Дали светлечките билки се осветлувањето на иднината?

23.12.2017 01:28
Дали светлечките билки се осветлувањето на иднината?

Научниците од МИТ се обидуваат да ја намалат човековата зависност од вештачка светлина, нудејќи нови решенија кои изгледаат како да се дел од сценарио на научно-фантастични филмови. Едно од таквите решенија се билките кои светат во мрак.

Биоилуминисценцијата како феномен на создавање светлина од страна на живи организми отсекогаш била фасцинантна, но често се наоѓа во природниот свет.  Посебно се наоѓа меѓу инсектите, рибите, но исто така и кај разни видови габи и алги.

Стручњаците сега имаат намера да го намалат користењето на електрична енергија и конвенционално улично осветлување, за да може еден ден да биде заменето од специјални билки кои светат во мрак. Во тој контекст најмногу се спомнуваат дрвјата.

„Визијата е да се создаде билка која функционира како столна ламба, но ламба која не морате да ја приклучите во струја. Светлоста на крај ќе се создава од самиот метаболизам на билката“, појаснува авторот на студијата Мајкл Страно.

Целта на овој научник е да создаде билки кои би требало да ги имаат сите функции што денес ги имаат електронските уреди. Со оглед на тоа дека вештачкото електрично осветлување сочинува околу 20 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија, очигледно е дека нешто треба да се направи во врска со тоа. Технологијата, инаку опишана во стручното списание Nano Letters го користи ензимот луцифераза, со чија катализа се создава светлина каква што емитуваат, на пример, светулките.

„Билките можат сами да се поправаат, тие имаат сопствена енергија и веќе се спремни да се прилагодат на надворешното опкружување“, потврди и Страно. „Сметаме дека ова е идеја која доаѓа навреме. Нашата работа навистина ја отвора вратата за идни улични светилки кои не се ништо друго освен третирани дрвја кои даваат осветлување околу нашите домови.“ Светлосниот учинок на билките може да се промени во зависност од условите, а тоа им овозможува на билките да изгледаат сосема нормално во текот на денот, додека во текот на ноќта светат.

Извор: news.mit.edu