Маријана

03.12.2017 17:28

Во саботите попладне, а особено во неделите
низ улиците гледаш
само питачи, лудаци и неранимајковци.
Сиромашни тинејџери облечени дречливо кои зборуваат гласно.
Со набрани чела како токму тогаш
да ги учат буквите.

Од осмиот кат
во уличката што ги двои зградата и гробиштата
сега се гледаат само Маријана и нејзините пријатели.
Маријана продава свеќи и кандила, кибрити и темјан,
почва за цвеќиња, како и цвеќиња и цветни венци,
природни цвеќиња
и вештачки цвеќиња
во бел киоск од термопан: Цвеќарница Маријана.
Внатре има телевизор, а зиме и греалка.
Сега веќе никој не доаѓа,
поминато е шест часот навечер,
недела е.
Маријана седи на столче пред Цвеќарницата Маријана
и грицка семки од сончоглед.
Околу неа стојат неколку момчиња
во припиени маици,
слабички момчиња, со здрвени раце
во џебовите на фармерките,
зјапајќи во празно,
или наконтени момчиња, со убаво потстрижена коса,
обоена во електрични бои.
Сина, руса, виолетова, зелена.
Маријана изгледа како да им е мајка,
со своите бујни гради,
готови да ѝ прснат под маицата Калвин Клaјн,
со русите кадрици околу образите
постојано неизбричени.
Маријана изгледа како да им е татко,
со своите големи дланки,
со широките плеќи добри за нарамување
вреќи со почва и цвеќиња,
со своите цврсти колкови
обвиткани со долго проѕирно здолниште.
Би можела истовремено да држи две момчиња врз колената.
Момчињата ја слушаат без да трепнат,
катавечер се собираат
пред Цвеќарницата Маријана.
Маријана зборува и ги плука лушпите од семките директно на асфалтот.
Нејзиниот остар глас
стига до петтиот кат,
дури и кога прозорецот е затворен.
И покрај тоа не може да се каже
за што ли зборува.

Превод: Лидија Димковска

Адела Гречеану (1975) е поетеса, писателка и новинарка на романското радио за култура. За својата дебитанска поетска збирка „Насловот на мојата книга што ме преокупира толку многу“ во 1997 год. ги доби наградите „Кристијан Попеску“ и „Граница Поесис“. Објавила повеќе поетски збирки како и романот „Невеста со црвени чорапи“. Учествувала на бројни книжевни фестивали ширум светот.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото