1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Младата Девојка никогаш ништо не научува. Таа не е тука заради тоа.
Младата Девојка не знае да замолчи, но знае ли да зборува?
Триумфот на Младата Девојка потекнува од пропаста на феминизмот.
Во својот темел, Младата Девојка е хистерична девојка.
Младата Девојка не зборува, напротив: зборувана е од Спектаклот.
Младата Девојка носи маска од своето лице.
Младата Девојка сета величина ја сведува на ниво на својот задник.
Сама со себе Младата Девојка е сама.
Младата Девојка е прочистувач на негативноста, индустриски производ на профили на едностраност. Во секој случај, таа го одвојува негативното од позитивното и задржува само едно од тие две. Оттаму, таа не верува во зборови, тие всушност во нејзината уста немаат никаква смисла. За да се увериме во тоа, доволно е да го видиме она што таа го смета за „романтично’, што, на крајот на краиштата, има прилично малку врска со Хелдерлин (Hölderlin).
Младата Девојка би сакала едноставниот збор „љубов“ да не подразбира уништување на ова општество.
АХ, СРЦЕ!
Сентиментализмот и материјализмот на Младата Девојка се два солидарни и само навидум противречни аспекти на нејзината средишна ништожност.
Младата Девојка сака емотивно да зборува за своето детство со цел да сугерира како не го надминала, дека во суштина, останала наивна. Како и сите курви, таа сонува за простодушност. Но, за разлика од нив, таа бара да ѝ се верува, искрено да ѝ се верува. Нејзиниот инфантилизам, кој, на крајот на краиштата, е само еден фундаментализам на детството, од неа прави најконкретен вектор на општа инфантилизација.
Кога Младата Девојка ќе се препушти на својата безначајност, таа од тоа извлекува слава, зашто тоа значи дека „се забавува“.
„Не чини да се мешаат работата и чувствата!“ Во животот на Младата Девојка неделотворните спротивности сведени на ништо се комплетираат, но воопшто не си противречат.
Младата Девојка ги сака своите илузии како што го сака и своето опредметување: прогласувајќи ги.
Младата Девојка сè познава како лишено од последици, дури и своето страдање.
Сè е забавно, ништо не е тешко. Сè е кул, ништо не е сериозно.
Младата Девојка сака да биде препознаена не по она што би била, туку по едноставниот факт дека е. Таа сака да биде признаена во апсолутното.
Младата Девојка не е тука за да биде критикувана.
Кога Младата Девојка ќе стигне до границите на инфантилизмот, кога ќе стане невозможно да не си го постави прашањето за крајот, во грижата еднаш да не се остане без средства (што во ова општество може да се случи прилично доцна), таа се оддава на размножување. Татковството и мајчинството се начин како и секој друг, и не помалку испразнет од содржина од другите, да се остане под владение на потребата.
Младата Девојка кон сè ја усвојува точката на гледиште на психологијата, кон самата себе како и кон светските текови. Така може да покаже одредена свест за реификацијата, свест која и самата е реифицирана.
Младата Девојка ги познава стандардите на перверзијата.
Пресимпатично!
Младата Девојка се грижи за рамнотежата, што помалку ја доближува до танчарот, а повеќе до сметководителот.
Насмевката никогаш не послужила како аргумент. Постои исто така и насмевка на Мртвите Глави.
Чувствителноста на Младата Девојка е составена само од знаци.
Секаде каде што етосот ќе пропадне или ќе се распадне, Младата Девојка се појавува како безбоен етос на спектаклот.
Младата Девојка не е должна да ве разбере.
Младата Девојка не е ништо сама по себе, а особено не е ништо вредно. Потребни ѝ се институции за да ѝ го обезбедат бидувањето и вредноста.
Особената наклоност на Младата Девојка кон актери и актерки се објаснува со елементарните закони на магнетизмот: додека тие се позитивна отсутност на секое својство, ништожноста која ги презема сите форми, таа е само негативна отсутност на својства. Оттаму, со оглед дека е нејзин одраз, актерот е исто што и Младата Девојка, тој е нејзина негација.
Младата Девојка ја сфаќа љубовта како посебна активност.
Младата Девојка во својата насмевка го носи сиот чемер на диско клубовите.
Младата Девојка е единствениот инсект кој ја прифаќа ентомологијата на женските списанија.
Ништожноста на Младата Девојка подеднакво е непропусна за другите како и за неа самата.
Едностраноста „ги среќава“ Младите Девојки, исто како и Младите Девојки во својата целост.
Исто како и несреќата, Младата Девојка никогаш не доаѓа сама.
Но секаде каде што доминираат Младите Девојки мора да доминира и нивниот вкус; ете што го одредува вкусот на нашето време.
Младата Девојка е најчистиот облик на реифицираните односи; таа дури е и нивната вистина. Младата Девојка е антрополошки кондензат на реификацијата.
Спектаклот обилно, иако не и директно, ја наградува согласноста на Младата Девојка.
Во љубовта повеќе отколку на кое било друго место Младата Девојка се води од есапот според кој секогаш ѝ се чини дека таа сака повеќе отколку што е сакана, дека дава повеќе отколку што прима.
Младата Девојка онтолошки е девица, девица наспроти сето искуство.
Меѓу Младите Девојки постои една истоветност на гестови и изрази која е недопирлива.
Младата Девојка не ве бакнува, таа ве лигави меѓу забите. Материјализам на секретите.
Младата Девојка може да покаже грижливост, под услов навистина да си несреќен, и тоа е еден аспект на нејзината огорченост.
(ПРОДОЛЖУВА)
Слики: Nicoletta Ceccoli
Превод: Стефан Симоновски
Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille