Младата Девојка како воена машина (2)

04.09.2021 13:01
Младата Девојка како воена машина (2)

Младата Девојка делува пропагирајќи го теророт на забавата.

„Колку цајкани се потребни за Младата Девојка да се натера вистински, детски да се насмее?“

„Уште, уште...“

Речникот својствен на Младата Девојка е речник на Тоталната Мобилизација.

Младата Девојка припаѓа на новата морална полиција која обезбедува секој да ја врши својата функција и да се држи исклучиво до неа. Младата Девојка никогаш не комуницира со човечки битија, туку со групи на својства објективизирани во улога, личност или општествена ситуација во која прилагодувањето на сите околности е обврзувачко. Оттаму, на пример, оној со кој таа го дели своето мало отуѓено секојдневие дефинитивно останува „тој тип“ или „таа девојка“.

Младата Девојка внимава на својата стока со лакомост и завидлив поглед, зашто во неа го гледа својот модел, односно гледа нешто што е налик неа самата, само посовршено. Она што останало од човечноста во неа не е само она што ја спречува да го досегне совршенството на стоката, туку исто така е причина за сите нејзини страданија. Оттаму, тоа е она што треба да се искорени.

Младата Девојка носи маска, а кога ќе го признае тоа, тоа е само за да напомене дека таа исто така има и „вистинско лице“ кое не би сакала или не би можела да го покаже. Но тоа „вистинско лице“ исто така е маска, и тоа застрашувачка: вистинското лице на власта. Оттаму, кога Младата Девојка ќе ја „извади маската“, власта директно ви се обраќа.

Младата Девојка со неодглумена горчина ѝ приговара на стварноста дека не е на висина на Спектаклот.

Набљудувани заедно, Младите Девојки сочинуваат застрашувачка паравоена сила која е распоредена против сувереноста, негативноста и метафизиката. Истовремено, тие во секој момент ги означуваат најистурените позиции на Биомоќта, неговата отровна загриженост и кибернетичката пацификација на сè.

Незнаењето со кое Младата Девојка ја игра својата улога на камен темелник на сегашниот систем на власт исто така е дел од таа улога.

Младата Девојка е пион во сеопштата војна која власта ја води за да го искорени негативното. Впрочем, Младата Девојка тоа го изјавува без двоумење: таа се „ужаснува од негативното“. Но кога го вели тоа, таа е налик на каменот на Спиноза, уверена дека токму таа зборува.

Секоја Млада Девојка е скромен потфат на прочистување.

Во кулинарска смисла, Младите Девојки, сите ствари и сите битија, органски или неоргански, изгледаат како да можат да бидат поседувани, или барем конзумирани. Сè што ќе види, таа го преиначува во стока со самото свое гледање. Во таа смисла, таа исто така претставува истурена позиција во офанзивниот бескрај на Спектаклот.

Младата Девојка е ништожноста со која се ракува за да се сокрие значајноста на ништожноста.

Младата Девојка не ја сака војната, таа ја води.

Младата Девојка е офанзивниот одговор на стоковата превласт на кризата на која Блум ѝ е фигура.

Младата Девојка е крајното ропство со кое СЕ изнудува молчењето на робовите.

Не е доволно да се утврди дека Младата Девојка зборува со јазикот на Спектаклот. Треба и да се забележи дека тоа е единствениот јазик кој таа може да го разбере и да ги принуди сите кои не се гнасат да зборуваат со него.

Како и светот на авторитарната стока, Младата Девојка ја практикува најжестоката пропаганда за сè да остане идентично.

Семиократските власти, кои сè пожестоко бараат естетичка согласност на нивниот свет, си ласкаат дека сега можат да протуркаат како „убаво“ сè што ќе посакаат. Но тоа „убаво“ е само општествено контролираното посакувано.

Младата Девојка промовира комформизам кон сите непостојани норми на Спектаклот, таа е пример за таквата согласност.

Како и сè што постигнала симболичка хегемонија, Младата Девојка го прогласува за варварско сето физичко насилство насочено против нејзината амбиција за тотална пацификација на општеството. Таа и власта ја споделуваат истата опседнатост со сигурноста.

Суштината на Младата Девојка е милитаристичка.

Милитаристичката суштина на Младата Девојка се состои во тоа што таа не само што трајно го брани својот монопол лишен од копнеж, туку ја брани и состојбата на отуѓено толкување на копнежот.

Луѓето не се затвореници на Спектаклот заради своите „инстинктивни импулси“; тие се заложници на законите на пожелното кои се врежани во нив, во самото нивно месо.

Младата Девојка објави војна на мистеријата.

Младата Девојка објави војна на микробите.

Младата Девојка објави војна на случајноста.

Младата Девојка објави војна на страста.

Младата Девојка објави војна на времето.

Младата Девојка објави војна на Духот.

Младата Девојка објави војна на лошите мириси.

Младата Девојка објави војна на немирот.

Младата Девојка објави војна на политичкото.

Младата Девојка објави војна на тишината.

И, на крај, Младата Девојка објави војна на војната.

Слики: Danny Fox

Превод: Стефан Симоновски

Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

 

 

Слични содржини

Книжевност / Култура / Теорија
Книжевност / Психологија / Теорија
Книжевност / Психологија / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото