Почина легендарниот Милош Форман

14.04.2018 11:01
Почина легендарниот Милош Форман

На возраст од 86 години, по кратко боледување, вчера во САД почина легендарниот режисер Милош Форман.

Тој ја напушти родната Чехословачка заради креативна слобода и во Холивуд ги создаде ремек-делата како „Коса“, „Лет над кукавичјото гнездо“ и „Амадеус“,

Форман е познат и по биографските филмови за двајца контроверзни Американци „Народот против Лари Флинт“ и „Човекот на Месечината“.

Роден е на 18 февруари 1932 година во местото Часлав во близина на Прага, како Јан Томас Форман. Неговите родители биле убиени во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц и Форман поголем дел од детството минал во дом за деца без родители.

Во 50-те години на минатиот век почнува да се занимава со снимање филмови, како еден од претставниците на „златната генерација на чехословачката кинематографија“. Тој режираше серија признати, но контроверзни филмови за тогашниот комунистички режим во Чехословачка, вклучувајќи го и „Љубов на една русокоса“, што беше номиниран за Оскар за најдобар странски филм.

Во 1968 година за време на советската воена интервенција во Чехословачка, Форман се наоѓа во Париз, од каде емигрира за САД и во 1975 година добива американско државјанство.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото