Кунг фу-то како класна борба

30.03.2018 01:00
Кунг фу-то како класна борба

Ситуационистот Рене Виене, синолог и упатен филмофил, во 1973 година ги сменил дијалозите на еден опскурен производ од Хонг Конг – филмот Crush, кој една година претходно го режирал Ту Гуанци според сценарио на Ни Кванг. Класичната приказна за кинеско село кое го нападнале самураи, а го одбранил кунг-фу борец (Џејсон Паи Пиао) ја претвора во возбудливо филмско „оддавање чест на експлоатираните за истребување на експлоататорите“, насловено Дали дијалектиката може да крши цигли? Многумина во тоа виделе само субверзивна пародија прикрпена на штета на ексцентричниот филмски жанр од истокот.

Меѓутоа, по примерот на значителен број другари од Ситуационистичката интернационала, Виене не негува никаков презир спрема популарниот филм. Напротив, бидејќи бил еден од првите увозници на кунг-фу филмови во Франција, совршено ги познава неговите кодови. Оттука, ефикасноста на диверзијата која без грешка ја следи потката на филмот, едноставно претворајќи ги самураите во бирократи кои се склони да ги потценат – како што често е случај – самоуправните способности на пролетаријатот. Но, некои кинески филмови не го чекале упатениот (и изострен) поглед на гневните парижани со летечки удар со нога да ја зададат својата дијалектика.1 Доволно е да се вратиме во 1971 година за таму, во Хонг Конг, да пронајдеме еден од највпечатливите примери: Големиот газда (The Big Boss/Tang Shan Da Xiong)2 во режија на Ло Веи, со извесен... Брус Ли.

Откако во американската серија Зелениот стршлен (The Green Hornet) го глумел ликот на Кејто, Брус Ли потпишува за Голден Харвест, компанија од Хонг Конг, тогаш на работ на банкрот. За да заштеди на трошоци за сценографија и костимографија, компанијата ја преместува вистинската приказна од крајот на 19 век во современото доба. Се работело за Кинезот Ченг Чао-ан, мошне популарен во Тајланд кој таму ги бранел своите сонародници имигранти.

Сиромаштијата го натерала младиот Ченг да замине во Тајланд, каде благодарение на помошта на својот роднина Хсиу Чен (Џејмс Тиен) се вработил во фабрика за мраз. Но, впрочем директорот го користи мразот за да прокриумчари пакети со дрога. Работниците што откривале што навистина се случува дискретно биле отстранети. Хсиу Чен, кој се занимава со кунг-фу, истовремено е и локален борец против неправда и делегат на своите другари во фабриката. Кога ќе исчезнат работниците – според директорот, во обложувалницата – Хсиу оди во вилата на „големиот газда“, љубител на млади девојки и исто така мајстор за боречки вештини (кого го глуми Хан Јин-Чие, воедно и кореограф на борбите во филмот). Хсиу Чен е убиен кога се побунил.

Рене Виене

Бидејќи од утринската прозивка недостасуваат четворица нивни, работниците започнуваат штрајк и се закануваат со уништување на фабриката. Тогаш се соочуваат со надзорникот и работодавач на насилниците, а сето тоа пасивно го набљудува Ченг Чао-ан, кој пред заминувањето ѝ се заколнува на мајка си дека веќе нема да се бори. И покрај ветувањето, Ченг се вмешува, победувајќи ги штрајкбрејкерите (сепак, тоа е Брус Ли). Директорот веднаш го именува за надзорник, на општо воодушевување на работниците. И така, едно унапредување и жртвите на капиталот се забораваат... Но, еуфоријата спласнува кога колешката ќе ги потсети на причината за нивниот гнев.

Избран за гласноговорник, Ченг е повикан на вечера кај директорот, каде друштво им прават примамливи ескорт-девојки. Додека другарите јадат помии и се грижат за неговото неочекувано долго отсуство, синдикалниот ополномоштеник се гости со своите нови „социјални партнери“ и завршува во бордел. По враќањето во фабриката, преку презирот и саркастичните досетки на своите колеги се освестува дека и самиот станал... штрајкбрејкер. И кога ќе заѕвони за крај на паузата, базата одбива да го послуша.

Овојпат Ченг лично оди кај големиот газда, кој му сервира патерналистичка проповед дека самиот создал сè што има, дека заработил за Ролекс со сопствениот труд и дека сите вработени ги смета за „свои деца“. Ченг без одговор се враќа на работното место, меѓу колегите работници, кои се држат на дистанца. Што е разбирливо: додека беше обичен физички работник не можеше да му се слушне гласот, а кога стана надзорник дава наредби и повеќе сака да спие во бордел отколку со своите другари од работа... Тогаш, една проститутка, солидарна со своите браќа по неволја, му ја кажува вистината за криумчарењето дрога. Ченг ноќе оди во складиштето со мраз и ги открива замрзнатите тела на своите исчезнати колеги. Сфаќа дека социјалниот мир е само страшна кулиса. Неговата (класна) освета ќе биде ужасна...

Големиот газда ги сруши сите рекорди во кино-благајните и ја лансираше кариерата на Брус Ли. Меѓу сите негови филмови, тој не само што е еден од најнасилните (во него Ченг убива десетици злосторници), туку е и еден од најполитичките. Исто така, цензурата не можела да се измами. Во САД, последната сцена, во која Ченг ги забива прстите во скапоценото одело на својот шеф, е исфрлена, можеби од страв гледачите утредента на работа да не ги зачешаат прстите...

Големиот газда (1971) 

Кунг-фу синдикално преговарање

Набрзо, другите продукции во чекор го следат овој филм. Најпосле, вработените во големите кинески студија, кои во просек работат 48 часа неделно и 355 дена годишно, сигурно имале некои сублиминални пораки што сакале да им ги пренесат на шефовите... На пример, филмот Прсти што убиваат (Fingers That Kill/Tie Zhi Tang Shou), во режија на Хуи Квок, според сценарио на Ни Куанг, снимен во Тајван 1972 година. Во него има селани кои му се подредени на шефот на шумарството, кој веројатно завршил некаква школа за менаџмент. Изгледа не му било доволно што со цврста рака владее со работниците кои работат за грст ориз. Ги измамува продавајќи им опиум и ги проституира нивните жени и сестри во селскиот бордел каде несреќниците го трошат она што ќе им остане. Но, еден кунг-фу борец (Тони Лиу Јун Гук, кој го игра селскиот јунак во филмот Crush) се вовлекол меѓу селаните со цврста намера да ја допре простатата на газдата со два прсти кои... убиваат!

Во 1978 година, режисерот Чиа-лианг, автентичен мајстор по кунг фу, ја носи револуцијата во жанрот со 36 комора на Шаолинот (Shao Lin San Shi Liu Fang). Станува збор за ремек дело во кое глумецот Гордон Лиу ја игра улогата на војникот Сан Те, кој сака да отвори училиште во шаолинскиот храм за лаиците, заради борба со манџурискиот окупатор. Но, неговото „лажно продолжение“, Враќање во 36 комора (Shao Lin Ta Peng Hsiao Tzu, 1980)3 ќе истрае со употребата на кунг-фу-то во синдикалните преговори.

Работниците од фарбарата се соочени со насилните надзорници, кои се платени со средства добиени од вкупното намалување на платите. Ситиот измамник, Чун Јен-чие (Гордон Лиу) тогаш се претставува како исправувач на неправди Сан Те за да ги штити барањата на работниците. Бидејќи триковите не му успеваат, се обидува да се вовлече во Шаолин за навистина да научи кунг-фу. Вистинскиот Сан Те го открива (овојпат во изведба на Чин Чу) и му задава џиновска задача: да носи скеле од бамбус цела година. Не насетувајќи, тогаш развива мошне специфична техника, „кунг-фу кревање скелиња“!

Сакајќи да го искористи сиот потенцијал на боречките вештини, режисерот Лиу Чиа-лианг не сакал да се ограничи на „суперхеројските“ клишеа на жанрот. Пораката на Враќањето во 36 комора е јасна: техниките на кунг-фу-то им се достапни на сите, под услов да ги разберат неговите теоретски темели. Изопачениот Чун да завладее со бамбусот, жицата и рамнотежата за да го крене скелето, секоја практика создавала знаење... а, знаењето е оружје.

И покрај тоа, иако ликот на Гордон Лиу му припаѓа на лумпенпролетаријатот и повеќе ги сака малите сплетки отколку убивањето на работа, неговите пријатели работници го ценат и дури се повикуваат на неговите таленти за да се обидат да го измамат својот шеф. Тоа е очигледен пример на нужен сојуз меѓу различните слоеви на работничката класа... И не е случајност: сценариото повторно го потпишува Ни Куанг.

36 комора на Шаолинот (1978)

Во 1994 година, Лиу Чиа-лианг повторно ги покажува своите политичко-боречки преокупации во неверојатниот Пијан учител 2 (Drunken Master 2/Jui Kuen 2), корежиран од својот главен глумец, Џеки Чен. Тој го глуми славниот Вонг Феи-хунг, експерт за „пијан бокс“ (или zui quan техника), кој се фаќа во костец со англискиот амбасадор зашто овој сака да го ограби кинеското уметничко богатство во корист на Британскиот музеј. Паралелно, работниците од една леарница трпат притисоци од англиско-кинеските работодавачи да работат повеќе за помала плата. А, кога ќе се заканат со штрајк, добиваат ќотек.

Откако ќе ја остварат квотата на посакуваните железни шипки спремни за извоз (во сандаци во кои го кријат локалното богатство), шефовите најавуваат затворање на претпријатието и отпуштање на работниците. Феи-хунг и неговите другари тогаш одлучуваат да преминат на дела: „Јас ќе ги собреам студентите, а ти работниците!“, му дофрла пријателот, трговец со риба. Протестот се изјаловува кога полицаецот ќе извади оружје откако слушнал како еден демонстрант извикува „правото на народот самиот да располага со себеси и својата историја“. Во тој момент одважната употреба на нивните работни алати (трговката со змии ги фрла живите рептили на војската) и нивната културна специфичност (кунг-фу-то) на демонстрантите им овозможува продор во фабриката. Таму се одвива неверојатната конечна борба помеѓу протагонистите, тогаш зашеметениот од метанол, Феи-хунг и белите јаки од претпријатието. Јавноста го кажа своето: Drunken Master 2 постигна огромен успех, а заработката е исплатена на здружението на каскадери од Хонг Конг.

Кунг-фу-то често играло главна улога во бунтовите што ја обележаа историјата на Кина, без разлика дали станува збор за Тајпиншкиот (1850 – 1864) или Боксерскиот бунт (1899 – 1901). Во поново време локалните весници прераскажуваа дека селаните ги претепале насилниците на градежните претприемачи експропријатори. Било логично филмот за боречките вештини, жанрот се појавил 1926 во Шангај, кој од 1931 година повеќе децении бил забранет, да ги рефлектира таквите состојби. Западниот гледач, навикнат на „реализам“ кога е во прашање адресирањето на социјалните прашања на екранот, може да се чуди, па дури и да се подбива. Од друга страна, можеме да жалиме што филмовите на Кен Лоуч го занемаруваат летечкиот удар со нога, тоа „чисто движење кое го одвојува Доброто од Злото и го разоткрива ликот на конечно јасната Правда“.4

*Даниел Парис-Клавел е основач и уредник на списанието ChériBibi, посветено на популарната култура.

1 Летечки удар со нога (flying kick) е удар со нога зададен при скок над појасот.
2. Големиот газда е достапен на ДВД, во интегрална ремастеризирана верзија (HK Video).
3. Филмската трилогија за 36 комора на Шаолинот е достапна во комплет ДВД-а (Wild Side).
4. Роланд Бартс, “Svijet hrvanja”, Mitologije, Naklada Pelago, Zagreb, 2014.

Извор: http://lemondediplomatique.hr