Мајкл Раковиц пресоздаде скулптура уништена од ИСИС за Трафалгар сквер во Лондон

11.04.2018 00:30
Мајкл Раковиц пресоздаде скулптура уништена од ИСИС за Трафалгар сквер во Лондон

Мајкл Раковиц, „Невидливиот непријател не треба да постои“ (2018), на Четвртата плинта

ЛОНДОН - Најновата инсталација на современа јавна уметност на Четвртата плинта (The Fourth Plinth) на Трафалгар сквер е со најизразено чувство за ургентност, најпотрсна, и политички најотворена реализација за Плинтата до денес. Откриено на 28 март, делото „Невидливиот непријател не треба да постои“ на Мајкл Раковиц (Michael Rakowitz, The Invisible Enemy Should Not Exist, 2018) е рекреација на една од камените статуи - наречени ламасу – што наликуваат на крилест бик со човечки белези, кои ги чувале портите на античкиот град Нинива. Во 2015 година, милитантите на ИСИС се снимија додека го уништуваа ликот на скулптурата од 700 година п.н.е., за време на екстензивна уништувачка кампања, што вклучуваше и палење на книги, ограбување на Музејот во Мосул и други институции, таргетирајќи ги древните и најскапоцените културни артефакти во Ирак. Овде, Раковиц, американец со потекло од Ирак, го претстави нивниот дух во форма на реплика изградена од повеќе од 10.000 празни конзерви од ирачки сируп од урми, чии светли бои блескаат низ тмурната лондонска атмосфера - остар контраст со бледиот камен на изгубениот оригинал.

Дизајнирана од страна на Сер Чарлс Бери во 1841 година за коњаничка статуа, во склад со соседните три други на плоштадот со фонтани пред Националната галерија, четвртата плинта останала празна откако пропаднало финансирањето на скулптуралниот портрет на кралот Вилијам IV (1765-1837). Во 1998 година, Кралското друштво за поттикнување на уметностите, производството и трговијата (Royal Society for the Encouragement of Arts, Manufactures, and Commerce) го искористиле за привремени дела, а одговорноста за креирање на програмата потоа во 2005 година била пренесена од Вестминстерскиот градски совет на Канцеларијата на градоначалникот на Лондон. Оттогаш, програмата постојано ги зголемуваше амбициите. Неодамнешни истакнати дела се „Едниот и другиот“ на Eнтони Гормли од 2009 година (Antony Gormley, One & Other, 2009), при што граѓаните се редеа за на плинтата да направат што сакаат во текот на еден час или „Нелсоновиот брод во шише" на Јинка Шонибаре од 2010-12 година (Yinka Shonibare, Nelson’s Ship in a Bottle, 2010–12), што ја поврзува африканската колонијална историја со Нелсоновиот столб кој е во близина. И најскоро, го видовме „Навистина добро“ на Дејвид Шригли од 2016-18 година (David Shrigley, Really Good, 2016–18), исправен бронзен „палец“ со абнормален продолжеток, имитирајќи ги бронзените статуи околу, наспроти значењето кое го носи – мрачен британски смисол за потсмев, што стана смешно побрзо од времето потребно за да се објасни.

„Невидливиот непријател не треба да постои“ е дел од истоимениот долгорочен проект, преку кој Раковиц се обидува да ги реконструира сите предмети, околу 7.000, за кои се знае дека биле украдени од Националниот музеј на Ирак, по инвазијата предводена од САД во 2003 година. Голем дел од нив беа изложени до почетокот на март во Музејот на современа уметност во неговиот роден град Чикаго, и се слично направени од секојдневно употребувана амбалажа и отпадоци. Меѓу нив е и реплика на „Портата на Иштар“ во Вавилон, која сега е и самата реплика нарачана од Садам Хусеин за да го замени изгубениот оригинал. Скромноста на материјалите од кои се изработени овие реплики комуницира со еден вид залудна, но итна желба да се врати назад заедничката културна историја на човештвото со истото забрзано темпо со кое беа изгубени. Самото ткиво на историјата се брише пред нашите очи и Раковиц одлучува да не го оплакува, туку да предизвика алтернативни реакции кај гледачот – било што друго освен безутешно прифаќање.

Изработката на „Невидливиот непријател не треба да постои“ на Мајкл Раковиц (2018)


Ламасу на Четвртата плинта упатува и на друга димензија на ирачката култура и човештвото преку прекривањето со урмини конзерви. Како и десеткувањето на историските локалитети што започна со бомбардирањето, инвазијата и окупацијата предводени од САД, а сега продолжува и од ИСИС, проектот укажува на осакатување на ирачката индустрија за производство на урми (по нафтата, вториот по големина извозен производ во земјата). Милиони ирачки урмини палми се претворија во изгорена земја. Раковиц, исто така, користеше урми за да ги претстави маките на бегалците во неговиот проект „Враќање“ (Return), испорачувајќи урми директно од Ирак во САД, пратка која била задржана од ексцесивните бирократски формалности на САД, се расипала во транзит и се изгубила – потресно резиме на несреќните талкања на многумина од оние што бегаат од земјите разурнати во војна.


Детал снимен при изработката на „Невидливиот непријател не треба да постои“ 

Освен нејзината моќна и актуелна политичка агенда, скулптурата на Раковиц е пожива и ангажиран објект од претходниот, строг обид да се потенцира уништувањето на артефактите: во 2016 година, 3D-печатена реплика на Триумфалната арка во Палмира, Сирија, уништена од ИСИС, привремено беше изложена на Трафалгар сквер. Просечниот гледач на скулптурата на Раковиц ќе има корист ако дополнително прочита за уметникот; употребата на чинии што некогаш биле во сопственост на Садам Хусеин за да послужи традиционално ирачко јадење во Менхетен за неговото дело „Плен“ (Spoils)" од 2001 година, претставува особено провокативна демонстрација на неговиот изразито политички хумор.

Во споредба со елегантната 3D-печатена реплика на Арката од Палмира во 2016 година, „Невидливиот непријател не треба да постои“ го носи печатот на индивидуалната борба на уметникот со кризата на сликите и го прави уште повеќе провокативно и помоќно дело на јавната уметност. За уметник чие семејство избегало од Ирак и да доживеат како нивната нова татковина ја напаѓа старата, мисијата на Раковиц е впечатлива. Неговиот избор да ја пополни плинтата која гледна кон Вајтхол (Whitehall) на местото каде што одлуката на Британија за инвазија врз Ирак беше контестирана се чини некако природен во актуелната политичка клима.

„Невидливиот непријател не треба да постои“ од Мајкл Раковиц ќе биде изложен на Четвртата плинта на Трафалгар сквер (Централен Лондон, Велика Британија) до март 2020 година.

Фотографии: Готје ДеБлонд (за Канцеларијата на градоначалникот на Лондон)

Извор: hyperallergic.com
  

Слични содржини

Јавни простори / Свет / Уметност
Јавни простори / Уметност / Историја
Јавни простори / Уметност
Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Јавни простори / Свет / Уметност / Историја
Јавни простори / Уметност

ОкоБоли главаВицФото