Ангела Меркел и германската левица

06.12.2017 03:03
Ангела Меркел и германската левица

Да сум крава која ја повеле во кланица и газдата по пат да ме праша дали би му се придружила во работата, моето прво прашање би гласело: дали тогаш ќе престанеш да нè убиваш? За жал, тоа не беше првото прашање кое лидерот на Социјалдемократската партија (SPD) Мартин Шулц го постави по „драматичниот апел“ на претседателот на Германија, Франк Велтер Штајнмаер, упатен до оваа партија од левиот центар да се приклучи на демохристијаните на Ангела Меркел во големата коалиција. Наместо тоа, одговори: „Морам да ги консултирам колегите“.

Ако раководството на SPD одлучи да ја поддржи Ангела Меркел за да се стабилизира земјата, што е многу веројатно, тогаш извесно е дека наградата за спасување на кожата на канцеларката нема да биде особено висока.

Причината за кризата се 94 пратеници во Бундестагот од радикално десничарската Алтернатива за Германија (Afd) - која дојде од никаде и стана трета партија во земјата. Веднаш чувме за нивните барања за репатријација на сириските бегалци и изрази за поддршка на германската војска, која од историски познати причини досега се држеше подалеку од парламентарната политика. Јазикот на екстремизмот не се слушаше од говорницата на Бундестагот од основањето на Сојузна република Германија, а сега членовите на AfD го користат како мегафон за својот расизам и исламофобија.

Ако преговорите за коалиција пропаднат и канцеларката биде приморана на нови избори, за AfD ќе биде доволно да го повтори веќе остварениот резултат, па да ја зацврсти позицијата на нова револуционерна сила во германската политика. Така би се потврдило и нешто што ниеден пријател на Германија не сака да го изговори на глас, а мора да се забележи: бројот на германски граѓани наклонети кон модерниот еквивалент на фашизмот е вознемирувачки голем.

Системот востановен по 1945 година како гаранција на двопартискиот консензус на политичкиот центар овојпат потфрли. Зелените и радикалната Партија на левицата постепено се апсорбирани во парламентарниот систем за да се стабилизираат на 6 и 10 отсто поддршка, додека Алтернатива за Германија веднаш изби на трето место со 14 отсто - и тоа во земја која се фали со рекордно ниска стапка на независност и развиен систем за социјална заштита. Многумина веруваат дека на повторените избори резултатот на AfD би бил уште подобар.

Во централната сојузна држава Тирингија, каде поддршката на AfD во некои окрузи достигна и 27 отсто, левичарите и социјалдемократите кои ги сретнав минатиот месец беа загрижени. Она што ги навело гласачите да се поместат кон десно не е само сиромаштијата во некогашна Источна Германија. Базата на AfD овде ја сочинуваат припадници на средната класа за кои главен двигател е отпорот кон миграцијата, модернизацијата, глобалните брендови кои ги освојуваат рустичните улици на германските предградија и пред сè, отпорот кон европските интеграции.

AfD не е класична фашистичка партија - и нема потреба да стане тоа. На Хитлер SA единиците му биле потребни за да го порази најорганизираното работничко движење и најголемата комунистичка партија во тогашна Европа - и во тоа успеал во време на двоцифрена стапка на невработеност. За изградба на длабокиот сојуз на „елитата и масите“ - каков што го опишува Хана Арент - на AfD им е доволно да продолжат да го нормализираат говорот на омраза, да ги регрутираат добростоечките симпатизери во деловните кругови и војската и да го напаѓа статусот кво.

Центристичка Германија на универзитетските кампуси, гентрификуваните предградија и технократските работни места се тетерави помеѓу самозадоволството и стравот. Повеќето луѓе кои ги сретнав започнуваа разговор со зборовите: „Сè ќе биде во ред“, а по неколку пива го признаваа претчувството дека можеби ништо нема да биде добро. Берлин е град во кој секоја зграда е обележана со тешки историски сеќавања (ако гуглате доволно упорно), град кој знае дека по неговоите соби и скали на сега луксузните станбени згради се извршени најстрашните злосторства на 20-от век.

Што треба Шулц да направи? Како цена за влез во новата коалиција треба да бара партијата на канцеларката да се обврзе дека ќе спроведе програма за покренување на економскиот раст, макар и по цена на дефицит, дека ќе организира големи инвестициски програми, дека ќе ја прекине селидбата на индустриските работни места во источна Европа и ќе го преиспита планот на Макрон за европска интеграција. Германија мора да се воздржи од полициски акции против експанзивната монетарна политика во Европа и да се согласи да го координира пакетот фискални мерки за поддршка за земјите на периферијата на еврозоната со големина на Маршаловиот план. За тоа би требало да се поддржи Ангела Меркел. Сè помалку од тоа не е доволно.

Еден од најголемите проблеми во односите меѓу Германија и остатокот од Г7 беше одбивањето да се признае постоењето на проблеми во врска со елитите, кои германската левица одлично ги познава. Во прашање е инсистирањето на овие елити на идејата за слобода ограничена со збир правила, здружена со склоноста кон романтични гестови кога правилата ќе потфрлат. Реакцијата на Ангела Меркел на бегалската ркиза во 2015 и нејзиниот обид истата година да ја исфрли Грција од еврозоната зборуваат за степенот на непредвидливост во однесувањето, за кој остатокот од Европа молчи поради преголема пристојност.

Последниот неуспешен обид за формирање влада во Германија е забележан во времето на Вајмарската република, но паралелата која ми се наметнува не е онаа од 20-тите години на 20-от век, туку онаа со Австрија од 2017. Австриските гласачи овозможија победа на конзервативниот националистички демагог кој сака коалиција со радикалната десница. Ако германските социјалисти не се во состојба да ја наговорат канцеларката да ја прифати нивната политика, тогаш не треба ни да влегуваат во коалиција со нејзината партија. Ангела Меркел има на располагање опција за формирање малцинска влада, но тука можност има и SPD со поддршка на Зелените и радикалната левица. Во овие три партии луѓето со фантазија треба да ги изградат темелите на црвено-црвено-зелената коалиција, која ќе стави крај на неолибералната економска политика во Германија.

Наместо просто определување помеѓу континуитет и десничарска револуција, германските гласачи мораат да имаат повеќе опции. Единствена опција која може да ја порази Алтернатива за Германија е алтернативата за луѓето, интернационализмот, активното прифаќање на мултикултурните вредности, за поддршка на бегалците - и социјална правда.

Извор: The Guardian, 27.11.2017.