Коалициска дилема

27.02.2018 03:05
Коалициска дилема

Сведоци сме на збунувачка драма на германската политичка сцена. По повеќе од четири месеци од изборите сè уште немаме влада, а последната надеж се полага во гласањето во рамки на Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Ако членството на партијата до 2 март се изјасни против голема коалиција со Христијанско-демократската унија (ЦДУ), партијата на канцеларката Ангела Меркел – неизбежни се нови избори. Тие ќе се одржат во хаотични околности. Раководството на СПД веројатно ќе мора да поднесе оставка, а канцеларката Ангела Меркел можеби нема да биде во позиција повторно да се кандидира, после два неуспешни обиди да формира влада. Со подемот на десничарската Алтернатива за Германија (АфД), ова дополнително би ја затруло германската политичка сцена, а последиците би се почувствувале и надвор од Германија. Што треба да се направи за да се избегне ова сценарио?

Преговорите на две нивоа кои доведоа до новиот договор за голема коалиција жестоко беа критикувани на последната конференција на СПД, каде ги поддржа тесно мнозинство во врвот на партијата. Сè уште е неизвесно дали поширокото членство ќе го поддржи овој договор, без оглед на тешките последици во случај на одбивање.

Клучот за разбирање на оваа ситуација е во тоа што противниците на големата коалиција повеќе се грижат за иднината на СПД отколку за коалицискиот договор. Германската дебата за формирање влада го отсликува внатрешниот конфликт карактеристичен за многу социјалдемократски партии.

Заговорниците на големата коалиција тврдат дека СПД доби значајни отстапки, а дека мисијата на социјалдемократијата отсекогаш била подобрување на животите на луѓето каде што тоа е можно. Затоа нивна должност е да влезат во владата ако постои можност за спроведување делови од нивната програма. Противниците тврдат дека учеството во уште една голема коалиција дополнително ќе ја поткопа довербата на гласачите во оваа партија и ќе обезбеди понатамошен пад на социјалдемократијата во Германија. Во таа смисла, продолжувањето на постепеното пропаѓање на СПД преку уште една голема коалиција ја загрозува иднината на оваа партија и нејзините реформи. Само јасен раскин со минатото, во комбинација со нов, трансформациски пристап може да направи пресврт во корист на СПД.

Проблемот е во тоа што двата аргументи се исправни. Клучот за добивање гласови кај членството и надминување на нестабилноста е во нивното навремено решавање. Прво, раководството на СПД треба да разбере дека овие гледишта се однесуваат на различни временски рокови и стратешки пристапи. Целта на застапниците на големата коалиција е краткорочна добивка во доменот на јавните политики и тие се водат според стратегијата која оди од надвор кон внатре: можно е да се поправат животите на германските граѓани и затоа партиската политика треба да ја следи оваа прагматична логика. Гледиштето на противниците на големата коалиција се однесува на среден и долг рок и се движи од внатре кон надвор: уставна должност на политичките партии е да понудат нови политички идеи и дури тогаш да влезат во изборна трка и да се обидат да ги придобијат гласачите.

Иако, гласањето на членовите номинално се однесува само на коалицискиот договор, важно е да се понудат убедливи одговори и на општите забелешки на противниците на коалицијата. Направената грешка после првата рунда преговори беше во тоа што застапниците на големата коалиција ја фалеа содржината на договорот, наместо да се фокусираат на реалните стравови во врска со долгорочната одржливост на партијата. За да се добие мнозинскиот глас на членството, потребно е освен користа од коалицискиот договор да се понуди и валиден план за иднината на партијата.

Краткорочната политика не треба да оди на сметка на способноста на партијата на гласачите да им понуди порадикална опција на следните избори. Затоа е важно Андреа Налес, идната претседателка на СПД, да не биде во владата. Таа е новата клучна фигура на германската политика и најдобра шанса за придобивање на членството.

Извор: https://www.socialeurope.eu