Хелсиншки: Нелегално се депортираат мигранти, полицијата продолжува со прекумерната сила

18.04.2018 02:00
Хелсиншки: Нелегално се депортираат мигранти, полицијата продолжува со прекумерната сила

Малолетни бегалци и мигранти исчезнуваат поради недоволен надзор од надлежните, а не престануваат и случаите во кои полицијата користи прекумерна сила.

Група мигранти 12 пати била префрлана помеѓу српската и македонската граница. Малолетни бегалци и мигранти кои патуваат без придружба исчезнуваат поради недоволен надзор од надлежните, а не престануваат и случаите во кои полицијата непотребно користи прекумерна сила. Ваквите случаи го покажуваат односот што државата го има кон овие луѓе, укажува професорот Трпе Стојановски.

„Дигни ја границата и мислиш си го решил проблемот“, рече тој.

Стојановски е истражувач за потребите на Годишниот извештај за 2017 година на Хелсиншкиот комитет, кој се однесува на правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил во Република Македонија.

Според него, иако се забележува подобрување, тоа не значи дека државата ги достигнала стандардите што треба да ги има во случај повторно да се соочи со бегалска криза како пред две години.

„Наш проблем во Македонија е тоа што прилично слабо и некомпетентно се користат искуствата од вакви состојби, почнувајќи од 1999 година, потоа во 2001, 2003, и следните кризи… Веројатно таа кратка меморија е состојба којашто доведува многу често да импровизира, да не се учи од сопствените грешки“, смета професорот Стојановски.

Сепак, позитивно е тоа што се создала мрежа на партнерства, вели тој.

„Клучниот проблем што го имаме е односот на државните институции кога се соочуваат на граничната линија со мигрантите и бегалците коишто доаѓаат и влегуваат, или се обидуваат да влезат на територијата на Македонија“, нагласува Стојановски.

Додава дека првата линија на која може да се воспостави ред на балканската рута е македонско-грчката граница. Затоа, смета тој, се повеќе земји од Европската Унија концентрираат свои сили, експертизи и средства.

Годишниот извештај на Хелсиншкиот комитет забележува дека се спроведуваат нелегални депортирања на мигранти кон Србија, без притоа да се започне официјална постапка во соработка со грчките безбедносни служби. Потоа, не се земаат предвид индивидуалните околности, а не се издавале ниту официјални службени документи.

Авторката на извештајот Елена Брмбевска потсети дека донесувањето на Националната стратегија, која како документ треба да ги дефинира должностите на државата кон овие лица, но и да ги подобри нивните услови и да поттикне интеграција, веќе доцни повеќе од една година од предвидениот рок.

„Општествената дебата, пак, која се покрена во периодот кога се презентираше стратегијата беше злоупотребена од политичките партии за време на предизборниот и изборниот период, исполнета со ксенофобија“, рече Брмбевска, апелирајќи Националната стратегија итно да биде донесен.

„За жал се уште има случаи и во 2018 година кога полицијата постапува со прекумерна и несоодветна сила“, забележува таа.

Затоа, една од препораките на Хелсиншкиот комитет е при секое полициско постапување без разлика на околностите, да се извршува во рамки на законот, по овластување, а силата да биде сразмерна на ситуацијата.

Како друг проблем кој се јавувал изминатиот период, го посочи недоволното внимание кое им се посветува на малолетните бегалци и мигранти кои патуваат без придружба.

„Надзорот е многу мал, не се посветува доволно внимание во состојбата во камповите. Во некои случаи им се губи целосно трагата, односно имавме забележано случај каде што непридружуван малолетник во кампот исчезнал, без притоа никој одговорен да знае каде е или каде продолжил со патување. Ова е загрижувачки земајќи ги предвид ризиците на кои што се изложени тие деца во текот на своето патување – опасноста која се јавува од криумчарските групи, од трговијата со луѓе“, истакна таа.

Според извршната директорка на Комитетот, Уранија Пировска, светот и покрај тоа што декларативно се заложува, во реалност, не ги прифаќа луѓето коишто бегаат од своите земји за да си го спасат својот живот.

„Сето она што означува темел на Европската Унија, во реалност не се рефлектираше од многу земји членки на ЕУ и секако за жал, и кај нас, каде што бевме сведоци на грубо прекршување на човековите права, прекумерна сила на којашто бевме лично ние сведоци, претрпени трауми, и едноставно неовозможување на услови за бегалците и мигрантите да можат достоинствено да престојуваат во нашата земја“, рече Пировска.

Таа потенцираше дека во првите месеци од кризата, првата пружена рака со помош дошла од хуманитарните организации, додека за искуството со институциите го опиша како секојдневна битка.

„Јас се надевам дека доколку Македонија се соочи повторно со ваков предизвик, дека одговорот ќе биде понаков. Сепак, ние сме тука да мониторираме, коригираме и да ги зацртуваме границите до каде власта може да ја применува нејзината моќ“, заклучи Пировска.

Извор: Радио МОФ