Независната култура во регионот ќе исчезне ако не најде нови начини на борба и соработка

11.12.2017 12:18
Независната култура во регионот ќе исчезне ако не најде нови начини на борба и соработка

Кои се новите цели на независната културна сцена, какво е нејзиното место и улога во актуелниот социо-културен и политички контекст, дали се потребни нови начини за нејзино организирање, беа дел од прашањата за кои се дебатираше на годинешното собрание на Кооператива – Регионална платформа за култура, на 7 и 8 декември, во Музејот на современата уметност во Скопје.

На првата тркалезната маса под наслов „Перспективи на институционалната рамка за соработка во културата во регионот“, учествуваа Роберт Алаѓозовски, министер за култура на РМ, Теодор Целаковски, член на Управниот одбор на Кооператива и Предграг Цветичанин, директор за Емпириски студии на Југоисточна Европа. Фокусот на дискусијата беше суштината на практиките развиени во мрежата и можностите на градење на одржливост во размената и соработката помеѓу во независниот културен сектор во регионот.

„Ние сме на почетокот на еден нов период што поврзано со двојни промени. Од една страна, надворешниот контекст и од друга страна, од внатре – она што го работиме. Што се однесува до надворешниот контекст, културата во регионот се соочува со ситуација првпат од деведесеттите години да нема никаков донатор, укинувањето на програмата „Balkan arts and culture“ претставува точка на еден период и почеток на еден нов, во кои државите би морале да го преземат финансирањето на независниот секотор.

Што се однесува на поширокиот контекст, по Брегзит се покажува дека ЕУ веќе не е единствената опција во регионот и тука сега се појавуваат различни играчи од Русија, Турција преку Саудиска Арабија и Иран и сешто ќе се случува тука, бидејќи може да се случи ЕУ да крене раце од регионот, а може да се случи и токму затоа што има и други заинтересирани, ЕУ да почне поинтензивно да се занимава со регионот. И третиот фактор е зголемување на тензиите токму поради присуството на разни играчи на кои регионот им служи за мерење на силите.

Во однос на внатрешните промени во овој нов период, тоа се интензивното вмрежување, во овој момент национални мрежи не постојат само во Црна Гора и во БиХ, иако таму работи Култура 20/20 што не е мрежа на независниот културен сектор, но ги вклучува независните организации. И вториот елемент е што врската на независниот културен сектор со социјалните движења станува многу повидлива. Тоа се виде во Шарената револуција, овде во Македонија, тоа се гледа и во движењето „Не давимо Београд“, тоа се гледа во „Загреб е наш“, значи таа врска на уметничките групи со социјалните актери, првпат станува многу повидлива“, рече Предграг Цветичанин, директор за Емпириски студии на Југоисточна Европа.

Тој претстави дел од резултатите на истражувањето на независниот културен и сектор кое вклучило 200 организации од 7 земји во регионот.

„Резултатите од истражувањето покажуваат дека состојбата во секторот е катастрофална“, истакна Цветичанин.

Независните организации од културата се исклучително сиромашни кога станува збор за економски капитал и технички ресурси, па така на пример, 50 до 70 отсто од организациите имаат годишен буџет помал од 10 илјади евра, освен во Словенија. 60 отсто од организациите немаат свои простории и се слабо технички опремени и тоа станува уште поочигледно бидејќи се работи за најобразованите, односно најсилниот културен капитал во регионот. Во некои од земјите 50 до 60 отсто од луѓето се магистри или доктори по наука. Ресурсите на луѓе што ги владеат областите на културен менаџмент и маркетинг се најсилните ресурси што воопшто постојат во сферата на културата во државите во регионот. Наспроти тоа, условите за работа се такви што 65 до 75 отсто од луѓето немаат работно време, што значи дека работат повеќе од 8 часа дневно, работат навечер и преку викенд, во договорите немаат ставка за годишен одмор, а оние што имаат, работат и за време на годишниот одмор. Најголеми се просечните плати во Словенија - 903 евра, во Македонија и Албанија од 350 до 380 евра, во Србија 320 евра, Црна Гора 220 евра, БиХ 215 евра, во Косово околу 200 евра. Културните работници од независниот сектор само од Албанија и Косово сметаат дека ситуацијата е подобра отколку во 2010 година, од сите други земји велат дека е драстично полоша. Оние што работат во цивилниот сектор се идеални работници на неолиберализмот, зашто се малку платени, многу работат и релативно се задоволни со своите работни места. Но, наспроти ваквата лоша слика, овие организации во 2015 година реализирале 883 проекти, 5810 индивидуални културни програми и 172 меѓународни проекти.

„Независната културна сцена не располага со економски капитал и технички ресурси, таа располага со културен капитал и во форма на образование и во форма на менаџерски знаења и тоа што во иднина може да го работи е да го јакне својот социјален капитал, така што ќе се поврзува со другите делови на цивилниот сектор, со студентските и синдикалните организации и други граѓански движења и само така може да ја подобри својата позиција“, рече Цветичанин.

Според него, во идниот период клучна улога мора да имаат државите, ако тие не го преземат финансирањето на овие сцени, тие ќе исчезнат, при што најзагрозени се најмалите организации, а тие се јадрото на цивилното дејствување.

Цветичанин се заложи за заеднички регионален буџет за проекти од оваа област и го повика министерот Алаѓозовски да ја информира владата за можноста за ваква соработка.

„Нема да постои регионална соработка ако нема стабилни организации, поединци и сцени“, рече Теодор Целаковски од Хрватска.

Според него, има неколку предизвици за независниот културен сектор, а тоа дали тие можат да функционираат како самостојни и самосвесни политички субјекти подготвени за солидарност и поврзување и кои се подготвени да разработат тактики што вклучуваат занимавање со институционална иновација, а од друга стана и со конфронтација.

„И притоа не мислам само на културната сфера, да се говори денес за културата и уметноста во контекст на исклучиво независната култура е нефункционално. Зашто ќе бидеме затворени, како што покажува и истражувањето, во своите лоши состојби. Мене ме интересира дали постојат простори на исчекори, излези за да дојдеме во подобра позиција, отколку што покажува оваа аналитика на бедата. Сакам да кажам дека постојат примери кои покажуваат дека е можно да се спои отпорот, некои нивоа на отпорот и некое ниво на влијание врз системот, зашто тоа е клучно во овие наши околности во кои ако се бунтувате тогаш сте аут, ако имате брања, ако сте критични, тогаш немате пристап до ресурсите. Ми се чини дека тоа е клучно за секоја од овие наши сцени, кои ако можат да се конституираат како посебни сцени, притоа не мислам на независната културна сцена, туку на актерите кои се подготвени да делуваат независно во општеството, зашто во регионот се појавија доволен број организации и поединци кои зачекорија во полето на она што се вика преиспитување на системот. Како да се преипитува системот и во исто време да се биде влијателен во тој систем, тоа е големо прашање. Еден показател дека може да се делува на страната на отпорот против приватизирањето на јавните ресурси, грабежот на јавната инфраструктура, а од друга страна да се обидете да влијаете врз државната политика, е оваа ситуација во која по долги години, во Хрватска успеавме да создадеме редица платформи кои се залагаат за некој облик на самоуправно водење на јавните простори, значи одреден вид комунализација на јавните ресурси“, рече Целаковски.

Тој говореше и за мерките кои ги овозможуваат фондовите на ЕУ, како на пример, преку конкурсот за социјалниот фонд во Хрватска кој има седум милиони евра за период од две години и се планира да се потроши за развој на социјалните културни центри, според моделот на цивилното јавно партнерств, во рамките на кое актерите на цивилното општество, со намера за отворање кон јавноста, граѓаните и различните социјални групи, користат ресурси што се јавни низ партнерски однос со институциите на државата, односно локалната управа. „Значи, се покажа дека е возможно да се направи тој исчекор во кој со релативно голем буџет, може да се финансираат таков тип обиди кои всушност повратно делуваат на стабилизирањето на активистичките групи околу тие социјално културни центри, кои стануваат централна точка на акциите за спротивставување на приватизирањето на јавните ресурси и други важни општествени прашања. А со тоа се отвора и просторот за политичка борба“, рече тој.

Според Целаковски, регионалната соработка, освен низ проектната соработка, клучно е како се прави трансферот на новите пракси што се случуваат во регионот, а кои помагаат за иновација на политичкото. „Значи, можно е да се делува во рамки на системот, низ спротивставување, ние успеавме хрватската држава да си присвои неколку милијарди евра зашто не ги продаде автопатиштата, мислам дека постои сериозен простор на соработка и меѓусебна помош за влијанието да се оствари на што поквалитетен начин“, рече Целаковски.

„Ситуацијата во Македонија е специфична, тука независната културна сцена учествуваше во Шарената револуција и помогна да се добијат изборите, потоа дел од учесниците влегоа во извршната и во парламентарната власт, затоа што имавме исти политички цели и сега заедно со граѓанскиот сектор го градиме овој нов политички контекст. Наследивме ситуација во која институционалниот систем и практикувањето на власт беа комплетно девастирани и во тие рамки независниот сектор беше доживуван како непријател на власта. Сега се наоѓаме во ситуација во која ние истовремено треба да го изградиме институционалниот систем и повторно да го одржиме граѓанскиот сектор. Но сега не се работи за институционални иновации, туку како функционира државата. Промените сѐ уште се само на површинско ниво, што значи дека се променети само горните управувачки структури, додека длабокиот политички систем и администрацијата сѐ уште функционираат според стариот модел. Нашиот предизвик сега е да ги изградиме институциите и можеби тоа е делот каде може да се примени некоја иновација“, рече Роберт Алаѓозовски, министер за култура.

Тој нагласи дека во Македонија структурата на независната сцена во Македонија не е силна според бројката и ако сите тие се апсорбираат во институционалниот сектор, тогаш се доведуваат во прашање знаењата, етиката, менаџментот, а од друга страна, на системот му се потребни токму такви луѓе.

Тој го посочи примерот на Новиот културен бран, во кој, од буџетот од околу 150 илјади евра, половина биле доделени на независниот културен сектор.

„Ние имаме политичка волја за развој во културата во регионот и таа се одвива институционално, како и претходно и тоа се главно секторски соработки: гостувања на изложби, театри, музички ансамбли и фестивали, а оваа покомплексна проектна соработка, главно беше оставена на неколку фестивали или музеи, на посовремените уметнички институции. Мислам дека од Македонија може да дојде иницијатива за интензивирање и на структурната поддршка на независната културна сцена, но би било добро тоа да не биде иницијатива само на една земја и треба добро да се обмисли. Прашање е колку другите министри ќе имаат слух за тоа, мислам дека е логично дека за она што е консензус, да се почне од некој експеримент за да видиме во кој облик тоа може да се развие.“

На прашање од учесниците дали оваа регионална сорабтка може да се уреди преку билатерални договори, Алаѓозовски одговори дека тие договори, кога се работи за културната соработка, вообичано се однесуваат за институциите и се одвиваат со комплицирана процедура. „Сепак мислам дека оваа иницијатива треба да биде сосема надвор од овие официјални, билатерални договори. Такви иницијативи веќе постојат, беше споменат проектот за младинска култура, но тој беше поддржан и од Германија и Франција. Така што мислам дека оваа иницијатива на Кооператива треба да биде независна и поддржана од министрите на земјите од регионот и стратешки, за да не се менува со промената на министрите и за да биде долгорочна, би било подобро кога една или две од позначајните европски земји би влегле во тој процес“, рече Алаѓозовски.

Вториот јавен настан на собранието на Регионалната платформа за култура беше дискусијата под наслов „Социо-културни центри во регионот - искуства и перспективи за регионална соработка“ во која учествуваа претставници на културните мрежи од регионот: Милица Пекиќ, член на Управниот одбор на Кооператива и основач на Киоск - Платформа за современи уметности, Јадранка Плут од словенечката мрежа Асоцијација која претстави два различни модели на институции развиени во Словенија, Лука Кнежевиќ-Струка од Независна културна сцена на Србија кој го претстави моделот на културниот центар Магацин, Јане Чаловски, претседател на македонската мрежа Јадро – Асоцијација на независната културан сцена, зборуваше за моделот на цивилно-јавно партнерство конкретно преку примерот на Културно-социјалнот простор Центар-Јадро во Скопје основан од Општина Центар и Јадро, додека Томислав Медак, член на управниот одбор на операцијата Градска мрежа го претстави Погон - Загребски центар за независна култура и младина, исто така пример на цивилно/јавно партнерство.

Кооператива - Регионална платформа за култура е регистрирана во август 2012 година во Загреб. Тaа е регионална мрежа на организации кои работат на полето на независна култура и современа уметност во Југоисточна Европа. Кооператива заеднички ја основаа 21 независна културна организација од земјите во регионот: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Словенија и Србија, активни во сите области на современата културна и уметничка практика.