја опишува сцената во која, откако на Јован Крстител му била отсечена главата по наредба на кралот Ирод, исплашените ученици на Христос разговараат за можните последици од тој чин. Јаков им се обраќа на присутните: „Смирете се, луѓе“, рече, „не сте барут за да експлодирате така“. Секако, на блискиот исток нема да се слушне за барутот уште цели 1.300 години...!

Роберт Р. Вилакер, Палестина, Тексас

 

Ме воодушеви замислата на која се темели текстот на Мартин Гарднер „Научните гафови во книжевните дела“. Но, се разочарав зашто ми се чини дека ја изневерил со тоа што покажа дека не ги познава ни книжевните конвенции ниту патот по кој книгите и филмовите доаѓаат до публиката.

Иако сум сигурна дека уметниците и писателите не ги разбираат природните науки, како ни просечните читатели, би било убаво ако Гарднер избрал поубедливи примери за гафовите; со тоа ќе покажел дека „бисерите“ можат да ја намалат вредноста на инаку доброто книжевно дело, со што ќе го оправдал гледиштето дека уметниците мора да бидат пообразовани од просечниот читател, со што се согласувам.

Изгледа дека Гарднер не препознава кога авторот ќе направи грешка зашто не ги разликува поимите (како во сцената со очилата во „Господарот на мувите“), а кога се работи за пропуст на уредникот. Фицџералд добро знаел што опишува, а знае и секој што го чита делото, но неговиот уредник требало да забележи дека писателот употребил погрешен збор за да го опише видливиот дел од окото и требало да го корегира тоа.

Причините кои ги наведуваат писателите да ги опишуваат појавите кои се во спротивност со природните закони се бројни. Во „Воденицата на Флос“ стеблото што го стигнува чамецот во кој е Меги Таливер ја претставува метафората на животот со која не може да се избори; тоа е книжевно средство. Навистина, според законите на физиката, тоа не би требало да се случи; но, во тоа е поентата. Повторно, Катер го опишува изгледот на човечкото око, а не научното објаснување на медицинската состојба. Особено тешките случаи на катаракта се видливи низ зеницата и се чини дека таа го прекрива окото. Најпосле, Крок ќе го уништи пиењето, и Дикенс сака да го прикаже тоа драматично. Крок е зрно суво грозје натопено во алкохол (викторијански десерт кој се служел фламбиран) кое го запалила гневната божја рака...

Искрено се надевам дека Гарднер има некои други примери на гафови во книжевноста – некои кои можат да ја издржат проверката, зашто уметноста несомнено губи кога уметниците се незнајковци. Дали надарениот книжевен творец со неголемо знаење би пишувал повеќе и попроникливо ако има пошироко образование? Веројатно да. Колку што ми е познато, Гарднер е првиот кој ја соочил книжевноста со „сувата наука“, иако општествениците веќе со децении пронаоѓаат историски и културолошки грешки во книжевните дела. Се надевам дека така и ќе продолжи.

Ребека Хамер, Блумингтон, Индијана

 

Авторот на текстот „Научните гафови во книжевните дела“ не се труди да направи разлика помеѓу грешките кои со право може да се наречат грешки и погрешното наведување на научните вистини што поточно може да се нарече книжевна/поетска слобода. Ако писателот смета дека постои потреба за нешто што отстапува од „вистината“, тоа може да се подведе под милениумската традиција за употреба на средството познато како deus ex machina. Ако, сосема исправно, во научната фантастика се дозволуваат „исклучоци“, зошто и на книжевните писатели од „главниот тек“ не би им се дозволил истиот луксуз? И покрај тоа, може ли Гарднер да се обвини за „гаф“ кога тврди дека бродот „бил во слободен пад на целиот пат до Месечината“? А, што е со барањето да се достигне и одржи потребното забрзување за да се напушти гравитациското поле на земјата? Дали тука се работи за претерано поедноставување, гаф, или тоа треба да го занемариме? (Или јас погрешно сметам дека тоа е научен факт на кој мора да се смета кога се настојува да се излезе од гравитациското поле на Земјата пред да настапи слободниот пад до Месечината?)

Кенет Б. Поводатор, Ферфилд, Конектикат

 

Единствената цел на текстот на Гарднер „Научните ставови во книжевните дела“ е да ги исмева уметниците, особено книжевните творци, само зашто не се научници. Се подбива со писателите зашто не го знаат она што го знаеме ние. Таквото омаловажување се темели на претпоставката дека подобро е да се знае она што го знаеме ние отколку она што го знаат тие и дека ние сме посупериорни зашто го имаме тоа знаење. За ставот на Гарднер учтиво може да се каже дека е „арогантен“. А, би било поточно да се нарече „тврдоглав“.

Вистинска иронија е што истиот број го донесува текстот на Карл Саган, „Чудото и скептичноста“ во кое авторот предупредува дека „омаловажувањето, снисходливоста и ароганцијата се најмалку делотворни начини со кои скептиците настојуваат да го привлечат вниманието... на јавноста“.

Повторно Саган: „Главниот недостаток на скептичниот пристап е поларизацијата: Ние версус Тие – убедување дека ние имаме монопол над вистината; дека другите луѓе се... морони; дека ако сте умни, ќе нè слушате нас.“

Расел Кинг, Медисон, Висконсин

 

Експериментот на Гарднер за писателите кои се неупатени во научните факти ми беше забавен; но, можеби би можел да направи и список на научници кои во своите дела прават недозволиви книжевни гафови. Првиот пример што ми паѓа на ум е следниот: во неодамна објавената палеонтолошка студија за диносаурусите („Кралевите на создадениот свет“, Лесем, 1992) геолошката временска скала се илустрира со цитат од Марк Твен – дека човечкото присуство на оваа планета може да се мери со еден слој боја на зградата Емпаер Стејт Билдинг. Тоа е занемарлива фактографска грешка споредено со Ф. Скот Фицџералд кој не ја разликува „мрежницата“ од зеницата.

За разлика од Гарднер, не сум убеден дека научниците знаат повеќе за уметностите и хуманистиката отколку што сликарите, поетите и музичарите знаат за природните науки. Во поглед на крупните грешки и големите дупки во знаењето, за секој забудален уметник кој не знае за движењето на Месечината доаѓа по еден забудален научник кој не знае ништо надвор од својата наука. Еве и пример: „големиот“ биолог Хекел, кој во делото „Тајните на светот“ и во другите популарни дела забележал сериозно искривени прикази на историјата, филозофијата и религијата, како и лошо претставени научни факти. За среќа, колку луѓе - толку различни знаења, можно е да се воспостави рамнотежа и да се спречи чија било експертиза да се воздигне над останатите. Најпосле, сите сме аматери во умешноста на живеењето; и иако Ајнштајн знаел да свири класични композиции, се правеле шеги зашто не знаел да држи такт.

Џејмс Алан Браун, Вилуби, Охајо

 

Доколку Гарднер сака да чепка по книжевните дела и да открива научни гафови, би требало прво да ги совлада книжевните науки. Никаде во „Мртви души“ на Гогољ не постои лик кој се „запалува сам од себе“. Гогољ во последното поглавје го опишува разбеснетиот протагонист Чичиков во скапоцен „фрак со наварински пламен со чад“. Малку подоцна, Чичиков „целиот се возбудил и разнежнил... во топилницата на несреќите попушта и најтврдиот човек. ...“8  Чичиков симболично е „обземен од огнот“ (разбеснет), како што е симболична и топилницата. Кога Гогољ последен пат го споменува Чичиков, тој и тоа како е жив, не се претворил во куп пепел. Писателите секако прават научни гафови, но важи и обратното, подеднакво е забавно и кога научниците прават „книжевни гафови“.

Волтер В. Рајзнер, Дарам, Северна Каролина

 

Гарднер вели: „Во криминалистичкиот роман „Крв и месо“ (1989) на Томас Кук, на стр. 44 во обдукцискиот наод пишува: „Во моментот на смртта срцето ѝ тежело четири грама; а, мозокот седум.“ Сигурно мислел килограми.“

Просечната тежина на човечкиот мозок изнесува околу 3 фунти или 1,3 килограми. Доколку мозокот не нараснал и го пробил черепот, малку е веројатно дека бил тежок 7 килограми.

Марк Гилки, Пало Алто, Калифорнија

 

Вистинска штета е што белешката на Гарднер за научните гафови во книжевните дела се најде во истиот број со колумната „Чувари на медиумите“ на Јуџин Емери помладиот, зашто во неа има еден гаф, сочен како оние што ги издвојува Гарднер. Имено, Емери споменува дека луѓето не носеле маски за да се заштитат од вонземните вируси и бактерии во филмот за падот на НЛО во Розвел. Заразните агенси, барем на нашата планета, напаѓаат само одредени видови. Ширењето на заразите од еден вид на друг е мошне ретко. Незамисливо е заразата да премине од еден вид на друг чија еволуција потполно се разликува и помала е веројатноста дека тоа ќе се случи отколку болеста да премине од заразените брестови на шумарите. На Емери му се провлекла најзабавната биолошка грешка во филмот за настанот во Розвел, претпоставка дека интелигентното битие кое користи оружја мора да наликува на човекот, за кого очигледно се мисли дека се наоѓа на самиот врв од еволутивното стебло. Мојот папагал Ралф, смета дека тоа е израз на крајна дискриминација на видот и дека од еволутивен аспект е речиси невозможно.

Марк Хаусволд, доктор по медицина, вонреден професор на Катедрата за итна медицина, Медицински факултет на Унивцерзитетот Ново Мексико, Албакерки, Ново Мексико

 

А, сега неколку коментари за необјавената преписка.

Џејмс М. Роули ме потсети дека Џон Ливингстон Лоуз во својот класик „Патот во Занаду“ на многу страници зборува за месечината-елен на Колриџ. Колриџ без сомнеж знаел дека меѓу краците на полумесечината не може да се наоѓа ѕвезда. Но, тој ја користи таа слика за да го интензивира доживувањето на фантастичното во баладата. Лоуз исто така тврди дека излегувањето на полната месечина по заоѓањето на сонцето впрочем не е грешка зашто во строфата се подразбира дека помеѓу заоѓањето на сонцето и излегувањето на месечината поминало одредено време. Впрочем, јас подетално зборував за тоа во своето „Критичко издание на Стариот морнар“, но заборавив.

Бернард Дејвид застанува во одбрана на Џорџ Елиот тврдејќи дека е можно трошниот чамец да плови по реката многу побавно од масата на отпадот.

Дејвид Џ. Симонс ми испрати страници од делото „За крупните и ситните нешта“ од Исак Асимов, каде авторот се извинува затоа што мислел дека Северницата стоела неподвижно на небото во времето на Фениќаните, кога во тоа време впрочем била речиси 17 степени оддалечена од правецот на северниот пол. Во подоцнежното поместување на Земјината оска ѕвездата се фиксирала на денешното место. Асимов го цитира Шекспир кој ја прави истата грешка кога неговиот Јулиј Цезар непосредно пред да го избодат вели:


... но јас сум постојан
Како Северницата што во неподвижната,
Неменлива природа на небото
Нема свој урнек. Безбројни се искрите
Што ги красат небесата; секоја од нив сјае,
Но само една го држи местото.
9

Дејвид Тод наведува извадок од романот „Орландо“ на Вирџинија Вулф во кој се опишува како детските балони се разлетале по небото над павилјонот на дворот на Хенри VIII. Тогаш не постоеле гумени балони, а камо ли тие да бидат наполнети со хидроген. Тод исто така испраќа и стихови од песната „Напуштени“ на Томас Худ:

Ги разлеа гаравите кадрици на мојата коса
Ноќта, та бели ја дочекаа утринската роса.

Винсент Амбро ги цитира следните реченици од романот на Роалд Дал „Дени, првакот на светот“. „Се заврте кон мене и ме гледаше со своите светли очи. Беа крупни како воловски и бидејќи ми се внесе в лице, во нивниот центар ја видов својата обратна рефлексија.“10  Можно е да се види сопствената рефлексија во туѓите очи, но ќе биде нормална. Обратната рефлексија се наоѓа само на мрежницата, која не е видлива.

Д. Ф. Гибс истакнува бројни научни невозможности во двете приказни на Х. Џ. Велс, „Новиот акцелератор“ и „Невидливиот човек“, како и во романот на Велс „Првите луѓе на месечината“. Во право е за секоја од нив, но сметам дека Велс намерно ги дозволил тие контрадикции зашто се во функција на заплетот.

Вилијам Хармон ме потсети на песната од Метју Арнолд „Доверската плажа“ која зборува дека Софокле уште во древното доба ја наслушнувал плимата и осеката на Егејското Море. Егејското Море нема промена во плимата и осеката. Хармон исто така ја споменува и песната на Тенисон „Уживатели на лотоси“, во која морнарите пристигнуваат на местото каде со „тркалезно лице над долината стоеше Месечината.“

Х. В. Луис се присети на еден стар научно-фантастичен филм со наслов „Леталото ХМ“ во кој вселенскиот брод ненадејно останува без гориво. Бродот застанал толку ненадејно што астронаутите испопаѓале во кабината. Исто така, се споменува еден роман на Жил Верн во кој се опишува голем хеликоптер со отворена палуба на која патниците можат да се сончаат ако хеликоптерот лета во истиот правец како и ветерот. Мораат да се повлечат во кабината ако хеликоптерот лета спротивно од дувањето на ветерот. „Секако, тоа се заснова на поморското искуство на Верн. ... До ден денешен некои инструктори по летање им зборуваат на студентите дека е важно да се одржи брзината на леталото во однос на воздушната маса во која се движи кога се лета во истата насока како и ветерот. Впрочем, под влијание сте на психолошки фактор ако го гледате тлото, но леталото не ја чувствува разликата.“

Во второто писмо на Дејвид Тод првпат слушнав дека поетесата Мјуриел Рукајзер во своите дваесетти ја напишала биографијата на научникот Вилфред Гибс. На 156 страница таа цитира една од белешките на Гибс од предавањата што ги слушал, а која гласи: „Пивото не се препорачува.“ Рукајзер протолкувала дека не се препорачува пиење пиво. Впрочем, Гибс го имал на ум физичарот по име Бир (пиво).

Ралф Д. Копланд во криминалистичкиот роман на Вилијам Дил „Исконски страв“ пронашол реченица која зборува за волови за оплодување. Воловите се кастрирани мажи.

Физичарот Ален Џенис ми пишуваше за гафовите од областа на физиката во три научно-фантастични раскази: „Дупките околу Марс“ на Џером Биксби (која се наоѓа во збирката на Исак Асимов „Каде понатаму?“), „Центарот на гравитацијата“ на Рос Роклин и „Неутронската ѕвезда“ на Лари Нивен. Гвидион М. Вилијамс ми испрати седумнаесет грешки кои ги воочил во научно-фантастични романи, раскази и филмови.

Дејна Ричардс, Л. Спраг де Камп и Џон Геохиган пишуваа за многу научни грешки во приказните на Конан Дојл во Шерлок Холмс. Во „Пегавата патека“, пишува де Камп, „Дојл опишува змија која во заробеништво ја хранат со млеко и ја дресираат со свирче, иако змиите не пијат млеко ниту имаат уши“.

Геохиган и Ричардс образложуваат и интересна грешка во „Приориската школа“. Врз основа на трагите што ги оставил велосипедот во калта Холмс заклучува во која насока се движел велосипедот врз основа на фактот дека подлабоката трага на задното тркало (заради поголемата тежина на него) преминала преку поплитката трага на предното тркало. Ако размислите подобро, ќе сфатите дека би било исто без разлика на тоа во која насока се движел велосипедот. Кога на Дојл, откако приказната се појавила во списанието Странд, му укажале на грешката, тој не можел да поверува сè додека не направил експеримент во калта со велосипедот на пријателот.

Асимов во поглавјето „Шерлок Холмс како хемичар“ (во антологијата „Љубопитен ум“) наведува бројни бисери од областа на хемијата во приказните за Шерлок Холмс. Да споменеме само некои: Холмс вели „амалгам“ кога мисли на „легура“. За еден минерал вели дека е син, иако тоа е црвен благороден гранат. Мисли дека минералот е кристализиран дрвен јаглен, што впрочем би било дијамант. Холмс го уверува Вотсон дека може „врз основа на пепелот на прв поглед да утврди која марка е цигарата или тутунот“. На тоа Асимов вели: „Ако може, тогаш тој е единствениот човек на планетата во историјата на човечкиот род на кого тоа некогаш му успеало.“

Марио Милосевец ми испрати неколку страници од првото издание на научно-фантастичниот роман на Лари Нивен со наслов „Прстен“. Во првото поглавје, јунакот Луис Ву го следи патот на Сонцето така што моментално се преместува од град во град одејќи кон исток. Милосевец смета дека грешката е исправена во едно од наредните изданија.

Милосевец испрати препис од писмото кое Скот Џарет му го испратил на „Научно-фантастичното списание на Исак Асимов“ (април 1987) во кое се наведуваат седум примери кои му претходат на романот на Кларк што го споменав, а кои зборуваат за телевизиски пренос или за планови за телевизиски пренос од Месечината. Неговиот најран пример е расказот од 1928 година „На Месечината преку претставник“ на Џ. Слосел во кој испраќаат робот на Месечината, а од Земјата го набљудуваат преку телевизија. Асимов се прашува дали некој од читателите знае за некој пример од пред 1928 година.

Неверојатно, но со таков пример во писмо до списанието на Асимов се јавил Денис Лин во ноември 1988 година. Хомер Лон Флинт во приказната „Планетар“ (All-Story Weekly, 9 март 1918) опишува дека луѓето на Земјата набљудуваат што прави посадата на Месечината и тоа со посредство на телевизиска направа која исто така им овозможува да разговараат со астронаутите!

По објавувањето на колумната, наидов на следниот гаф во „Пророкот“ на Халил Џибран. Во книгата пишува: „Бувот, чии ноќни очи се слепи за денот...“11  Распространет мит е дека бувовите не можат да гледаат дење. Како и мачките, бувовите гледаат добро ноќе, но подеднакво добро гледаат и дење.

Грешката на Дојл со велосипедот, како и уште некои од горенаведените, секако не спаѓаат во научни гафови. Исто така, собирам ненаучни гафови во поезијата, драмите и прозата. Во нив спаѓа и оној кога Робинзон Крусо се соблекува гол и плива до бродските остатоци каде ги полни џебовите со бисквити. Кога „Дон Кихот“ бил објавуван во продолженија, Сервантес напишал дека Санчо Панса го продал магарето. Малку подоцна, тој го заборава тоа и го опишува Санчо Панса како повторно го јава магарето. Шекспир направил многу историски и географски грешки. Зборува за топ во времето на владеењето на кралот Џон, за часовници кои ги отчукуваат часовите во времето на Јулиј Цезар. Хектор го цитира Аристотел, Кориолан го споменува Катон, во палатата на Клеопатра се наоѓа маса за билијард, а Чешка излегува на море.

Познато е дека Китс во сонетот „Кога првпат се задлабочив во Хомер на Чепмен“ зборува за „бестрашниот Кортез“ чиј поглед се пружа преку Тихиот Океан додека тоа впрочем би требало да биде Балбоа. Киплинг направил географска грешка во песната „Мандалеј“. Моуламјин се наоѓа на западниот брег на Бурма. Не излегува источно на морскиот брег туку е завртен кон запад кон Бенгалскиот залив. Зората може да удри како гром од правецот на Кина, но не може да дојде од морето.

Ваквите грешки ги навеле критичарите на заклучокот дека големите креативни творци им посветуваат далеку помало внимание на тие нешта отколку помалку успешните писатели. Нивниот генијален ум не се занимава со тривијалности. Меѓутоа, грешките од тој вид се тема за некој друг текст.

(крај)



Кон првиот дел

 

Извор: Polja
Слики:

__________________________________________________

[8] Наведено според: Н. В. Гогољ, Мртви души, прев. Милован и Станка Ѓ. Глишиќ, Сараево: Светлост, 1977, стр. 316-319.

[9] Наведено според: Вилијам Шекспир, Јулие Цезар, прев. Живојин Симиќ и Сима Пандуровиќ во: Вилијам Шекспир: Целокупни дела, кн. 3, Белград: БИГЗ-Народна книга-Нолит-Рад, 1978 стр. 605

[10] Интересно е што цитираните реченици не се наоѓаат во делото Danny, The Champion of the World (па, со самото тоа ги нема и во српскиот превод (прев. Јелена Катиќ Живановиќ. Белград: Бели пут, 2010). Можеби споменатиот Винсент Амбро мисли на расказот „Првакот на светот“ кој е објавен во збирката на Дал, Kiss Kiss (1960), а кој подоцна е проширен во роман.

[11] Наведено според: Халил Џибран, Пророк; Градината на пророкот, прев. Марко Грчиќ, Миленко Мандиќ, Загреб: Графички завод на Хрватска, 1987, стр. 63.

ОкоБоли главаВицФото