Дали денес се повлијателни измислените јазици на Толкин или есперантото?

18.07.2022 18:05
Дали денес се повлијателни измислените јазици на Толкин или есперантото?

 

Толкин почнал да го пишува „Падот на Гондолин“ додека бил на боледување по Првата светска војна. Тоа е првата приказна од неговата збирка легенди и ја претставува митологијата зад „Господарот на прстените“. Но, зад фикцијата стои неговиот интерес за уште еден епски чин на создавање: создавањето имагинарни јазици.

Истата година, на другата страна на Европа, во родната Полска, умира Лудвик Заменхоф. Заменхоф исто така бил опседнат со создавањето јазици и во 1887 година објавил книга во која ја претставил својата креација. Го објавил делото под псевдонимот Доктор Есперанто, што на крајот станало името на самиот јазик.

Создавањето измислени, или, конструирани јазици има долга историја, која датира од 12 век. А Толкин и Заменхоф се двајцата најуспешни поборници на оваа практика. Сепак, нивните цели биле многу различни и укажуваат на спротивставени ставови за тоа што самиот јазик всушност е.

Заменхоф, полски Евреин кој израснал во земја каде културниот и етнички анимозитет е широко распространет, верувал дека постоењето универзален јазик е клучно за мирен соживот. Иако јазикот е „главен двигател на цивилизацијата“, пишува тој, „разликата во зборувањето е повод за антипатија, уште повеќе, за омраза меѓу луѓето“. Неговиот план бил да дизајнира нешто што ќе биде едноставно за учење, неврзано за ниедна нација или култура, за така да помогне во процесот на обединување, а не поделба, на човештвото.

Како „меѓународен помошен јазик“, есперанто беше многу успешен. Иако е многу тешко да се направат точни проценки, денес го користат до милион луѓе, а во однос на бројот на говорниците тој имал постојана популарност низ својата историја. Постои богата литература за есперанто, во Кина постои музеј посветен исклучиво на овој феномен, додека во Јапонија самиот Заменхоф е прогласен за бог од една шинтоистичката секта која го користи неговиот јазик. Сепак, неговите соништа за светска хармонија никогаш не се остварија. А, по неговата смрт, кога Првата светска војна ја распарчи Европа, оптимизмот што тој го негуваше главно се претвори во разочарување.


Фантазиски јазици

Џ.Р.Р. Толкин и самиот бил поддржувач на есперанто, исто така верувајќи дека тоа би можело да помогне во обединувањето на Европа по Првата светска војна. Но, неговиот личен интерес за пронаоѓање на јазик бил многу поинаков. Неговата цел не била да го подобри светот во кој живееме, туку да создаде сосема нов свет во прозата. Тој тоа го нарекол свој „таен порок“ и објаснил дека за ова бил мотивиран од естетски, а не од прагматични цели. Тој пронашол креативно задоволство во усогласувањето на звукот, формата и значењето на сосема оригинален начин.

Како дел од процесот на создавање на материјата за јазикот што го измислил, Мартин морал да вдахне митологија. Бидејќи јазиците се живи и еволуирачки ентитети, тие ја црпат својата виталност од културите на луѓето кои ги користат. И, ова довело до создавање на неговиот измислен универзум. „Изумот на јазикот е основата“, пишува тој. „’Приказните’ се создадени за да обезбедат свет за јазиците, а не обратно.“


Азбуката на вилинскиот јазик (elfish) 

А што е со конструираните јазици денес? Сто години по смртта на Заменхоф, уметноста на јазичката конструкција е на многу начини еднакво популарна како и порано. Еден од најславните актуелни примери е јазиот дотраки, од „Игра на тронови“.

Создаден од Дејвид Џеј Питерсон за телевизиската серија „Игра на тронови“ базирана на романот на Џорџ Р.Р. Мартин „Песна за мразот и огнот“, инспирацијата за овој јазик се враќа до Заменхоф и Толкин.

Питерсон за прв пат се заинтересирал за т.н измислени јазици додека посетувал курс за есперанто на универзитет, каде Мартин еднаш зборувал за тоа како неговата сага, на многу начини, претставувала одговор на „Господарот на прстените“. Во знак на оддавање почит, тој вклучил разни мали лингвистички референци на Толкиновиот свет: warg, на пример, што означува личност што може да ја проектира својата свест во главите на животните, е истиот збор што Толкин го користи за еден вид големи волци.


Поими од јазикот дотраки

Значи, се’ на се’, би морало да се каже дека победата ја носи Толкиновата традиција на фантазиска изградба на светови. Можеби постојат две причини за ова.

Првата е лингвистичка. Парадоксално, концептот на Толкин е поблизок до тоа како јазиците навистина функционираат во реалниот свет. Неговите вилински јазици, онака како што се прикажани преку неговите дела, се живи нешта кои се менуваат, кои се развиваат со цел да ја рефлектираат културата на заедниците што ги зборуваат. Од друга страна, идејата за меѓународен помошен јазик е да обезбеди стабилна основа, што секој може лесно да ја научи. Но, човечките јазици никогаш не се статични; тие се секогаш динамични. Оттаму, есперантото има фундаментална маана вградена во самата негова концепција.

А втората причина? Па, можеби во последно време повеќе не’ усреќува да создаваме фантастични светови наместо да бараме начини да го поправиме овој нашиов.

Слични содржини

Книжевност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото