Верица Ковачевска ја освои наградата ДЕНЕС за млад уметник

26.04.2018 00:56
Верица Ковачевска ја освои наградата ДЕНЕС за млад  уметник

Македонската уметница Верица Ковачевска е добитничка на наградата ДЕНЕС за млади визуелни уметници до 35 години во Македонија, која се состои од двомесечен престој во Њујорк, во „Residency Unlimited“.

Добитничката беше прогласена на отворањето на изложбата (25 април, МКЦ) на четирите финалистки за наградата ДЕНЕС: Верица Ковачевска, Наташа Неделкова, Анастасија Пандиловска, Ивана Сиџимовска.

Ковачевска се претстави со делото „Куќата во која пораснавме“, кое ја раскажува приказната за монтажните куќи изградени во Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Иако го надминале своето однапред предвидено времетраење, овие куќи сега, полека но сигурно исчезнуваат. Со својата единствена без авторска архитектура, тие го обликуваа градот и животот на три генерации луѓе, вклучувајќи го и тој на авторката.

Верица Ковачевска (1982, Скопје) дипломирала на одделот за визуелна уметност со театар и перформанс на Универзитетот во Плимут во 2004 год. и магистрирала на уметност, култура и образование на Универзитетот во Кембриџ во 2007 год.
Досега има учествувано на голем број меѓународни иэложби и фестивали меѓу кои Манифеста 11, Кабарет Волтер (Цирих); Ре.акт.феминизам #2 - Перформативна Архива, Фондација Антонио Тапиес (Барселона) / Музеј на современа уметност (Роскилде) / Академија за уметност (Берлин); 4то Биенале на современи уметности (Москва); 255 804 км2, ХилгерБрот Кунстхале (Виена); Видео.ит, Фондација Мерц (Торино); Белград: Неместа, Музејот за современата уметност (Белград). Во нејзините самостојни изложби се вбројува Секојдневна уметност, Уметноста на секојдневието, Музеј на современа уметност (Скопје).

Членови на жири: Лора Рајковиќ, писателка и уметничка работничка, до неодамна директорка на Квинс Музејот во Њујорк и една од најзначајните политички уметнички работници во светот, Валентина Коча, основачка и директорка на ЗЕТА Галеријата за современа визуелна уметност во Тирана, Маја Чанкуловска - Михајловска, критичарка, истражувачка и кураторка во Националната галерија на Македонија, Зорица Зафировска, визуелна уметничка и добитничка на награда ДЕНЕС и Славица Јанешлиева, професорка при Факултетот за ликовни уметности, Скопје.

На конкурсот за наградата се пријавиле 20 млади уметници.