Музичка терапија

02.04.2018 03:08
Музичка терапија

Беверли Херцог и Кејтлин Кели

На 90 години, Беверли Херцог првпат пишува песни.

Еднаш неделно музички терапевт ѝ помага да ги претвори мислите во текстови и потоа да ги испее и отсвири на гитара.

„Не можам да поверувам“, вели Херцог додека седи во својата соба во Еврејски дом во Њујорк. „Седам со отворена уста. И почнувам да сфаќам, а не само да го голтам сето тоа. Не затоа што тоа е песна што ја напишавме заедно туку зашто делува комплетно за сите нас.“

Бидејќи страда од губење на памтењето, Беверли Херцог понекогаш е конфузна. За време на сеансата ѝ рекла на музичката терапевтка Кејтлин Кели дека сопругот Берни доаѓа да ја посети, иако тој веќе не е меѓу живите.

Но, не е конфузна во песната и често детално ја преработува.

„Наместо 'стара сум' треба да стои 'стареам'“, ѝ рекла Беверли на Кели за еден стих во песната „The Song“. „Затоа што сега стареам. А тоа е напорно.“

Музичката терапија, сертифицирана професија во здравството, има околу 7500 терапевти во САД и е сè позастапена во старечките домови и домовите за терминално болни.

Околу 15 проценти од музичките терапевти сега работат на геријатрија, а околу 10 со терминално болни пациенти, покажа минатогодишното истражување на Здружението на американските музички терапевти.

Бројни студии покажаа дека музиката може да го унапреди квалитетот на животот, да го инспирира чувството на мир, духовност и надеж, и да ја намали болката.

Грејс Саливен и Кејтлин Кели

Музичката терапија за оние кои се на залезот од животот вклучува и работа со луѓе како музичкиот терапевт Кристен Огрејди, која работи со терминално болни деца и нивните семејства. Таа им помага на родителите да им пејат на децата, ги снима детските звуци и им помага на родителите да напишат и да снимат приспивни песни.

„Кога зборуваме за работа со луѓе кои умираат, зборуваме за загуба“, вели Огрејди. „Но, музиката е креативен процес. Па директно му се спротивставуваме на чувството за загуба.“

Во Еврејскиот дом кој има 735 штитеници, Кели често ја повикуваат кога ќе се процени дека на пациентите им останале шест месеци живот или помалку, за да им помогне да си го средат животот и за да добијат поддршка.

Во текот на работата со Грејс Саливен која има 102 години и слабо слуша, Кели ја прашала дали сака да слушне некоја музика. „Нешто нежно и тивко“, промрморела и Кели ѝ ја отпеала „Que sera, sera“.

Таа и другите музички терапевти кои работат со луѓе што се пред умирање често свират музика од времето кога нивните клиенти биле млади за да ги пренесат во времето кога биле здрави. Роднините кои присуствуваат на сеансите често се шокирани.

Џефри Шектер (44), чија мајка Џојс починала во Еврејскиот дом во октомври, се присетил на една од последните посети кога Кели ѝ отсвирела еврејска народна песна која Шектер ја сакала. Тој ден не реагирала на ништо.

„Тогаш Кели почна да пее 'Хава Нагила' и мајка ми ѝ се придружи, и таа сила доаѓаше од некое тајно место додека пееше“, се присети тој. „Стоев и го снимав тоа. Изгледаше како да не може да не се придружи. Се расплакав зашто долго не бев видел таква енергија“, додаде тој.

Тоа е спомен кој го памети.

„Се сеќавам дека тој ден отидов дома мислејќи дека, ако тоа е последен пат да ја видам мајка ми, подобро не можеше да биде.“

Извор: New York Times

ОкоБоли главаВицФото